Британскиот авиопревозник EasyJet е нискобуџетна компанија која за ниски цени нуди летови на разни дестинации ширум Европа. Со цел уште повеќе да се заштеди, но и да ја заштитат животната средина, инженерите од оваа компанија ги претставија своите планови за тестирање на новите хибридни авиони, кои ќе бидат надоградени со водородна ќелија и систем за регенеративно кочење кој ќе се користи при „таксирањето“ на авионот на пистата. Притоа авионот нема да има потреба да ги користи своите мотори.
EasyJet планира до 2020-та да го намали својот јаглероден отпечаток за 7% во однос на денешните вредности кои изнесуваат околу 81,05 грама CO2 по километар за еден патник.
За концептот на хибриден авион, EasyJet бил инспириран од студентите на универзитетот „Cranfield“, кои на компанијата и ги претставиле своите идеи во врска со иднината на воздушниот патнички транспорт. Првите тестирања на авиони со оваа технологија треба да започнат во текот на годинава.
EasyJet во моментот располага со флота од 249 Ербаси A319 и A320, со просечна старост од шест години, и годишно превезува над 60 милиони патници. Новите хибридни авиони, освен 15% зголемената ефикасност, сериозно ќе придонесат за заштитата на животната средина. Се проценува дека годишната заштеда на гориво би била околу 50.000 тони.