Барселона, 7 јуни 1926 година. Улиците на каталонската престолнина се преплавени со сончева светлина. Меѓу минувачите е еден постар човек во износен костум. Додека замислено преминува преку пругите на улицата, на него налетува трамвај од линијата 30. Никој не го препознава старецот како лежи на земја во несвест. Поради запуштениот изглед, никој на почетокот не му приоѓа, а таксистите одбиваат да го однесат во болница.

Антони Гауди (1852-1926)
Три дена подоцна, на 10 јуни, старецот умира во болницата за сиромашни „Санта Креу“. Дури тогаш одекнува низ градот веста: Барселона го загуби својот најголем гениј – Антони Гауди. Погребан е неколку дена пред неговиот 74-ти роденден, во криптата на Саграда Фамилија, во самото срце на неговото животно дело. Го испратила цела Барселона, чие лице трајно го обликувал.
Неговите дела, во кои се спојуваат природата, симболиката и длабоката вера, и денес фасцинираат милиони.

Саграда Фамилија
Визионер и ексцентричен чудак
Антони Гауди, роден на 25 јуни 1852 година во Реус на југ на Каталонија во Шпанија, рано развил архитектонски израз кој ги оставил историските модели далеку зад себе.
Неговата креативна енергија била огромна: работел истовремено на станбени згради, сакрални објекти и урбанистички проекти. Создавал простори во кои статиката, орнаментиката и симболиката формираат единство. Неговиот стил е класифициран во каталонски модернизам, варијанта на сецесија која занаетчиството, уметноста и симболичното обликување ги претопува во сеопфатно уметничко дело.

Саграда Фамилија, внатре
Фасади што се извиваат како бранови, столбови што се разгрануваат како шумски дрвја и покриви што личат на грбови на змејови – Гауди ги барал законите на природата во сè, верувајќи дека тие нудат најдобри решенија за статика и естетика.
Како млад архитект, Гауди бил познат во Барселона како вистински денди. Уживал во луксуз, носел скапи одела, изработени по нарачка, ја негувал брадата со посебна грижа, јадел во најдобрите ресторани и се движел во високи кругови.
Гуел – пријател и мецена
Во тоа време, во 1878 година, случајно го запознал Еузебио Гуел, индустријалец со префинет осет за уметност. Тоа било едно од најплодните пријателства и покровителства во историјата. Од овој однос помеѓу клиентот и архитектот, се развило длабоко меѓусебно восхитување кое му овозможило на Гауди да го развие својот целосен уметнички потенцијал.

Антони Гауди и Еузебио Гуел
Радикалната трансформација и свртувањето кон длабока вера, скромност и изолација настапиле подоцна, првенствено поттикнато од трагедиите – смртта на неговата мајка, брат и сестра, и пријателот Гуел – но и од целосната опсесија со работата на Саграда Фамилија.
Јавноста била остро поделена за време на неговиот живот. За некои, тој бол визионерски иноватор, за други ексцентричен чудак. Неговиот пустински начин на живот, игнорирањето на општествените норми и радикално новиот визуелен јазик му донеле критики и исмејување.

Casa Milà
Современите карикатури понекогаш ги прикажувале неговите куќи како гротескни структури или кулиси од бајки.
И покрај сè, овој вечен ерген останал непоколеблив, наоѓајќи потпора во својата вера. Денес, дури седум неговите градби се на листата на светското наследство на УНЕСКО.

парк Гуељ
Саграда Фамилија: „Библија во камен“
Ниту една градба не ја отелотворува визијата на Гауди како славната базилика Саграда Фамилија, неговото последно и најзначајно дело.
Гауди ја замислил црквата како „Библија во камен“. Нејзините кули, портали и скулптури говорат за Христовото раѓање, страдање и воскресение. Од 18-те планирани кули, до неодамна само половина беа завршени, а од 2016 година, силуетата на Барселона почна брзо да се менува со изградбата на големите кули посветени на Богородица, евангелистите и Исус Христос.

Саграда Фамилија
Токму оваа 2026 година, историјата пишува нови страници. Главната кула на Исус Христос (Torre de Jesucristo) ќе биде свечено отворена точно на стогодишнината од смртта на архитектот, на 10 јуни. Со вкупна висина од 172,5 метри – вклучувајќи го и крстот висок 17 метри на врвот во кој може да се влезе – оваа кула сега е највисоката црковна кула во светот, симнувајќи ја од тронот катедралата во Улм, Германија (162 метри).
Папата Лав XIV свечено ќе ја благослови кулата на 10 јуни, а планирано е крстот тежок околу 100 тони, направен во Германија, навечер да светне над Каталонија за прв пат. Интересно е што оваа кула, по изрична желба на самиот Гауди, намерно не го надвишува блискиот рид Монжуик (173 метри). Архитектот верувал дека човечкото дело никогаш не треба да „ги надмине природните дела создадени од Бога“.

Саграда Фамилија
Импозантната градба денес расте во единствена мешавина од неокаталонска неоготика, сецесија и модерен стил, а нејзините делови се на листата на УНЕСКО од 2005 година. Папата Бенедикт XVI го осветил објектот во 2010 година. Целосното завршување на целиот храм е планирано за триесеттите години од овој век, веројатно кога ќе се навршат 200 години од почетокот на изградбата.
Буџетот од околу 25 милиони евра годишно сега е целосно покриен од влезниците на околу четири милиони посетители кои секоја година доаѓаат да го видат ова чудо.

Саграда Фамилија, внатре
Casa Batlló: Анатомија на митот и органска естетика
Дека стилот на Гауди ја избегнува секоја конвенционална класификација најдобро покажува Casa Batlló во срцето на Барселона. Брановидна фасада, светкави керамички мозаици и покрив сличен на змеј го карактеризираат овој архитектонски бисер.
Внатре во зградата, органската линија продолжува без ниту еден прав ѕид. Таваните, прозорците и скалите се претопуваат едени во други, создавајќи впечаток дека се движат низ живо тело на риба или змеј. Во поткровјето, овој принцип станува особено очигледен: параболичните лакови го носат покривот, а често се споредуваат со ‘рбет или рибина коска.
Сепак, Casa Batlló не е само естетска фантазија; таа е и триумф на инженерството. Системот за вентилација бил невообичаено модерен за своето време – циркулацијата на воздухот и регулацијата на температурата прецизно се планирани за да просториите бидат функционално оптимални.

Casa Batlló
Поглед во иднината и Светскиот конгрес
Оваа година во Барселона е прогласена за година на Гауди. Покрај стогодишнината од неговата смрт и отворањето на монументалната кула, градот на крајот од месецот станува и епицентар на светската архитектура. Од 28 јуни до 2 јули ќе се одржи Светскиот конгрес на архитекти (UIA), кој ќе собере над 10.000 експерти, урбанисти и повеќе од 250 светски предавачи.
Преку стотици панели и работилници, тие ќе дискутираат за одржливо градење, климатски промени и решавање на кризата со домувањето – теми што сигурно длабоко би го интересирале и самиот Гауди, кој во природата гледал одржливо решение за сите проблеми.
Еден век по неговата тивка смрт, Антони Гауди – кој е во процес на беатификација (прогласување за блажен) од 2000 година – е пожив од кога било. Неговата вера, преточена во камен, сè уште стои како вечен мост помеѓу природата, човечката имагинација и Божјите криви линии.
Извор: Дојче Веле (DW)

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија