Насловна / Вести / Град во кој автомобилите не се добредојдени

Град во кој автомобилите не се добредојдени

Германскиот град Хајделберг е познат како универзитетски и научен центар со богата историја, со најстариот универзитет во земјата, четири институти Макс Планк, Европската лабораторија за молекуларна биологија, како и познатиот замок стар 800 години.

Но, Хајделберг наскоро би можел да стане уште познат како град со нула емисии на стакленички гасови што предизвикуваат глобално затоплување – и град каде автомобилите се исклучок од сообраќајот, а не правило, доколку успее планот на градоначалникот Екарт Вурцнер.

grad

Вурцнер не е против електричните автомобили. Градот им дава субвенција од илјада евра на граѓаните кои купуваат електричен автомобил, со уште илјада доколку инсталираат станица за полнење. Но, електричните автомобили се ниско на списокот со алатки што Вурцнер се обидува да ги искористи за да ги намали емисиите. Проектот на Вурцнер му обезбеди на Хајделберг репутација на пионер во еколошки свесно урбанистичко планирање, пишува Њујорк Тајмс.

grad1

За да го намали присуството на автомобили на градските патишта, Вурцнер купува флота со водородни автобуси, гради мрежа на „суперпатишта“ за велосипеди што би го поврзале градот со предградијата и дизајнирал маала на начин што го обесхрабрува користењето на возилото и охрабрува одење. Жителите кои се откажуваат од автомобилите имаат право на една година бесплатен јавен превоз.

“Ако ви треба автомобил, користете апликации (споделување автомобили). Ако не можете да делите автомобил затоа што живеете премногу далеку и нема јавен превоз, тогаш користете автомобил, но само до трамвајската станица, не до центарот“, рече Вурцнер.

Во исто време, производителите на автомобили сè повеќе се обидуваат да се прилагодат на построгите регулативи за употреба на автомобили со бензин (и дизел) во градовите. General Motors, Ford Motor и Jaguar Land Rover на тој начин ветија дека ќе се префрлат на електрични автомобили оваа година.

Некои европски градови, како што се Стокхолм и Штутгарт, веќе забранија постари дизел возила. Десетици други, вклучувајќи ги метрополите Рим, Лондон и Париз, планираат да го ограничат градскиот сообраќај на возила што не испуштаат гасови во следните десет години.

grad2

И националните влади вршат дополнителен притисок врз производителите и сопствениците на автомобили. Ирска, Холандија, Шведска и Словенија планираат да забранат продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување до 2030 година. Велика Британија и Данска велат дека тоа ќе го сторат до 2035 година, со тоа што само хибридните автомобили ќе бидат дозволени во фаза на транзиција од 2030 до 2035 година. и Франција најавува ваква забрана во 2040 година.

Хајделберг, кој има околу 160 илјади жители, е еден од само шесте европски градови кои организацијата C40 ги сметаат за иноватори. Тоа е организација што промовира урбанистички политики кои нема да придонесат за климатските промени, предводена од поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг. Покрај Хајделберг, на списокот на градови иноватори се и Осло, Копенхаген, Венеција, Амстердам и Ротердам.

grad3

Во Хајделберг, меѓу другите мерки за премин од автомобили во други форми на транспорт, е изградба на мостови, односно надвозници кои ќе им овозможат на велосипедистите лесно да ги заобиколат областите со застој во сообраќајот, без да го делат патот со автомобилите. Во моментов, само околу 20 отсто од жителите на градот користат автомобил за секојдневно движење низ градот, но сообраќајниот метеж сè уште е присутен. Останатите 80 отсто пешачат, возат велосипед или патуваат со електричен автобус.

Градот не се ограничи на повеќе еколошки сообраќај, но исто така ја намали потрошувачката на енергија во училиштата и градските згради за 50 отсто во последната деценија – иако некои од тие згради се стари неколку стотици години.

Испрати коментар

Scroll To Top