Насловна / Архитектура / BIG Architecture фестивалот во Порторож

BIG Architecture фестивалот во Порторож

На 22 и 23 мај, за првпат во Порторож, Словенија, се одржа фестивалот BIG Architecture, годишен настан организиран од страна на BIG SEE, платформа посветена на истражување на креативните индустрии во Југоисточна Европа.

По неколкугодишно континуирано одржување во Љубљана, фестивалот оваа година се пресели на словенечкото крајбрежје, носејќи свежа енергија и нов контекст за промислување на архитектурата како професија и практика, во историски впечатливиот објект Грандо, поранешен магацин за сол од првата половина на 19 век, а денес адаптиран како простор за локални и меѓународни настани.

Програмата на фестивалот вклучуваше презентации на наградени проекти, стручни предавања, изложби, дебати, дискусии и Гран при церемонија. Централниот простор беше наменет за споделување искуства, идеи и нови перспективи помеѓу архитекти, дизајнери и истражувачи од целиот регион и пошироко.

Во рамките на главната програма, посебен впечаток остави дебатата „AI in Architecture – Creativity vs. Code“, на која се дискутираше за влијанието на вештачката интелигенција врз архитектонското проектирање.

Особено се издвои излагањето на Shicong Cao, основачка и извршна директорка на платформата DataDrivenAEC, која го привлече вниманието на публиката со својата визија за иднината на професијата базирана на анализа на податоци. Таа сподели:

„DataDrivenAEC е платформа посветена на помагање на професионалци во архитектура, инженерство и градежништво (AEC), да го отклучат целосниот потенцијал на податоците за подобрување на процесот на одлучување и резултатите од проектирањето. Поддржувајќи ги тимовите во собирање, обработка и анализа на податоци, DataDrivenAEC им помага на фирмите да се оддалечат од интуицијата и традицијата – кон подостапен, стратегиски и адаптивен начин на работа.

Од оперативни метрики до податоци за корисничко однесување и проектни увиди, платформата овозможува архитектите и дизајнерите да извлечат реална вредност од податоците и да се насочат кон целосна data-driven пракса. Овој премин не само што го подобрува квалитетот и перформансот на проекти, туку и ја оптимизира долгорочната вредност на изградената околина – функционално, социјално и економски.

Моментално, DataDrivenAEC нуди бесплатен newsletter за податоци и вештачка интелигенција во изградената средина, консултантски услуги за тимови кои сакаат да усвојат data-driven стратегии, како и нов AI-powered гласовен агент кој автоматизира собирање и анализирање на кориснички повратни информации. Со брзото преминување на AEC-индустријата кон попаметни и адаптивни системи, DataDrivenAEC има за цел да ги направи податоците подостапни, применливи и влијателни за сите дизајн професионалци.“

Завар дизајн, во соработка со Адора инженеринг, проектот 21st Century Zlatibor

Меѓу добитниците на награди од Македонија, се истакна Завар дизајн, во соработка со Адора инженеринг, за проектот 21st Century Zlatibor, во категоријата Hospitality.

Марта Наумовска-Грнарова, сопственичка на Завар дизајн и архитектката Виолета Цветаноскa

Нивниот ентериер доби признание BIG SEE Interior Design Award 2025 – Winner, а наградата ја прими Марта Наумовска-Грнарова, сопственичка на Завар дизајн и архитектката Виолета Цветаноска, заедно со Душко Чифлиганец, заменик- претседател на Адора. На фестивалот тие одржаа кратка презентација за процесот на работа и заедничката визија која стои зад проектот.

Душко Чифлиганец, заменик- претседател на Адора

Оваа година во фокус беше и новата програмска целина Perspectives, каде македонското Студио Плато, основано од Урош Николовски и Тамара Стефановска, доби награда BIG SEE Perspectives Award 2025 – Architecture, номинирани од страна на Ерик Јуришевиќ од студиото KONNTRA, како признание за нивниот чувствителен и контекстуален пристап кон проектирањето.

Студио Плато, Урош Николовски, Тамара Стефановска

City of the future-Бојана Исијанин, Бојана Вуковојац, Марија Милошевска, Магдалена Ѓоргоска

Во рамките на фестивалската изложба, Македонија беше претставена и преку проектот The City of the Future, каде учествуваа студенти од Архитектонскиот факултет при УКИМ. Студентите претставија две визии за Скопје преку постер-презентации: едниот од Мила Гавриловска и Димитар Милев, и другиот од Бојана Исијанин, Бојана Вуковојац, Магдалена Ѓоргоска и Марија Милошевска. Нивните идеи претставуваат критички осврт и проекција за урбаната трансформација на главниот град.

City of the futute-Мила Гавриловска, Димитар Милев

Фестивалот заврши со традиционалната Гран при церемонија, каде беа прогласени добитниците на најпрестижните BIG SEE награди за архитектура и ентериер. Целта на овие награди е да се препознаат исклучителните достигнувања и иновации во полето на архитектурата, кои не само што имаат естетска вредност, туку и значаен импакт врз општеството и животната средина.

BIG Architecture фестивалот и оваа година потврди дека преку регионално поврзување, размена на идеи и поддршка за нови перспективи, архитектурата може да стане алатка за суштински позитивни промени. Во претстојниот период ни следува BIG Design, кој ќе се одржи од 9 до 11 октомври оваа година во Љубљана.

Автор: Ана БОЈАЏИЕВСКА, BIG SEE координатор во Македонија

Фотографии: Матиќ Доленц, Изабела Пепѓоновиќ

Испрати коментар

Scroll To Top