Насловна / Вести / Апикуќички – комори за инхалаторна терапија

Апикуќички – комори за инхалаторна терапија

Мислам дека пчелите, по човекот, се најсовршеното дело на природата. Тие живеат како совршено општество и се најпрецизните архитекти и градители. Кај нив владее лозинката: еден за сите, сите за еден. Тие меѓусебно си помагаат и секоја единка придонесува во кошницата – сандакот онолку колку што може. Кај нив сè е совршено уредено и природно.

14_resize

Затоа во новиот милениум пчелите и нивните драгоцени природни производи сè повеќе го привлекуваат вниманието на научниците и на истражувачите. Сите тие се согласни дека пчелите – крилестите фармацевти, произведуваат еколошки производи, кои не може да ги произведат ниту хемичари, ниту технолози или фармацевти. Во еколошките живи лаборатории пчелите создаваат производи што поседуваат волшебни особини. Од овие причини денес во светот се користи и се проучува новата инхалаторна апитерапија. Пациентите ја примаат оваа терапија во специјално изработени апикуќички – комори.

02_resize

Апикомората се изработува како монтажен објект од природни материјали, поставен на бетонска темелна подлога. При градбата на апикуќичките најмногу се користи дрвен материјал, особено во внатрешноста на објектот. Дрвениот материјал може да биде незаштитен со природна патина или премачкан и заштитен со еколошки бои. Формите на апикуќичките може да бидат најразлични, во зависност од креацијата на изведувачот и желбата на сопственикот. Покривите се едноводни, двоводни и повеќеводни.

12_resize

2_resize

Коморите треба да се изработуваат во основен модул од 80 сантиметри и со мали димензии за да може внатре комотно да се сместат од две до пет сандачиња за пчели, две до пет столчиња и лежај за релаксација. Потребно е апикуќичките да се лоцираат во чиста, незагадена еколошка средина, со доволно богата паша од разновидни цветови.

13_resize

Инхалаторната апитерапија била позната уште кај старите Египќани. Имено, пчеларите работејќи на пчеларникот при разни операции поврзани со отворање на кошниците вдишувале многу пријатен воздух во пречник од 200 метри на пчеларникот. Особено во пролетните и во летните месеци пчеларите се чувствувале многу пријатно и добро. Инхалаторната апитерапија всушност се состои од вдишување на воздухот. Вдишувањето е директно од сандаците на пчелите преку црево со соодветен инхалатор.

08_resize

Апикоморите всушност претставуваат мали лаборатории за производство на воздух богат со аеросоли, како мешавина од повеќе еколошко чисти и здрави елементи од пчелното семејство, кои се вдишуваат од страна на човекот. Овие здрави елементи потекнуваат од најразлични цветови, кои во зависност од потребите на консументот може дури и да се избираат со дресирање на пчелите да одат на паша на одреден цвет.

Вдишувањето се врши од прополисот, нектарот, етеричните масла, медот, восокот, матичниот млеч, пергата, поленот и други лековити материи. Прополисот што го собира пчелата е најсилно антибактериско средство во природата. Пчелите вршат дезинфекција на воздухот и просторот во кој живеат со прополисот, кој го носат во кошниците. Така што секоја ќелија во која се полагаат млади јајца од матицата е „прополисана“.

05_resize

Пчелите, co вентилирање или со едноставно движење на крилцата, предизвикуваат испарувања на овие материи, ги мешаат и ги распрскуваат од внатрешноста на кошницата во ситни аеросоли во воздухот, а преку инхалаторна опрема човекот ги вдишува. Вдишувањето на збогатениот воздух со аеросоли и волшебни ароми од пчелните кошници придонесува за подобрување и за лекување на дишните патишта. Зуењето на пчелите во сандачињата има значаен ефект и на психофизичката состојба на човекот. Инхалаторната терапија влијае релаксирачки и ослободува од секојдневните стресови. Поради енормно загадениот воздух што го дишеме, зачестени се појавите на респираторни болести, алергии, астма, белодробни воспаленија, депресија, кардиоваскуларни тешкотии и слично. Решението за елиминирање или за намалување на овие проблеми многумина го пронашле преку вдишувањето воздух директно од кошниците полни со пчели. Особено оваа терапија помага при лекување на следните состојби: при заздравување и закрепнување од мозочен удар, кардиоваскуларни проблеми, мигрена, стрес, депресија, зголемување на капацитетот на белите дробови кај спортистите, бронхитис, лекување други респираторни и белодробни болести, зголемување на имунитетот, подобрување на работата на системот за варење и др.

11_resize

06_resize

Вдишувањето на воздухот е сигурно во однос на опасноста од каснување на пчелите. Пчелите влегуваат во кошницата преку леталата од надворешната страна на апикуќичките, а од внатрешната страна на горната страна од сандачињата има заштитна мрежа преку која не е можно да излезат пчелите од сандачето и да се најдат во инхалаторот или во просторијата.

01_resize

Еднодневна терапија со вдишување апивоздух просечно се прави двапати по 20 – 25 минути со пауза од еден час, а следната се прави по 48 часа. Потребни се вкупно пет еднодневни терапии во рок од 10 дена за да се почувствуваат првите позитивни резултати од инхалаторната терапија.

Пчеларите со апикоморите ја збогатуваат понудата за алтернативен апитуризам, кој сè повеќе има заинтересирани консументи во светот, особено за инхалаторната терапија.

1_resize

Оваа терапија се користи најмногу во Русија, Германија, Австрија, Бугарија, Србија, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Исто така и во Македонија се изградени првите две апикомори, со надеж дека тој број ќе се зголемува, зашто нашето поднебје располага со идеални еколокации за пчеларство.

Автор: Косто Граоркоски, дипл. инж. арх.

09_resize 03_resize

07_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top