Насловна / Вести / Бројот на автомобили во Скопје расте, а никој не знае колку паркинг места недостасуваат

Бројот на автомобили во Скопје расте, а никој не знае колку паркинг места недостасуваат

Бројот на автомобили во Скопје расте многу побрзо од изградбата на нови паркинг места, додека јавниот превоз бележи континуирано намалување на бројката на превезени патници.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на крајот од 2018 година на територијата на Град Скопје биле регистрирани 149.484 патнички автомобили. Оваа бројка значи дека на скопските улици се движат 18.844 повеќе автомобили во споредба со декември 2014 година, кога биле регистрирани 130.640 автомобили, пишува МЕТА.МК.
Бројот на превезени патници во скопскиот јавен превоз за четири години е намален за дури осум милиони. Според документите за годишното работење на ЈСП – Скопје, во 2014 година биле регистрирани 52,9 милиони патници во јавниот превоз, додека четири години подоцна со градските автобуси биле превезени 44,7 милиони патници, пренесува МЕТА.МК.

мета3

Хроничен недостиг на паркинг места
Скопскиот градоначалник минатата пролет изјави дека на градот му недостигаат околу 8.000 паркинг места за решавање на проблемот со паркирањето.
Според Годишниот извештај за работењето на ЈП „Градски паркинг“ за 2018 година, бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање на станарите бил поголем од вкупната бројка на паркинг места со која располага ова јавно претпријатие. На крајот од 2018 година, тие издале 8.852 бесплатни дозволи, додека имале ставено на располагање 8.324 паркинг места. ЈП „Градски паркинг“ во моментов стопанисува со 9.245 паркинг места.

мета
Со идентичен проблем се соочуваат и од ЈП „Паркинзи на општина Центар“ (ПОЦ), кои располагаат со 5.173 обележани паркинг места во централното градско подрачје. Имено, бројот на активни кориснички договори за повластени паркинг карти за жителите на општина Центар за прво возило е 9.203, односно тие констатираат недостиг на 4.030 паркинг места.
За МЕТА.МК професорката од Архитеклтонскиот факултет во Скопје Дивна Пенчиќ за проблемот со паркирањето во градот нагласува дека постои регулатива со јасни прописи за обезбедување на минимален број на паркинг места за одредени намени, при што во самите ДУП – ови треба да се дефинира каде и како ќе се обезбедат паркинзите.
И додава:„Често се случува урбанистичките планови да планираат развој без да се испита реалната можност за обезбедување паркинзи, па проблемот се префрла кај оние кои треба да издаваат одобренија за градба. А токму таму е и најголемиот притисок за неисполнување на дадениот услов за обезбедување паркирање и често се лажираат проектите“, посочува Пенчиќ.

мета4
Покрај проблемот со недостиг на паркинг места на јавните паркиралишта и малверзациите што се прават со задолжителните паркинзи при изградба на нови објекти, голем проблем во Скопје е и непостоењето на иновативни решенија што би можеле барем да го ублажат недостигот на слободни места за паркирање.

Катните гаражи од „Скопје 2014“ – пропадната инвестиција
Според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, претходната владејачка гарнитура за изградба на само шест катни гаражи во главниот град потрошила фантастични 56.898.845 евра, односно во просек по 9 милиони евра за изведба на еден ваков објект за паркирање.
Професорката Пенчиќ потенцира дека во моментов не може да се дојде до релевантен податок за вкупната бројка на паркинг места што постојат во Скопје. Сепак, таа вели дека клучниот начин за решавање на овој проблем се деталните урбанистички планови и нивната построга изработка во иднина.

мета1
Таа вели: „Единствена мерка која може да се пропише со новите ДУП – ови, а дополнително да не се зголемува, барем плански, проблемот со паркирање, е да се пропише задолжително задоволување на потребите од паркирање за новите градби во рамки на нивната парцела“.
Актуелните податоци за нашата земја покажуваат дека степенот на моторизација на македонските граѓани во моментов е далеку под просекот на ЕУ. Ако во 2017 година, во земјите – членки на ЕУ имало по 500 патнички автомобили на секои 1.000 жители, во Македонија оваа бројка изнесувала 195 автомобили на секои 1.000 жители. Бројките низ годините и искуствата од соседните земји покажуваат дека бројката на автомобили во Скопје ќе продолжи да расте и во наредниот период.
Целата статија можете да ја прочитате тука.
Извор: МЕТА.МК

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top