Насловна / Архитектура / ААМ во одбрана на локалитетот „Горица“ во Охрид

ААМ во одбрана на локалитетот „Горица“ во Охрид

Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како општествено одговорно и ангажирано струково здружение чуствува потреба да искаже стручен став околу јавно пласираните информации кои се однесуваат на изградба на нов хотел на локалитетот „Горица“ во Охрид, на место каде што се уште егзистира постојниот објект на ресторанот на веќе срушениот „Хотел Парк“.

Во време кога се соочуваме со опасност од одземање на статусот на Охрид и охридскиот регион како природно и културно наследство на УНЕСКО, односно наследство во опасност, сметаме и го охрабруваме Градоначалникот на Општина Охрид и сите надлежни институции (локални и национални) да постапуваат согласно  и исклучиво со законските уредби, пропишаните правила и прописи.

01_Restoran Park-Ohrid

Она што е потребно во овие моменти е транспарентност на локалната самоуправа за активностите кои ги превзема. Целата е јавноста да има увид  во постапката за изградба на планираниот објект „Хотел“ со катност П+3, особено во:

-     Урбанистичкиот план за локалитетот од 2009 година (кој не даден на јавен увид на веб-страната на Општина Охрид);

-     Мислењето од Националната комисија за УНЕСКО;

-     Водостопанската согласност од Министерството за животна средина со која се дава дозвола за градба на објект во заштитениот појас со ширина од 50 м’ од највисокиот водостој на Охридското Езеро.

Од аспект на доследното и стручно  работење на институциите ААМ прашува дали се синхорнизирани и усогласени Урбанистичкиот план од 2009 година (како план од пониско ниво) со Плановите од повисоко ниво и тоа:

-     Простоен план на Република Македонија;

-     Просторен план на Охридско-Преспанскиот регион;

-     Планот за управување со Охридскиот регион;

-     Планот за управување со Националниот парк Галичица.

како и Стручна анализа за усогласеност на урбанистичкиот план со законската регулатива која го уредува планирањето и која го допира истото:

-     Законот за урбанистичко планирање;

-     Законот за градење;

-     Закон за заштита на природата;

-     Закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион;

-     Закон за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро;

-     Закон за води.

Дополнително, проблемот се усложнува и со фактот дека се отпочнати дури и градежни активности и покрај тоа што е надминат законскиот рок за отпочнување со градба најмногу две години од издавањето на одобрението за градење согласно Член 66 од Законот за градење. Во него се пропишува дека доколку е надминат рокот издаденото одобрение за градење е неважечко, а идната градба бесправна.

Постојниот објект, за кого е предвидено негово рушење, претставува наградено репрезентативно архитектонско дело на архитект Павел Балабан од страна на ААМ на БИМАС во 1989 година, кое со својата форма, дизајн, габарит и функција внимателно создава симбиоза меѓу природата и артифициелното, односно Охридското езеро и околината со автентичната (уникатна) охридска архитектурата од 20-от век.

Во неможност за увид во плановите и проектите за новиот објект – Хотел, кој треба да го замени постојниот награден објект, како и стручна анализа за усогласеноста на Урбанистичкиот план со Плановите од повисоко ниво и Законската регулатива, бараме да прекине постапката за градење до нивно објавување и позитивна стручна анализа со вклученост на стручната јавност.

Управен одбор

ААМ – Асоцијација на архитекти на Македонија

aam1

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top