Насловна / Дневни Вести / Започна полнењето на браната Кнежево од хидросистемот „Злетовица“

Започна полнењето на браната Кнежево од хидросистемот „Злетовица“

brana-knezevo.jpgКнежево – Во присуство на претставници на компаниите кои учествуваа во изградбата на акумулацијата, на јапонскиот инвеститор, како и на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска на локалитетот Кнежево започна полнењето на акумулационото езеро од хидросистемот „Злетовица“.

Во изминатата недела градежна механизација на „Бетон“ од Скопје ги заврши потребните градежни активности за полнење на браната.

Според директорот на хидросистемот „Злетовица“ Стојан Миланов, од денеска и официјално започнува со континуираното полнење на акумулацијата. Процесот за затворање на браната е успешно завршен и истиот е многу битен за функционирањето на овој хидроенергетски систем.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски истакна дека со полнењето на акумулацијата е завршена првата фаза од хидросистемот „Злетовица“, повеќенаменски систем финансиран од страна на Владата на Република Македонија.

Изградена е акумулација, придружни објекти, водозафати и цевковод и SKADA-систем објекти предвидени со првата фаза. Средствата за реализација од првата фаза на ХС „Злетовица“ се обезбедени од кредит од Јапонската банка за меѓународна соработка во износ од 70 милиони евра по што следуваа и изградбата на браната со придружните објекти. Браната е висока 75 метри, долга околу 3,8 километри, со можност за акумулирање на 23,5 милиони метри кубни вода.

Следните месеци, истакна министерот Димовски, планирано е да заврши монтирањето на хидромеханичката опрема за целосно затворање на браната, а до крајот на октомври да заврши уредувањето на круната на браната, пробивањето на патот до селата, изградба на Кучешкиот зафат и цевковод, изградба на пунктна станица за Кратово и завршување со антиерозивните мерки.

– Во завршна фаза е изградбата на управната зграда за SKADA-системот по што до крајот на август по вселувањето на овој објект и монтирањето на опремата се предвидува ставање во функција и на овој систем. Преку ХС „Злетовица“ за околу 110.000 жители од општините Штип, Свети Николе, Кратово, Пробиштип, Лозово, Карбинци и Злетово ќе се обезбеди квалитетна вода за пиење, истакна Димовски.
Според него, во втората и третата фаза од ХС „Злетовица“ е предвидено наводнување на 4.070 хектари земјоделска површина и годишно производство на електрична енергија од околу 50 GWh преку повеќе мали хидроцентрали по течението на Злетовска Река. Изградбата на втората и третата фаза, како што рече министерот Димовски, ќе биде реализирана за две години. (МИА)

 

brana-knezevo2.jpg

Испрати коментар

Scroll To Top