Насловна / Архитектура / Како инфраструктурата може да стане дел од парк и урбаниот пејзаж

Како инфраструктурата може да стане дел од парк и урбаниот пејзаж

Замислен како градски пејзаж инспириран од градините со лотос и кинеските просторни традиции, овој интересен проект се наоѓа на северниот крај од паркот Honghu, во округот Luohu во Шенжен.

Паркот е проектиран од локалното студио NODE Architecture & Urbanism, а многу забележливо е дека една од целите на проектот била тивко да ја поврзе потребната инфраструктура со секојдневниот живот на граѓаните на овој мултимилионски град.

Позадина и историја

Паркот Honghu е градски парк кој е тематски поврзан со лотосот, а е познат по своите мочуришни чемпреси (латински: Taxodium distichum) и јата бели чапји.

Завршен и отворен во 1985 година, оваа локација не е само еден од првите паркови изградени по воспоставувањето на Специјалната економска зона Шенжен, туку и еден од најважните урбани паркови за неговите граѓани.

Планирано подобрување на водното опкружување

За да се решат проблемите со водната средина што предизвикувале загриженост, во 2015 година, градот го објавил Планот за контрола и подобрување на квалитетот на водата во Шенжен, со проценета инвестиција од 11,5 милијарди долари, кои би се вложиле во подобрување на водната средина.

Планот вклучува изградба и проширување на 19 постројки за третман на отпадни води, подобрување на 24 постоечки и забрзани иницијативи за ревитализација на реките.

Новоизградената постројка за пречистување на вода во паркот Honghu, е еден од клучните проекти во рамките на Планот, користи водечка целосно подземна технологија за пречистување, а со проектот е обновен и површинскиот пејзаж на околу 3,24 хектари, објасниле од NODE Architecture & Urbanism.

Постројката е во состојба да прочисти околу 18 милиони кубни метри отпадни води годишно.

Прилагодување на теренот

На северната страна, водните елементи служат за компензација на висинските разлики, додека за време на поплавните бранови, нивото на реката Buji се крева на западната страна од локацијата.

Кога ќе достигне одредено ниво, водата се влева во езерото Honghu, каде што се формира подрачје за задржување на поплавите, намалувајќи го покачувањето на нивото на водата.

Бидејќи локацијата се наоѓа на низок терен, во зоната на поплавниот канал, безбедносната проценка ја дефинирала висината на теренот за заштита од поплави: 12,4 метри за стогодишни и 13,4 метри за двестегодишни води.

Уредувањето на пејзажот морало да го подобри просторот, но и да ја одржи функцијата на поплавниот канал како „тампон зона“.

Пречистување на водата

Пречистителната станица Honghu, на парцела од 1,67 хектари, е изградена во две фази. Техничкиот дел е целосно подземна двојна рамковска конструкција со капацитет за прочистување од 50.000 кубни метри дневно во првата фаза, односно 100.000 кубни метри долгорочно.

Пречистената вода се користи за обновување на еколошкиот пејзаж на паркот Honghu и реката Buji. Подземните објекти, вклучувајќи ги системите за вентилација и противпожарните системи, претставувале посебен предизвик во проектирањето на површинскиот пејзаж, бидејќи видливите елементи морале естетски да се интегрираат во паркот.

Иако тимот архитекти бил ангажиран само за уредување на пејзажот, било потребно детално да се разбере техничката логика и процесите на пречистување.

Пејзажот е тесно поврзан со подземниот објект и барањата за контрола на поплави. Целта била да се создаде естетски и социјално пријатен јавен простор, а не само функционален пејзаж.

3Д апстракција на лотос

Поставени се 13 отвори за вентилација со различни големини, од кои некои содржат скали за евакуација. Највисокиот отвор за вентилација, висок речиси 16 метри, дизајниран е како 3Д апстракција на лотос, со што е создаден јавен уметнички елемент и орјентир во паркот.

Другите отвори за вентилација со различни димензии вклучуваат патеки и платформи за посетители, а малите се користени за природна вентилација и озеленување.

Северниот подземн објект е планиран како канцелариски простор, но преку пејзажното уредување создадена е атрактивна јавна градина и изложбен простор, овозможувајќи комбинација од едукација, јавна употреба и естетско доживување.

База на водена култура Лотус во Шенжен

Проектот траел четири години, во текот на кои учесниците морале да балансираат помеѓу техничките барања, естетските и социјалните потреби, како и разните барања на заинтересираните страни, како што се владини органи, управата на паркот, оператори итн.

Кога е финализиран, проектот е оценет како успешен, а завршувањето ја означило трансформацијата на инфраструктурниот објект во пријатно и церемонијално место за јавна употреба и едукација.

По завршувањето на изградбата, проектот е преименуван во „База на водена култура Лотус во Шенжен“.

Испрати коментар

Scroll To Top