Во петок 25 јули 2025 година одпочна првиот петдневен штајк на резидентните (младите) англиски лекари на обука со барање за зголемување на нивните плати за 29 проценти. Ова е дополнително барање по веќе одобреното покачување на нивните плати од 5,4 проценти за оваа даночна година (6 април 2025 до 5 април 2026). Оваа група лекари ги опфаќа сите лекари на обука во Националниот здравствен систем, значи од тукушто дипломираните до оние со до 10 години работно искуство во струката, вклучително со стажантите, лиценцираните лекари стажанти, лекарите на специјализација, специјалистите, и лекарите на субспецијализација. Според британските прописи сите овие категории се сметаат за лекари на обука и како такви можат да работат само под менторство и надзор на лекарите консултанти коишто не само што се одговорни за својата работа туку и за работата на сите оние коишто работат под нив. Во зависност од специјалноста консултантите се регистрирани и лиценцирани лекари субспециајлисти коишто работат во болниците, најчесто имаат професионален или научен докторат, и до 10 години работно искуство пред стапување на должноста.

7,5 милиони лица чекаат повеќе од една година за лекарски третман
Резидентните лекари во Велика Британија се сметаат за носители на болничкиот здравствен систем и вообичаено се првите лекари коишто ги прегледуваат пациентите, за потоа во зависност од сложеноста на здравствениот проблем пациентите да бидат видени од лекар со повисок ранг или пак од консултант. Но состојбите во Националниот здравствен систем во земјата веќе подолго време се исклучително тешки и особено пристапот до специјалистички услуги и болничко лекување кога не станува збор за ургентни состојби. Според правилата на Националната здравствена служба за состојби коишто не се ургентни, како на пример операција на катаракта (перде) на очите или пак операција на колк, треба да поминат најмногу 18 недели од издавање на упатот до првиот третман барем за 92 проценти од пациентите. За жал истражувањата укажуваат дека овој стандард за последен пат бил исполент дури пред десет години во септември 2015 година. Во март 2024 година 7,5 милиони лица, или околу 10% од севкупното население на земјата, чекаат повеќе од една година за првиот потребниот третман. Се смета дека всашност станува збор за 6,3 милиони лица со оглед дека дел од нив чекаат за повеќе од еден здравствен проблем.

Од друга страна трошоците за приватно здравствено осигурување или пак за приватно лекување се исклучително скапи за просечниот граѓанин. На пример, приватното здавствено осигурување вообичаено покрива само неургентни состојби коишто можат да се подобрат со третман и коишто се појавиле по склучување на договорот за осигурување. Претходните болести не се покриени, како и нови болести поврзани со претходните болести, хронични болести, ургента или општа медицина. Добар дел од расположивите осигурувања, за да бидат економски подостапни не покриваат за онкологија и психијатрија. Просечната цена на посеопфатна полиса за приватно здравствено осигуривање се движи во дијапазанот од половина за лице на 20 години до 2,5 месечни полни државни бруто пензии за лице на 70 годишна возраст Од друга страна, просечната цена за приватна операција на катаракта на едно око во 2024 година изнесувала околу три, додека за замена на еден колк во 2024 година просечно се наплаќало околу 14 до 15 полни бруто месечни државни пензии од 2025 година. При ова важно е да се напомне дека полната бруто државна пензија е иста за сите без оглед на нивните приходи додека работеле под услов дека ја исполниле потребната старосна граница, во моментов 66 (од 2026, 67) години и за мажите и за жените, и дека имаат уплатено барем 35 години придонеси за Национално осигурување. Се смета дека и полниот износ на бруто годишна државна пензија не е доволен за едно лица да преживее без социјална помош, пристап до дополнителна службена или приватна пензија или пак било кој друг извор на приход.

Според Британската Медицинска Асоцијација, професионално здружение и синдикат на лекарите, како главна мотивација за штрајкот на 48.000 резидентни лекари се сметаат платите и условите на работа, и во моментов имаат мандат за штрајкови во период од шест месеци. Тие сметаат дека без бараното дополнително покачување, нивните реални плати се за 20 проценти помали од колку што биле во 2008 година. Во минатото резидентите (младите) лекари, особено оние на почетокот на нивната кариера беа познати и по тоа дека работеа и по 100 часа неделно но со тек на време и постепена имплемнтација на Директивата за работно време на Европската Унија нивното просечно работно време е намалено на 48 часа неделно, во согласнот со Директивата, со ограничување од најмногу 72 часа во секој 168 часовен (една недела) период, иако нивниот основен договор за работа е вообичано на 40 работни часа неделно, при што паузите не се сметаат во работното време. На резидентите доктори им се плаќаат дежурствата и прекувремента работа така да во просек нивните примања се за околу 25 проценти поголеми од основаната плата. Кај консултантите дополнителните примања воглавно зависат од специјалноста и дали за дежурствата се во болница (како на пример во служба за ургентна медицина) или пак дежурни на повик од дома, при што оние коишто дежураат во болница примаат поголем надомест од оние што дежураат на повик од дома.

Просечниот долг и кредит на дипломиран студент (вообичаено на три годишни студии) е околу 53.000 фунти
Во периодот од 2018 до 2024 година висината на школарините на јавните универзитети во Англија за домашните студенти изнесуваше околу 10.700 евра (9.250 фунти) годишно, а од оваа, 2025, година ќе се покачи на околу 11.000 евра (9.535 фунти). Како резултат на ова просечниот долг и кредит на дипломиран студент (вообичаено на три годишни студии) во земјата е околу 61.500 евра (53.000 фунти), но на оние коишто посетуваат пет годишни студии (студиите по медицина во Англија траат помеѓу пет до шест години), како резултат на подолгите студии, најчесто завршуваат со кредит од околу 92.800 евра (80.000 фунти) до 116.000 евра (100.000 фунти).

Овие кредити треба да се отплат, а условите зависат од кредитот којшто го земале. На пример, тие може да треба да плаќаат 9 проценти од севкупните бруто примања над 31.600 евра (27.295 фунти) годишно во период од 30 до 40 години се додека не го исплатат кредитот и каматите. Се разбира завршувањето на студиите со кредит во вредност со која може и да се купи и стан или куќа во помало градче во понеатрактивен дел на земјата е големо бреме. Дополнително, постојниот кредитот ја намалува и кредитоспособноста на лицето за да може да си купи стан или куќа со станбен кредит.

Кај архитектите има значителни разлики во платите
Но ќе се прашате што штрајкот на лекарите има со градежништвото и архитектурата. Основната нишка е што основните судиите до регистрацијата или лиценцата или овластувањето во доменот на архитектурата и инженерството во Англија се со иста должина како и оние во медицината, како резултат на што сите тие завршуваат со приближно исто ниво на долг и кредит. Дополнително, на пример, и ако родителите сакаат да помогнат на своите деца и да ја плаќаат школарината тоа не е без финанскиски ризици. Имено, родителите треба да преживат полни седум години од последната уплата на школарината. Во спротивно, уплатената школарина може да биде подложна на данок на наследство во износ до 40 проценти од вредноста на уплатената школарина која што наследниците ќе треба да ја платат. Ова е со оглед дека ниту наследниците од првиот наследен ред (децата) не се ослободени од плаќање данок, а уплатата на школарината би се сметала за подорок кој потенцијално е ослободен од данок на наследство, но само до колку родителите ги преживеат пропишаните седум години.
Иако долгот и кредитите на дипломираните студенти по медицина, архитекура и инженерство можат да се сметаат за поденакви, нивните просечни годишни бруто плати сигурно не се. Во понатамошниот текст, освен доколку поинаку не е наведено, под плата или пензија се подразбира просечната бруто годишна плата, односно полната годишна бруто државна пенизија. Така на Табела 1 е прикажана просечната плата во земјата (искажана како 100) во споредба со полната пензија, како и просечните плати на архитектите и лекарите во различни звања, при што за резидентните лекари се прикажани и сегашните и бараните плати преку штрајкот.

Табела 1 Просечна бруто годишна плата (искажана како 100) во Англија во споредба со полната државна пензија, со платите во архитектурата и на болничките лекари (за резидентните лекари се прикажани и сегашните плати и бараните плати преку штрајкот, а за консултантите појдовната плата). Според локалните прописи само овластен архитект може да се нарекува себе си архитект и може да работи самостојно. Во медицината само консултант – лиценциран лекар субспецијалист може да работи самостојоно и е одговорен за работата на сите резидентни лекари (на обука) под негово раководство. Примањата на резидентните лекари воглавно се околу 25 проценти поголеми од прикажаните како резултат на надоместоците за прекувремена работа и дежурства коишто ним воглавно им се плаќаат но не секогаш и на консулатнтите.
Како што може да се види просечната плата на тукушто дипломиран лекар на стаж пред да се стекне со лиценца се нешто поголеми отколку просечната плата во земјата. За да достигне нешто малку повисоко ниво на плата од просечната, архитектот треба да биде овластен и да има помеѓу 3 до 4 години стаж по стекнување со овластувањето, што во пракса значи да има вкупен стаж од најмалку 5 до 6 години во струката. Сите пониски категории во доменот на архитектурата се со значително помали примања, почнувајќи од чиракот по архитектура. Во овој случај станува збор за лице со завршено средно образование кое што се има вработено во архитектонско биро за преку комбинација на практично искуство (четири дена во неделата) и формална настава во високообразовна институција (еден ден во неделата) да се стекне со стручна квалификации еквивалнетни на диплома, магистратура и положен стручен испит. Обуката обично е барем по една година подолга за секоја од првите две нивоа на еквивалентните редовни студии на факултет, но за време на обуката лицето прима плата, додека школарината е платена од работодавецот или државата. Ова е веројатно економски најисплатливиот пристап за лицето да се стекне со формално признато образование во архитектурата, но бројот на слободни места преку овој пристап е ограничен.

Во однос на прикажените просечни плати на архитектите веројатно ќе приметите одредени навидум нелогичности, а коишто произлегуваат од фактот дека кај вработените во доменот на архитектурата има значителни разлики во платите во однос на големината на архитектонската пракса и на работодавачот без да се земат во предвид и регионалните разлики. Вообичаено платите во бироа со до 20 вработени, се помали од оние вработени во поголемите бироа при што разликите се најголеми кај повисокоте звања. На пример, овластен архитект директор во поголемо биро може да има и просечно околу два пати поголема плата од овластен архитект директот во помало биро и има плата на ниво со онаа на лекар консултант на почетокот на почетокот од консултантската кариера. Од тука овластен архитект директор на плата и овластен архитект соработник (Associate) се јавуваат со поголеми просечни бруто годишни плати од овластен архитект директор или партнер.
81 проценти од архитектите во земјата работеле прекувремено без надомест
Дополнителни разлики коишто се јавувават помеѓу архитектите и лекарите не се само резултат на помалите плати туку и на разликата дека лекарите до ниво на консултант најчесто се платени за прекувремента работа и дежурствата до околу 25 проценти од просечната плата, за разлика од вработени во доменот на архитектурата на кои најчесто не им се плаќа прекувремената работа. Така во 2020 година 81 проценти од архитектите во земјата работеле прекувремено без надомест. 29 проценти од архитектите работеле 5 до 10 часа прекувремено неделно, а по пет проценти работеле 20 до 30 часа или пак повеќе од 30 часа прекувремено неделно. Со оглед дека архитектите најчесто се вработени во приватни фирми тие вообичаено не се членови на синдикат и нивните службени пензии (коишто ги има само во поголемите бироа) се базирани на дефиниран придонес каде и тие и работодавецот плаќаат фиксни придонеси секој месец но пензијата зависи од тоа какви ќе бидат резултатите на пензискиот фонд при што нема никакви гаранции дека фондот ќе резултира во било каква пензија при пензионирањето. Исто така вообичаено надоместоците за боледување се минимални. Наспроти ова, лекарите се вработени во државниот Национален здравествен систем каде што постојат платни групи, и дефинирана пензија базирана на процент од просечната плата во текотот на работата при што и тука придонесите ги плаќаат и вработените и работодавецот. Дополнително, надоместокот за боледување е исклучително поголем и максимално изнесува, за оние со пет или повеќе години стаж, шест месеци платено боледување на полна месечна плата, плус шест месеци платено боледување на половина месечна плата. Што би се рекло според „Животиснката фарма“ на Џорџ Орвел „Сите се еднакви, но некои се поеднакви од другите“.

57 проценти од примањата на просечниот вработен одат на 37 различни даноци
Англиските плати на лекарите и архитектите намерно не се прикажни со парични износи со оглед дека не би можеле соодветно да се споредат со оние во Северна Македонија, едно како резултат на разликите во номиналните примања, но и како резултат на разликите во животните трошоци и даночните оптоварувања. На пример, според последните вести во британските медиуми, 57 проценти од примањата на просечниот вработен во земјата одат на 37 различни даноци. На пример, од прикажаните на Табела 1 само оние коишто примаат државна пензија не се подложни на данок на приход, но само доколку немаат никакви други примања. Сите оние што се на примања нешто малку поголеми од оние на овластен архитект со над 5 години работно искуство по овластувањето плаќаат 20 проценти данок на приход, а оние со поголеми примања до и вклучително со сегашното ниво на лекар субспецијализант (само основната плата без надоместоци за прекувремена работа и дежурства) плаќаат 40 проценти данок на приход над разликата која веќе е оданочена со 20 проценти. Лекарите консултанти во почените години во теорија треба да бидат подложни на исто оданочување како и претходната група, но со оглед на намлувањето или губењето на основното даночно ослободување на приходот всашност се подложни на 60 процени данок.
Просечни бруто годишни плати на архитектите во 15. земји во светот

Доплнително на Табела 2 се прикажани просечните бруто годишни плати на архитектите во 15. земји во светот каде според истражување се најдобро платени. Според номиналните вредности на примањата резултатите излегуваат значително поинакви од оние прикажаните во табелата каде истите, за да се воедначат, се прикажани според економскиот „Биг Мак“ Индекс. Според овој индекс локалните плати се поделени со локалната цена на „Биг Мак“ сендвичот на МекДоналдс како резултат на што резултатите покажуваат колку „Биг Мак“ сендвичи архитектот може да купи со просчената годишна бруто плата во таа земја. При ова немојте да заборавете, дека станува збор за бруто плати пред да се одбијат даноците на приход и сите други задолжителни придонеси. Како што можете да видите Велика Британија просечната плата на бритнаскиот архитект (пред даноците и одбитоците) носи околу 14.000 Биг Мак сендвичи во споредба со нивните американски колеги чијашто плата носи нешто помалку од 19.000 сендвичи. За жал не беа најдени компаративни податоци за да може да се прикаже колку Биг Мак сендвичи можат архитектите во Северна Македонија да си купат со својата просечна бруто годишна плата.

Табела 2 Споредба на просечни годишни бруто плати на архитектите во земјите каде што тие имаат највисоки примања во светот. За да бидат пореално компаративни, тие се искажани преку „Биг Мак“ Индексот, кој покажува колку „Биг Мак“ сендвичи можат да се купат во анализираната земја со една годишна просечна бруто плата на архитект пред одбивање на даноците за приход и на другите задолжителни придонеси.
Зголемување на даноците и намалување на трошоците на државата за да се очува економската стабилност
Пет денвниот штрајк на англиските резидентни доктори заврши со бројни контраверзи и без резултат укажувајќи на можноста за дополнителни штрајкови во текот на наредните шест месеци доколку не се дојде до вазаемно прифатливо решение на проблемот во меѓувреме. Дополнително по завршувањето на овој штрајк на резидентните доктори беше објавена веста дека и медицинските сестри изгласале да штрајкуваат од есенва за поголеми плати.
За економските проблеми со коишто земјата се соочува веројатно најдобро говори фактот дека Меѓународниот монетарен фонд сугерира дека ќе треба да се размисли за дополнително зголемување на даноците и намалување на трошоците на државата за да се очува економската стабилност, посочувајќи на потенцијално зголемување на даноците на приход, промена на методологијата за определување на годишните зголемувања на државната пензија, дополнително намалување на социјалната помош и заштита, како и потенцијални промени во доменот на Националниот здравствен систем којшто од основањето функционира под генералниот принцип дека е бесплатен кога се прима услугата, па се спомнува потенцијалната потреба да остане бесплатен само за најсиромашните, а другите да треба дополнително да плаќаат за услугите. Во однос на државната пензија, до колку се одржат посточеките правила за пресметување на годишните покачувања, се очекува дека старосната граница од сегашните 66 години и планираното покачување на истата на 67 помеѓу 2026 и 2028 година, и на 68 години помеѓу 2044 и 2046 година дека веројатно ќе треба да се зголемми и до 74 и повеќе години во иднина, и покрај тоа што и сегашната полна државна пензија не е доволна да се преживее.
Настрана на големите политичко-социјално-економски проблеми до колку сметате дека англиските лекари и архитекти многу заработуваат земете во предвид дека просечната сегашната основна бруто годишна плата на лиценциран лекар (суб)специјализант е приближно подеднаква на просечната бруто неделна плата на англиски фудбалер во Премиер лигата.
Литература:
- https://en.wikipedia.org/wiki/Big_Mac_Index
- https://en.wikipedia.org/wiki/Tuition_fees_in_the_United_Kingdom
- https://finance.yahoo.com/news/15-highest-paying-countries-architects-100237196.html
- https://jobs.architecture.com/staticpages/10290/architects-salary-report/
- https://naseersjourney.com/2017/08/12/working-hours-in-the-uk/
- https://www.architectsjournal.co.uk/news/aj-poll-40-of-architects-working-more-than-10-hours-overtime-a-week
- https://www.bbc.co.uk/news/articles/c2xxp2gv4d1o
- https://www.bbc.co.uk/news/articles/cren3l8nj8wo
- https://www.bdonline.co.uk/news/three-quarters-of-architects-are-working-unpaid-overtime-survey-finds/5104713.article
- https://www.dailymail.co.uk/news/article-14910447/doctors-union-stats-pay-rise-resident-doctors-strikes.html
- https://www.dailymail.co.uk/news/article-14936321/State-pension-age-cost-crisis-worse-union-retirement.html
- https://www.dailymail.co.uk/news/article-14939313/Militant-doctors-start-five-day-strike-pay-rise-NHS.html
- https://www.dailymail.co.uk/news/article-14940931/IMF-Rachel-Reeves-taxes-cuts-pensions-triple-lock-NHS-services.html
- https://www.kingsfund.org.uk/insight-and-analysis/data-and-charts/waiting-times-non-urgent-treatment
- https://www.mytribeinsurance.co.uk/knowledge/average-cost-of-private-health-insurance-uk
- https://www.mytribeinsurance.co.uk/knowledge/private-medical-treatment-costs
- https://www.nus.org.uk/highest-outstanding-student-debt-data
- https://www.thisismoney.co.uk/money/mailplus/article-14951499/The-37-taxes-you-pay-mean-astonishing-57-income-goes-Government.html
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија