„Големата порта“ (L’Inconnu de la Grande Arche) е францускио – дански игран филм на Стефан Демустие. Во главната улога е Клаес Банг како Јохан Ото фон Шпрекелсен, данскиот архитект кој во 1983 година победи на архитектонскиот конкурс за Големата порта во Париз и покрај тоа што практично бил непознат.
Филмот ја имаше својата светска премиера во Un Certain Regard програмата на Канскиот филмски фестивал во 2025 година на 16 мај, а во кино-салите во Франција беше прикажан на 5 ноември.

Филмот ја прикажува изградбата на монументалниот објект (La Grande Arche) на влезот во новиот дел на Париз, Дефанс во 80-тите години на минатиот век, а режисерот истакнува дека естетиката на ова модернистичко здание го одредила начинот на кој пристапил кон снимањето.
„Шпрекелсен го нарекол својот проект Коцка, што оваа зграда и е. Квалитетот на овој објект е во едноставноста на идејата – една форма и еден материјал. Затоа сакав филмот да биде таков – директен, редуциран и визуелно поврзан со фигурата на квадратот и коцката“, вели режисерот.
Стефан Демустие го пишувал сценариото со Лоренс Косе, авторка на обемна стручна книга за Големата порта.

„Во фокус го ставив делот за Шпрекелсен, архитект и професор од Копенхаген, чија посветеност на уметничката визија се судрила со правилата на бирократијата, градежната индустрија, па дури и со политичките промени во Франција“, вели Демустие.
Како што споменавме во 1983 година Шпрекелсен победил на анонимен меѓународен конкурс инициран од претседателот Франсоа Митеран со желбата да создаде современ симбол на државата. Филмот започнува со сцената на прогласувањето на победникот. Новата зграда е замислена на локација што по воздушна линија во осовина се надоврзува на Шанзелизе, а требло да биде дом на Центарот за културни комуникации.
Победата на Шпрекелсен, била големо изненадување, бидејќи иако веќе бил средновечен, не бил познат архитект дури ни во сопствената земја, но Митеран искрено се загреал за неговиот проект и му дал целосна поддршка.
Проблемите се појавиле речиси веднаш, при изборот на градежната компанија, поради високата цена на мермерот од Караре, потоа поради прописите на разни комисии за безбедност и материјали…

Филмот го следи сето ова објективно, но преку визура на архитект кој е растргнат помеѓу својата уметничка визија и реалноста. Приказната е лична и конкретна, иако може да се гледа и како еден вид шема за многу други големи државни проекти.
Шпрекелсен на почетокот е бескомпромисен и се бори за секој детаљ. Со текот на времето, помалку попушта, но кога партијата на Митеран ги губи изборите, а новиот, десничарски министер за финансии ги повлекува државните средства и предлага да се најдат приватни финансиери, така што би се доградил деловен простор, архитектот во 1986 година официјално се повлекува од проектот што го сметал за свое животно дело. На крајот од филмот, само се наведува дека починал следната, 1987 година.
Големата порта свечено е отворена во 1989 година и доста се разликува од оригиналната идеја за целиот комплекс.

Според зборовите на режисерот, денес внатрешноста е полупразна, а самата зграда – споменик е премногу скапа за одржување.
Демустие истакнал дека Шпрекелсен бил романтичар од старата школа, верувал во мануелна работа, цртање со рака, а не на компјутер, во сензуалниот допир на камен како што е мермерот. Сепак, според режисерот, кога се работи на таков грандиозен проект, неизбежно е да се вклучат индустријата и новата технологија.
На прашањето за моменталната состојба, Демустие оценил дека 80-тите години биле подобри, бидејќи Митеран сакал да го промени животот преку уметноста.
„Тогаш постоел претседател кој имал визија за Франција и Европа. Денес немаме заедничка визија и страдаме поради тоа. Париз стана поконзервативен град. Митеран сакал уметниците во срцето на својот проект, а сега архитектурата е главно сведена на реконструкција на стари згради. Го нема веќе оној радикален замав, а нема ни пари“, вели Демустие.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија