Насловна / Архитектура / Асоцијацијата на архитекти на Македонија е против Законот за легализација на дивоградби

Асоцијацијата на архитекти на Македонија е против Законот за легализација на дивоградби

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) е против повторно носење на нов “Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти“ затоа што тој ги суспендира сите важечки прописи за урбанистичко планирање кои се грижат за квалитетот на изградениот простор и дава погрешен сигнал дека бесправното градење нема да се казнува.

Доколку сепак, и покрај сите наведени причини Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти биде донесен, инсистираме во законот задолжително да се вметне потребата од спроведување на сите постапки, неопходни за добивање дозвола за градба. Ги повикуваме и колегите од Комората на градежни инженери и другите струкови здруженија да не поддржат во оваа иницијатива.

Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти е во колизија со важечките закони за урбанистичко планирање и законот за градење бидејќи истиот ја негира нивната суштина која се однесува на процедурите востановени за стратегиско планирање и организирање на изградената средина и управување и заштита на природните ресурси.

Дополнително, со ваквите законски решенија се поништуваат сите стручни процедури од план до градба, нешто кое треба да ги гарантира правниот, но и безбедниот статус на секоја градба, при што никако не смее да се елиминира аспектот на зачувување ниту на приватниот, ниту на јавниот интерес. Бесправно изградените објекти ги проблематизираат реализациите на легалните детални планови и генерираат просторни, инфраструктурни, но и финансиски проблеми во случај  на нивно рушење и обесштетување на веќе легализирани објекти.

Во нашата држава постои значајна правна легислатива со која се регулира обемната проблематика, а која се однесува на уредување на просторот. Конкретно со:

-     Закон за просторно и урбанистичко планирање

-     Закон за градење

-     Закон за градежно земјиште

-     Закон за катастар на недвижности

Во членот 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање е наведено дека:

„Просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на Просторен план, урбанистички планови, урбанистичко-планска документација, регулациски план на генерален урбанистички план и урбанистичко-проектна документација, со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата“.

Процедуралната некомпатибилност на сегашното предлог, законско решение за утврдување на правен статус на бесправно изградените објект се потврдува со членот 21 став 1 од законот каде со решението за утврдување на правен статус објектот се здобива со право да биде вклопен во планската документација независно од законските и подзаконските акти со кои се дефинираат начелата и се уредуваат правилата на урбанистичкото планирање. На тој начин, повторното амнестирање на, со закон санкционирани активности во просторот не само што нема да реши ниту еден проблем туку дополнително ќе ги заостри, со очигледно занемарување на владеењето на правото во делот на уредување и управување со просторот.

Истовремено, со ваква декриминализација на бесправното градење се доведува во прашање и правната, материјалната, социјалната и финансиската еднаквост на учесниците во градбениот процес. Односно, државата покрај тоа што не успева да го менаџира просторот, не успева ниту во правниот сегмент од нејзиното правично владеење.

Потсетуваме дека целиот процес на легализација на бесправно изградените објекти трае повеќе од 10 години и тука се поставува прашањето дали ќе се продолжи и со трет закон. Законот за легализација изгласан во 2011 година требаше да претставува трајно решение, нешто кое е спротивно на актуелните случувања со новиот закон (кој е во процедура) од кој се гледа дека решение повторно нема ниту на повидок.

Во таа смисла ААМ апелира уште еднаш да се разгледа потребата од носење на нов Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, бенефитите, но пред сé проблемите кои тој закон ќе ги предизвика, на долг рок.

Просторот е необновлив извор кој треба многу внимателно и паметно да се планира. Сите непланирани повреди на истиот треба да бидат соодветно санкционирани.

Бесправното градење треба да биде казниво!

ААМ – Асоцијација на архитекти на Македонија

аам

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top