Насловна / Вести / Аеродром ќе има општинска компостара за третман на биоотпад

Аеродром ќе има општинска компостара за третман на биоотпад

Општина Аеродром во соработка со МаМаОргана, една од членките на Зелен хуман град, почнува со третман на биоотпад на подрачјето на Аеродром.

Во рамките на проектот „Природно ѓубриво: Решение за отпадот и климатските промени“ ќе се направи општинска компостара во која биоотпадот ќе се преработува по највисоки еколошки стандарди со иновативни технологии.

kompostara

Како што информираат од Зелен хуман град компостарата работи на аеробен принцип – не испушта метан, а за резидуите на ЦО2 и други гасови се користат најсовремени биофилтри. На овој начин се елиминираат сите услови за создавање непријатни мириси и аерозагадување.

Во првата фаза е предвидена преработка на комуналниот биоотпад што се создава на јавните површини (паркови, плоштади и сл.) и во јавните установи (градинки, училишта итн.), а по едукација на населението, во втората фаза ќе се почне и со компостирање на биоотпадот што се создава во домаќинствата.

Компостарата има дневен капацитет за преработка на два тона биоотпад, со можност овој капацитет да се надградува. Како краен продукт се добива високонутритивен компост со кој ќе им се помогне на земјоделците и урбаните градинари во одгледувањето на нивните билки.

kompostara1.јпг

Проектот директно ќе влијае на намалување на обемот на отпад во општината (во комуналниот отпад има 60 – 80 отсто биоотпад), намалување на трошоците за одлагање и транспорт, намалување на количината на стакленички гасови во атмосферата, а воедно Општината ќе се доближи и до целта „Нула отпад“

“Со ова Аеродром станува прва скопска општина која ќе третира и преработува биоотпад. Во оваа прилика го повикуваме Градот Скопје под чијашто надлежност е третманот на отпадот во градот веднаш да започне со процес на поставување компостари за биоотпад. Ги повикуваме и другите локални самоуправи да развиваат вакви проекти за решавање на горкото прашање за справување со отпадот на најпаметен начин со цел конечно да се стави крај на загадувањето на воздухот, водата и почвата од депониите. Скопје мора да се развива паметно и одржливо“, велат од Зелен хуман град.

Предлогот на Зелен хуман град изгласан на платформата МојГрад за поставување компостари во секоја општина, беше одбиен од Советот на Град Скопје.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top