На почетокот, би сакал да изразам голема благодарност до Редакцијата на Порта 3 за можноста да ја претставам Програмата за работа на Одделението на архитекти /2025-2029/, врз основа на која ја добив поддршката од делегатите архитекти во Собранието на Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Како што стои и во самата програма, истата претставува континуитет на досегашното успешно раководење со Одделението, но истовремено нуди можности за унапредување. Програмата не е конечна и ќе продолжи да се надградува во текот на четиригодишниот мандат, согласно потребите на Одделението.

Реализирањето на оваа програма е возможно, ако се има предвид нејзината комплементарност со програмите на останатите одделенија и со Програмата на претседателот на Комората. Но, најважен услов за успехот на Програмата е активното учество на сите членови на одделението, како и соработката на делегатите.

Моите релации со Комората на овластени архитекти и овластени инженери започнуваат во 2013 г., кога станувам нејзин член. Три години подоцна, ја започнувам мојата работа во Собранието на Комората и во овој мандатен период (2016-2021) активно учествувам во Законодавната комисија на Одделението на архитекти и во Комисијата (К1) за изработка на Ценовникот за висината на минималниот надоместок на услугите на овластените архитекти и овластените инженери во област на високоградбата. Мојот најголем придонес во активностите на Одделението, и во Комората воопшто, го остварувам во мандатниот период 2021-2025 г., кога го продолжувам со учество во работата на Собранието на Комората, ја извршувам функцијата заменик-раководител на Одделението на архитекти, членувам во Комисијата за изработка и дисеминација на Ценовникот за висината на минималниот надоместок на услугите на овластените архитекти и овластените инженери во област на високоградбата и во еден период раководам со Комисијата за преглед на документацијата за издавање инженерски овластувања од област архитектура. Во овој мандатен период, мојот ангажман го одбележува партиципирањето во Организациониот одбор на Годишната средба на архитекти и архитекти урбанисти, која несомнено прераснува во традиционална и претставува платформа за афирмација на архитектонската професија.

Во суштина, Програмата за работа на Одделението на архитекти во мандатниот период 2025-2029 се состои од три дела:
- Интеродделенски активности – соработка со останатите одделенија на Комората за реализација на заедничките цели
- Интраодделенски активности – насочување на активности кон внатрешното унапредување на Одделението
- Отворен дел – кој ќе се дополнува во зависност од потребите на Одделението.

Со оглед на тоа што архитектонскиот и инженерскиот човечки капацитет на државата е организиран во унитарна комора, дејствувањето на архитектите, претставува составен дел од интегралното дејствување на сите членови во Комората – архитекти и инженери. Оваа организациска форма претставува придобивка за членовите, додека Програмата е прилагодена на можностите што ги нуди унитарноста на Комората. Во зависност од материјата што е предмет на активности, Одделението на архитекти се очекува да дејствува во својство на носител на активноста или активен учесник во истата, врз основа на што направена е примарна систематизација на очекуваните одделенски активности. Добрата соработка со останатите одделенија подразбира успешно завршени активности на задоволство на сите членови, без разлика од кое одделение доаѓаат.

Благодарение на сите состави на органите и телата на Комората од нејзиното основање до денес, а особено на претходниот состав, донесен е Ценовникот од областа на високоградбата. По повеќе од две години од донесувањето на Ценовникот, постои временски период на примена кој ја оправдува евалуацијата на истиот. Исто така, во изминатиот период е воспоставен механизам кој ја следи примената на Ценовникот, особено во делот на јавните набавки, но постојат можности за надградба на истите.
Високо на приоритетите на Одделението на архитекти е воспоставувањето дијалог со органите на локалната самоуправа и државната управа, како и со останатите субјекти. Членовите на ова одделение се особено засегнати, бидејќи најчесто тие посредуваат помеѓу инженерските тимови и институциите.

Вреднувањето на инженерскиот труд подразбира стандардизирање и квалитет на инженерската услуга. Во моментот постои регулатива која се однесува на содржината на проектната документација, но сведоци сме на произволни толкувања на истата. Одделението на архитекти започна со активности за стандардизирање и квалитет на инженерската услуга во делот на проектната документација, но истата е потребно да прогресира до конечно завршување. Работниот тим што работеше во претходниот мандат, е избран и во овој мандат на Собранието, што претставува олеснителна околност, во смисла на континуитет. Очекувањата се да се изработи Упатство за содржина на проектна документација, со тенденција истото да се презентира пред надлежното министерство како предлог-подзаконски акт.

Со законски прописи регулирано е санкционирањето на нестандардната и неквалитетната инженерска услуга. Комората треба активно да учествува во санкционирањето на ваквите девијантни појави. На тој начин ќе го изгради својот интегритет, но исто така ќе ги заштити лојалните членови од нелојална конкуренција. Очекувањата се да се воспостават релации со надлежното министерство и заеднички да се изградат капацитети и механизми за спроведување на ваква активност.
Рамноправната ангажираност на делегатите и членовите од Одделението за архитектура во комисиите на Комората ќе се базира на професионалните профили на претставниците и личните афинитети. Видот и специјалноста на комисиите ги утврдуваат органите на Комората, но Одделението за архитектура, согласно своите видувања, проактивно ќе се вклучи во специфицирањето на комисиите на организацијата.
Покрај наведените активности во кои Одделението на архитекти ја презема носечката улога, во Комората нè очекуваат активности во кои ќе го дадеме својот придонес преку активно учество.

Примената на актите на Комората во периодот што измина покажаа одредени слабости. Одделението за архитектура ќе се заложи најпрво да се изработи регистар на сите акти на Комората, а потоа да се направи ревизија на истите. Оваа активност би требало да се спроведе во првата половина од актуелниот мандат на органите и телата на Комората. Одделението за архитектура ќе партиципира и при евалуација на останатите ценовници односно тарифници кои ја регулираат вредноста на инженерскиот труд (Тарифник за урбанистичко планирање, Ценовник за инженерските услуги во нискоградба, Ценовник за инженерските услуги за Геотехника во високоградба и др.). Исто така, Одделението за архитектура преку свои предлози и активности ќе земе активна и проактивна улога во процесите за дигитализација на Комората. Изработката на Каталог на градежни позиции со градежни цени претставува голема активност со повеќеслојна придобивка. Истиот може да биде изработен и ажуриран со поддршка на производители на градежни материјали и понудувачи на градежни технологии, при што Комората ќе го има конечниот удел во неговата форма и содржина, како гарант за објективност и конкурентност. Во соработка со надлежното министерство потребно е да се направи дорегулирање на улогата, одговорностите и обврските на главниот и одговорниот проектант/ревидент/изведувач/надзорен инженер. На тој начин ќе се направи делегирање на обврски, но истовремено ќе се постигне зголемување на професионалноста во градењето. Одговорните (во смисла на лична особина) архитекти и инженери не треба да се загрижени од дорегулирањето на улогата, одговорностите и обврските на главниот инженер, бидејќи имаат капацитет со тоа да се носат. Напротив, на овој начин ќе се заштитат од нелојалната конкуренција од архитекти и инженери кои немаат капацитет за истото. На крајот на денот, ние не треба само да зборуваме дека сме „главни“ инженери, туку тоа треба да го докажеме преку преземање одговорности и обврски.

Вториот дел од Програмата се однесува на интраодделенските активности. Благодарение на воспоставениот систем на активности на одделението, потребно е да се продолжи со истите, но исто така да се направи нивно надградување и унапредување. Вмрежувањето на членовите на одделението подразбира унапредување на професијата. Покрај тековните активности, како континуираниот професионален развој на членовите, ќе бидат интензивирани регионалните активности. Ваквите активности се очекува да бидат иницирани од делегатите, но исто така и од сите членови на одделението.

Годишните средби на архитекти и архитекти урбанисти, како една од поголемите активности на Одделението, претставува одлична можност за вмрежување, размена на знаења и практики, како од државата – така и од регионот и Европа. Настанот е веќе етаблиран во архитектонската професија, на истиот веќе учествувале високи гости од Европа, што претставува предуслов за понатамошно унапредување и проширување на содржината. Годишната средба на архитекти и архитекти урбанисти веќе е препознаена како платформа со исклучителен потенцијал за прераснување во настан со научен карактер, односно научна конференција. Верувам дека овој состав на Одделението на архитекти има капацитет за организирање на настан со научен карактер следната година, откако делегатите поблиску ќе се запознаат со организацијата на настанот во оваа година. Одделението има делегати кои работеле или работат во научноистражувачката дејност, но секако дека добредојден е придонесот на останатите членови на Одделението, како и на архитекти од странство.

Урбанистичко-архитектонскиот конкурс треба да добие институционална форма и истиот од факултативен да премине во задолжителен за јавните градби и јавниот простор. Одделението ќе треба да го елаборира значењето на конкурсот пред надлежните институции, да прибере искуства од држави каде истиот наоѓа широка примена и во соработка со донесувачите на одлуки да направи активности за имплементирање на задолжителен конкурс за градби финансирани со јавни пари. За почеток, преку буџетот на Одделението за архитектура (и останатите одделенија во Комората), а во соработка со институциите што располагаат со јавни средства може да се направи соработка во организација на јавен конкурс. Преку соработката, Одделението ќе го стави на располагање својот човечки капитал во функција на успешно организирање на конкурсот и ќе има можност да ги истакне придобивките за општеството од истиот. Понатаму, откако институциите ќе ги препознаат придобивките, се очекува да бидат посмели во донесувањето одлуки за организирање на урбанистичко-архитектонски конкурси.

Одделението ќе се заложи за анимирање на членството за номинации на архитекти за Наградата за архитектура „Борис Чипан“. Истото ќе биде постигнато преку промовирање на наградата во специјализираните медиуми за архитектура и урбанизам и примена на критериумите за валоризација.
Во следните четири години, ќе се заложам за исполување на програмските цели и за активно вклучување на сите членови на Одделението во процесот на работа. Апелирам сите да се вклучат со свои предлози и идеи, за да можеме заедно да создадеме успех кој ќе ја истакне архитектонската професија во нашата земја. Предлозите и идеите може да стигнат посредно, преку делегатите од своите региони, но и непосредно – лично од секој член на Одделението. Истовремено, се надевам на успешна соработка со „Порта 3“, кои ќе продолжат да ги информираат читателите за нашите активности.
Автор: Благојче ЦВЕТКОВСКИ, дипл. инж. арх.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија