Насловна / Вести / Иднината се креира на Исток

Иднината се креира на Исток

Иднината повеќе не се дизајнира во Силиконската долина. Најголемата технолошка револуција во светот моментално се случува во Кина. Земјата има за цел да стане технолошка суперсила до 2026 година, а тоа не е само сон, објавува Tradeon.tv.

Ова повеќе не е Кина каква што мислите дека ја познавате. Замислете роботизирани градови и футуристички згради кои како да се појавиле директно од научнофантастични филмови.

Кина веќе доминира во глобалниот извоз, но нејзината технолошка игра е она што остава без здив, објавува Evolvita.

Земја која некогаш заостануваше зад Западот во многу аспекти на технологијата, економијата и општетвениот развој, денес се смета за технолошки гигант, земја на иновации и извонреден економски раст.

Од индустријализација до вселенски истражувања, Кина помина пат од стагнација до доминација, а во некои сектори сега е пред Америка и Европа.

Некогаш се сметаше дека Кина засекогаш ќе заостанува зад Западот. Сепак, оваа голема земја сега е сила која не само што држи чекор, туку зазема и лидерска позиција во многу области. Од напредни железници до квантни компјутери, Кина ја обликува иднината на светот побрзо отколку што некој можеше да замисли.

Made in China

До крајот на 20 век, западните земји имаа напредно производство, додека кинеската индустрија се базираше на застарени советски модели од 1950-тите. Нејзините производи беа познати по низок квалитет, а нејзината економија зависеше од земјоделството.

Денес, Кина не само што стана „светска фабрика“, туку доминира и во многу индустрии, вклучувајќи електроника, машинско производство и вештачка интелигенција. Вицот вели дека трите најчитани зборови во светот се „Made in China“.

Некогаш кинеските компании воглавном копирале западни технологии и произведувале евтини копии од познати брендови, додека Силиконската долина беше неприкосновен лидер во информатичката технологија. Денес, меѓутоа, компании како Huawei, Tencent и Alibaba станаа светски лидери во вештачката интелигенција, интернет мрежите и квантните компјутери.

Неодамна, кинескиот стартап DeepSeek предизвика возбуда на пазарот на вештачка интелигенција (ВИ), развивајќи модел кој може да парира на американските гиганти како OpenAI, но со значително пониски трошоци и помала потрошувачка на компјутерска моќ, пишува The Guardian.

До почетокот на 2000-тите, Кина претежно увезуваше автомобили или ги склопуваше по западни лиценци. Денес, ситуацијата е сосема поинаква – Кина стана најголем светски производител на електрични возила, а нејзините брендови, како што е BYD, сега се натпреваруваат со Tesla.

Со глобалните финансии некогаш доминираа западните банки и берзи. Шангајската берза денес е една од најмоќните во светот, а дигиталните плаќања како што се Alipay и WeChat Pay се далеку пред западните алтернативи во однос на иновациите и ефикасноста.

Квалитет на живот

Науката и истражувањето некогаш беа речиси исклучиво домен на западните универзитети и институти. Повеќето од врвните научни трудови доаѓаа од САД и Европа, додека кинеските истражувачи честопати мораа да студираат и да работат во странство.

Денес, Кина инвестира милијарди долари во истражувања во медицината, биотехнологијата, квантната физика и вселенската технологија, а нејзините универзитети заземаат високи места на глобалните ранг листи.

Иако податоците од интернет може да изгледаат како промотивен текст, квалитетот на животот во Кина драстично се промени во последните неколку децении. Многумина сè уште се сеќаваат на униформираните кинески мажи и жени под Мао Це Тунг, облечени во истите темно сини костуми.

Во 1980-тите години, поголемиот дел од населението на Кина живееше во рурални области, со ниски приходи и слаб пристап до здравствена заштита. Кина успеа да извлече стотици милиони луѓе од сиромаштија, изгради модерни паметни градови и стана лидер во „одржливата урбанизација“.

Кина е далеку пред остатокот од светот кога станува збор за паметни градови. Шенжен и Хангжу се примери за тоа како технологијата може да ги трансформира урбаните центри – сообраќајот се контролира со алгоритми за вештачка интелигенција, беспилотните летала доставуваат пакети, а паметното осветлување и зградите користат напредни сензори за оптимизирање на потрошувачката на енергија.

На дното на океанот и во вселената

Кина има напреден подводен компјутерски центар во Лингшуи, во провинцијата Хаинан, опренесува mindwired.ai.

Оваа капсула за податоци долга 18 метри содржи повеќе од 400 сервери со високи перформансни на дното на океанот и се поврзува со клиентските терминали преку крајбрежна станица. Со компјутерска моќ еквивалентна на 30.000 врвни гејмерски компјутери, може да обработи 7.000 разговори со вештачка интелигенција во секунда. Системот користи морска вода за ладење, зголемување на енергетската ефикасност и зачувување на ресурси.

Покрај тоа, Кина планира изградба на длабокоморски истражувачки објект во Јужното Кинеско Море, кој би требало да биде оперативен до 2030 година. Оваа истражувачка станица ќе биде закотвена 2.000 метри под површината и ќе овозможи едномесечен престој за шест научници.

Освен што го освојува океанското дно, Кина се вивна и во вселената. Кинеската вселенска програма некогаш заостануваше далеку зад НАСА и Европската вселенска агенција. Само пред дваесетина години, земјата сè уште развиваше основни ракетни системи, додека западните земји веќе испраќаа бројни мисии во вселената. Денес, Кина има своја вселенска станица Тиангонг, испраќа сонди на Месечината и Марс и развива амбициозни планови за вселенско рударење. Исто така, направи суперсоничен авион што може да ја обиколи планетата за седум часа, батерија на нуклеарен погон што може да држи дрон во воздух 50 години без потреба од полнење, хуманоидни роботи, првиот нуклеарен реактор на ториум наместо ураниум или плутониум, шпионска камера што може да распознае милиметарски детали на растојание од 100 километри…

Железници на иднината

Кина е исто така лидер во развојот на брзи возови, а нивниот MAGLEV воз, кој може да достигне брзина од 600 километри на час, е ново технолошко чудо. Овој воз лебди над шините користејќи магнетна левитација, што го намалува триењето и овозможува исклучително непречено и брзо возење. Кина веќе ја има најдолгата мрежа на брзи железници во светот, со повеќе од 40.000 километри пруги, а планира да ја прошири на дури 70.000 километри до 2035 година, пренесува Viator.

7G безжични мрежи

Додека остатокот од светот сè уште имплементира 5G мрежи, Кина веќе работи на развој на 6G, па дури и 7G технологија. Се очекува 6G мрежите да овозможат пренос на податоци со брзина стотици пати поголема од 5G, што ќе отвори врати за целосно автономни возила, телепортација на податоци и понатамошна имплементација на вештачката интелигенција во секојдневниот живот.

Секако, во Кина не живеат сите со најновите високотехнолошки пронајдоци. Додека мегалополисите како Шангај и Шенжен се технолошки напредни, со паметни згради, автономни возила и роботизирани сервиси, животот во руралните средини е сè уште традиционален, честопати без пристап до најновите иновации. Многу жители сè уште зависат од земјоделството, физичката работа и локалните пазари, создавајќи силен контраст помеѓу урбаниот и руралниот начин на живот.

Дури и во градовите, каде што технологијата доминира во секојдневниот живот, животот не е ист насекаде. На пример, во Пекинг и Гуангџоу има огромни станбени комплекси каде што живеат до 10.000 луѓе во една зграда. Овие структури, честопати со стотици мали станови, личат на вистински градови во мало – со продавници, ресторани, теретани, па дури и училишта во самите згради. За многу жители, особено работниците мигранти, ова е единствениот начин да си дозволат живот во големи урбани центри, каде што цените на недвижностите се екстремно високи.

Испрати коментар

Scroll To Top