Насловна / Архитектура / Исламски верски културен центар во Љубљана

Исламски верски културен центар во Љубљана

Новиот Исламски верски културен центар во Љубљана на проектантското студио Бевк и Перовиќ  е можеби проект, којшто изминатата декада дигна најмногу прав, и истовремено проект, којшто со својата архитектура од дигнатиот прав на суптилен начин создаде квалитетно културно јавно добро.

01_ljubljana_islamic-religous-cultural-center_schreyerdavid_resize

На деградирана локација близу центарот на Љубљана, Исламскиот верски културен центар генерираше простор кој успеа да ги задоволи сите зададени просторни задачи.

Одлуката за поставувањето објект од овој тип за прв пат во една доста хомогоена верска и урбана култура е секако политичка, но пристапот кон проектот и начинот на којшто тој проект се реализираше беше сосема професионален. Токму тоа е она на коешто би сакал да се осврнам во следниве пасуси, без поголемо навлегување во спомнатата прва категорија. За задоволувањето на потребите на исламската заедница  градот Љубљана, политичката јавност и професионалната фела како одговор успеаја да организираат отворен меѓународен анонимен архитектонски конкурс за изнаоѓање на најдоброто проектно идејно решение.

02 ircc - urban setting_resize 01 ircc - site - concept sketch

Пред 10 години, во 2011 година за конкурсот одлучуваше мешана и внимателно избрана комисија предводена од професорот Јанез Кожељ (архитект и заменик- градоначалник на Љубљана): претставници на Исламската верска заедница, деканот и професори на Архитектонскиот факултет во Љубљана, претставници на Урбанистичкиот завод, претставници на Заводот за заштита на културното наследство, деканот на Архитектонскиот факултет во Сараево, претставници на архитектонски установи (директорот на Музејот за архитектура и дизајн), претставници на инвеститорот (претставник на државата Катар)… Како една од клучните точки во заклучната изјава на оценувачката комисија е описот на избраниот проект, како решение коешто претставува „најадекватна синтеза на двата културни аспекти и вклучува најмногу добри делови на решенија од нему сродни проекти“.

02_islamic-religous-cultural-center_schreyerdavid_resize

Композицијата на Исламскиот верско културен центар ја творат пет волумени: на надворешниот раб на локацијата се поставени четири волумени, коишто содржат т.н. посветен програм кои го дефинираат и на некој начин го штитат она што е во центарот на комплексот. Поставувањето на џамијата во центарот на „гроздот“ од згради, произлегува првенствено од претпоставката за анонимноста на локацијата. Начинот на поставување на градбената „гмота“ со пропратниот секојдневен програм на периферните објекти му обезбедува примерен простор на централниот сакрален објект. Празниот простор меѓу објектите твори повеќе отворени плоштади за поинакво доживување на најсветите моменти на ансамблот. Кубусот на џамијата и фасадите на објектите свртени кон неа се облечени во геометриска мрежа која на ново ја реинтерпретира традиционалната мушарабија на традиционалната исламска архитектура. По ефектот што го создава можеби потсетува на фасадата на Исламскиот културен центар од Жан Нувел во Париз.

03_islamic-religous-cultural-center_schreyerdavid__resize

Сакралноста на објектот на џамијата е прикриена, но заради тоа не и помалку моќна. Нетипичната иконичност на објектот во себе содржи мистична и краткотрајна двојност – таа се губи веднаш кога ќе го апсолвирате просторот. Куполата, иако навидум заробена во конструкциската реинвентирана исламска геометриска матрица е неизбежно присутна и нејзиниот ефект е изразито моќен – во даден поглед таа претставува реминисценција на традиционалниот молитвен шатор.

06_islamic-religous-cultural-center_schreyerdavid_resize

Поврзаноста со исламската архитектура е повеќеслојна, иновативна и убедлива во својата реинтерпретација. Кубусот на џамијата со димензии 32/32/24 метри, изработен е од конструктивна бела, челична мрежа. Во долниот дел е присутен масивен ѕид, кој продолжува во застаклен горен дел и касетиран плафон. Во внатрешноста на молитвениот простор на џамијата е обесена сина транспарентна ткаенина во форма на внатрешна купола, којашто го претставува небесниот свод.

04_islamic-religous-cultural-center_schreyerdavid_resize

Програмот на комплексот вклучува културен центар со библиотека, медреса, административен програм, станбен дел за вработените во заедницата, ресторан, подземен паркинг за 300 автомобили и се разбира, во самиот центар, џамија со молитвен простор и минаре со височина од 44 метри. Внатрешниот простор на џамијата во месеците со подобро време има можност за проширување кон надворешниот простор на плоштадот пред влезот, којшто пак е доволно интимен да биде и молитвен простор.

05_islamic-religous-cultural-center_schreyerdavid_resize

Употребата на материјалите е типична за проектантското студио Бевк и Перовиќ: видлив бетон во светлосив, скоро бел тон, терацо под и од терацо изработени санитарни елементи, употреба на дабово дрво во ентериерот, дрвени прозорци, што повеќе вградени елементи и опрема, вградени светилки… Исчистените форми и минимализмот на Бевк и Перовиќ се токму тоа што ја прави оваа архитектура исклучително монументална, современа и вонвременска. Тоа е и причината зошто во моментов Исламскиот верски културен центар во Љубљана е кандидат за една од најпрестижните архитектонски награди на фондацијата „Мис ван дер Рое“.

Автор: Огнен АРСОВ, дипл. инж. арх.

(Специјално за Порта 3 од Љубљана)

Фотографии: Давид Шрејер

IVKC - floor plan IVKC - section 190920142.1_xl_resize

5e390d04a158d_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top