Насловна / Вести / Autodesk – трајните лиценци заминуваат во историја

Autodesk – трајните лиценци заминуваат во историја

a2012-family

Временски неограничените, односно трајните лиценци (perpetual licenses) на производите на Autodesk (AutoCAD, Revit, 3DS Max, Civil3D итн.) заминуваат во историјата. Во известувањето од 4 февруари годинава, Autodesk објави дека почнувајќи од 1 февруари следната година, новите комерцијални самостојни (standalone) апликации ќе можат да се купат единствено преку претплата, позната како Desktop Subscription програма. Во соопштението се вели: „Нашите клиенти подолго време бараа поголема флексибилност и поголема вредност од нивните софтверски инвестиции. Преминот кон претплата му овозможува на Autodesk да ги испорача и двете барања, но и унапредено корисничко искуство и полесен пристап кон пошироко портфолио на технологијата“.

Ваквиот потег на Autodesk беше очекуван со оглед на тоа што претплатничката програма односно изнајмување на софтвер се нуди уште од 2013 година, а претставниците на Autodesk во неколку наврати напоменаа дека компанијата размислува за целосен премин кон претплатничко лиценцирање. За бизнис логиката поради која Autodesk се реши да ја прекине продажбата на временски неограничените лиценци, говореше Ендрју Анагност, сениор потпретседател за индустриска стратегија и маркетинг при Autodesk, во неговото излагање на Autodesk Investor’s Day во октомври 2014 година. Тој посочи дека досега претплатничката програма е исклучително успешна и дека бележи исклучителен раст.

 

Во основа, со оваа програма Autodesk сака да ја активира пасивната база на свои корисници која брои околу 2,9 милиони корисници кои купиле софтвер, но не се претплатници, т.е. не го надградуваат софтверот или тоа го прават сосема инцидентно, односно нередовно. Во моментот кога Autodesk ќе прекине со продажба на временски неограничени лиценци, оваа корисничка група се очекува да се приклучи на претплатничката програма. Ако во просек еден корисник од пасивната група ѝ носи околу 240 долари годишно на Autodesk, со негово активирање тој би носел околу 310 долари годишно.

Навистина охрабрувачки бројки за компанијата. Дополнително, за успехот говори и фактот што 30% од претплатничката база се нови корисници, односно корисници кои досега не купиле ниту еден софтвер на Autodesk. 51% од корисниците својата претплата ја реализирале онлајн преку Autodesk eStore, продажен канал кој станува мошне интересен за иден развој.

1

Но што од оваа новина имаат корисниците? Да го земеме за пример AutoCAD LT 2015 како најпродаван софтвер во светот. Доколку денес се решиме истиот да го набавиме преку онлјан продавницата на Autodesk (http://www.autodesk.com/store), временски неограничената лиценца би не чинела 1.200 евра без вклучен данок (се разбира до 31 јануари 2016 година). Претплатничката програма, пак, ни нуди можност да ја користиме најновата верзија на софтверот со годишна претплата од 360 евра без данок, или пак со месечна претплата од 45 евра без данок.

Тоа значи дека со 1.200 евра колку би платиле за трајна лиценца, би го финансирале користењето на апликацијата во период од околу три години, и тоа секогаш најновата верзија. По тие три години, се претпоставува дека корисникот на трајна лиценца би ја сметал апликацијата за застарена и дека би се решил да купи нова верзија.

Годишната претплата од 360 евра по лиценца е препорачана од Autodesk, како опција за лиценцирање која дава најголема вредност за корисниците. Впрочем, на месечно ниво издатокот по лиценца би изнесувал 30 евра. За компаниите каде AutoCAD LT (и останатите LT верзии) е главниот софтвер кој се користи, ваквата опција е веројатно доста прифатлива. Но ако тоа е некој друг софтвер, тогаш ситуацијата е поинаква.

Корисниците на комплетниот AutoCAD ќе треба да одвојат околу 1.910 евра по лиценца годишно, корисниците на 3DS Max или Maya ќе треба да одвојат околу 1.560 евра годишно, додека корисниците на Revit LT ќе одвојат по 600 евра по лиценца годишно, сите цени се без данок и земени од е-продавницата на Autodesk за европското подрачје. Компаниите што ја чувствуваат динамиката и неизвесноста на опстојувањето на пазарот, новината ќе ја примат со олеснување.

Доколку бројот на нивните вработени варира во текот на годината, на краток или среднорочен план, менаџирањето на потребниот број на лиценци би бил строго оптимизиран според потребите. Од друга страна, доколку компанијата користи периодично и други софтвери на Autodesk, тогаш наместо да ги купува лиценците, може да се претплати на нив на месечно или пак на квартално ниво без да прави непотребни трошоци. Независните професионалци, познати како фриленсери, можеби ќе ќарат од новината претплатувајќи се на софтверот што им треба само во периодот кога ќе бидат ангажирани. nondestructive_live_retargeting

Од друга страна, помалите компании и професионалци кои не се соочуваат со промени, имаат постојани клиенти и не очекуваат турбуленции на бизнис полето во иднина, веројатно ќе се почувствуваат ограбени од неможноста да се поседува трајно право на користење на софтверите за кои даваат пари. Впрочем, не е мал бројот на оние што сметаат дека обновата на софтверите е контрапродуктивна и крајно непотребна, особено обновата на годишно ниво.

Затоа во годинава што следи, односно до укинувањето на временски неограничените лиценци на први февруари 2016 година, корисниците би требало да направат анализи за утврдување на стратегијата за користење на Autodesk софтвери во иднина. При правењето на анализите треба да се земат предвид и многу надворешни фактори, како што се барањата на клиентите и регулативата, можностите на хардверот, очекуваниот раст или пад на порачките, трендовите во индустријата, развојот на технолошките добра, алтернативните софтвери итн.

Со некои софтвери, како што е тоа случајот со Revit платформата и нема баш некој избор. Тимската работа во Revit побарува сите вклучени во проектот да имаат иста верзија на софтверот бидејќи Revit не поддржува зачувување на фајловите во претходен фајл формат, каков што е случајот со форматот AutoCAD dwg. Корисниците на едукациски лиценци нема да бидат опфатени со најавените промени.

Воведувањето на претплатничко лиценцирање, поточно исклучувањето на можноста да се купуваат трајни лиценци и не е нешто што се случува преку ноќ. Оние што ги следат трендовите во технологијата, свесни се за брзото темпо на развој и постојаните промени кои се случуваат небаре секојдневно. Во своето воведно обраќање на Autodesk Investor’s Day 2014, извршниот директор Карл Бас се осврна на продорот на новите технологии како што се мобилната и „облак“ (cloud computing) технологија. Така, бројот на корисници на

cloud-претплатата двојно се зголемил за само една година. Од нив 30% се сосема нови корисници. Сосема е можно препорачано софтверско лиценцирање во наредната деценија да биде користењето на софтвери во „облак“, а наплатата да зависи од бројот на часови на користење на апликациите.

Треба да се напомене дека Autodesk не е ни првата, ни последната компанија која воведува исклучиво претплатничко лиценцирање. Можеме слободно да очекуваме дека софтверот испорачан на цд или двд ќе исчезне во блиска иднина, дека софтверската пиратерија ќе доживее тежок пораз и дека хардверот ќе стане смешно евтин во споредба со софтверот. Она што загрижува е тенденцијата на компаниите што создаваат електронска содржина, за неа да наплаќаат поединечно (или временско ограничено) користење и тоа преку онлајн сервиси достапни до милијарди луѓе на планетава.

Проблематичното не е во воведувањето на претплатничкото лиценцирање, туку во исклучувањето на трајните лиценци. Проблематичното е во стремежот (и можностите) за постојано богатење на компаниите, несразмерно во однос на вложеното или пак во однос на вредноста што се испорачува. Autodesk како и многу други ИТ компании во моментов бележат рекордни вредности на нивните акции.

Повеќе за прекинувањето на трајните лиценци на: http://www.autodesk.com/products/perpetuallicenses

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top