Насловна / Вести / Кинеските научници развија цемент кој сам се лади и ги рефлектира сончевите зраци

Кинеските научници развија цемент кој сам се лади и ги рефлектира сончевите зраци

Научници од Кинескиот југоисточен универзитет развија иновативен градежен материјал кој не апсорбира, туку ја распрснува сончевата светлина, овозможувајќи значително намалување на температурата во текот на денот. Овој напреден цемент, познат како „суперладен цемент“, покажал исклучителна механичка отпорност и стабилност дури и во најтешки надворешни услови – од УВ зрачење до замрзнување и корозивни течности.

Тестовите потврдиле дека материјалот успева да ја намали температурата за 5,4°C во тек на најжешкиот дел од денот, кога сончевото зрачење е околу 850W/m2. Во реални услови, на покривите на зградите, при надворешна температура од 38,4°C, површината обложена со овој цемент била 5,4 степени поладна од околината.

Оваа технологија користи „метаповршини“ – софистицирани микроструктури на површината на цементот кои овозможуваат висока рефлексија на светлината и ефикасно емиитување на топлина. Со ова цементот се трансформира во материјал кој служи и како структурен и како разладен елемент, погоден за кровови и фасади.

Научниците прво го промениле хемискиот состав на основниот градежен материјал, клинкерот, со цел да добијат структура што ефикасно ја рефлектира светлината. Процесот понатаму вклучува примена на притисок за производство на цемент со функција на ладење.

Истражувањето објавено во списанието Science Advances открива дека комбинацијата од рефлектирачки кристали и хиерархиски пори обезбедува висока рефлективност од 96,2% и емисивност од 96% во инфрацрвениот спектар. Овие својства му овозможуваат на цементот да функционира како „црно тело“, кое ефикасно ја емитува акумулирана топлина.

Дополнителна предност на овој материјал е неговата робусност – исклучителна отпорност на компресија, свиткување, абразија и лепење. Покрај тоа, цементот покажува пластичност, прилагодливост на сложени форми, како и амфифобност, што го прави отпорен на вода и масло.

Економичноста на производство и можноста за масовна примена му даваат на овој материјал значителна предност во споредба со другите решенија. Според зборовите на водечкиот истражувач Гуо Лу, овој цемент би можел да донесе значителни заштеди на енергија во урбаните средини и да претставува важен чекор во борбата против климатските промени.

Благодарение на можноста да се користи дури и кај конвенционалниот портланд цемент, новата технологија има потенцијал да биде широко применета во градежната индустрија, менувајќи го начинот на кој ги градиме и ладиме нашите згради.

Испрати коментар

Scroll To Top