Насловна / Вести / Колку ја чини Европа загадувањето со вечните хемикалии

Колку ја чини Европа загадувањето со вечните хемикалии

Пер-и полифлуороалкилните супстанции (PFAS), познати како вечни хемикалии, опфаќаат повеќе од 10.000 синтетички соединенија кои поради исклучителната постојаност речиси и не се разградуваат во природата. Токму затоа, тие денес се присутни насекаде – во водата, во земјиштето, воздухот и организмот на човекот, со сериозни последици по здравјето. Според една студија на Европската комисија, само здравствените трошоци поврзани со PFAS во 2024 година изнесувале речиси 40 милијарди евра, со дополнителни 3,8 милијарди евра за санација на земјиштето и водата. Доколку не се превземат одлучни мерки, вкупните трошоци за загадувањето со PFAS би можеле до 2050 година да достигнат околу 450 милијарди евра. Целосната забрана за производство и употреба на овие супстанци се покажува како долгорочно најповолна опција. Сепак, се поставува прашањето кој ќе ги сноси трошоците за ова загадување.

Од електронските уреди и бои, до козметика и други секојдневни производи, PFAS се користат поради своите водоотпорни и заштитни својства. Бројни студии ги поврзуваат PFAS, со канцер, висок холестерол, болести на штитната жлезда, оштетувања на црниот дроб, астма, алергии. Постојат докази дека ја намалуваат плодноста, како и дека имааат врска со бројни проблеми кај новороденчињата, вклучувајќи и смртност. Низата негативни здравствени исходи и штетни влијанија врз животната средина имаат и сериозни импликации врз економијата.

Извештајот насловен „Примена на принципот загадувачот плаќа за PFAS загадувањето (How to apply the polluter-pays principle to the PFAS pollution crisis), кои го објавиле Polluter-Pays Principle Observatory, ClientEarth, European Environmental Bureau и Center for International Environmental Law, покажува дека PFAS кризата не може да се реши без доследна примена на принципот „загадувачот плаќа“.  Авторите истакнуваат дека денес трошоците за PFAS загадувањето главно се префрлаат на граѓаните и јавните буџети. Според нивната анализа, не постојат ефикасни механизми кои би ги обврзале производителите и корисниците на PFAS да ги сносат трошоците за превенција, мониторинг, санација и здравствените последици од загадувањето. Како решение се предлага широка примена на принципот загадувачот плаќа, вклучувајќи ја и одговорноста за историското загадување и загадувањето кое формално било дозволено, со проширена одговорност на производителот долж целиот синџир на вредности. Меѓу конкретните мерки се наведуваат и даноци и надоместоци за производството и испуштањето на PFAS, фондови за санација и задолжителни осигурувања. Извештајот заклучува дека примената на овој принцип мора да оди паралелно со постепеното укинување на PFAS, бидејќи вистинските здравствени ризици и еколошки трошоци на овие хемикалии повеќекратно ја надминуваат нивната пазарна вредност.

Испрати коментар

Scroll To Top