Насловна / Вести / Климатските промени на меѓународен суд

Климатските промени на меѓународен суд

Генералното собрание на ОН на 20 мај 2026 г. со огромно мнозинство гласаше за поддршка на силни мерки за ограничување на климатските промени и покрај жестоката кампања против нив од страна на земјите производители на фосилни горива.

Светското тело, кое има 193 члена, одобри необврзувачка резолуција со која се поддржува значајната одлука на Меѓународниот суд на правдата (МСП) со седиште во Хаг од јули 2025 г., во која неуспехот на земјите да ја заштитат планетата Земја од климатските промени се смета за кршење на меѓународното право. Со резолуцијата се потврдува одлуката на Меѓународниот суд на правдата за законските обврски на државите во врска со климатските промени, односно државите имаат обврска да ја заштитат животната средина од емисиите на стакленички гасови, да се справуваат со фосилните горива, и се гарантира дека ќе има процес за унапредување на одлуката.

Гласањето во Генералното собрание на ОН било убедливо: 141 “за“, 8 “против“ и 28 “воздржани“. Против биле следниве држави: САД, Русија, Израел, Иран и Саудиска Арабија, Белорусија, Либерија и Јемен кои претежно имаат големо производство на нафта и големи емисии на стакленички гасови. Претходно владата на САД (US Department of State) изјави дека “силно се спротивставува“ на предложената резолуција и дека нејзиното усвојување “може да претставува голема закана за американската индустрија“.

Но овој настан во ОН и донесувањето на многу важната одлука не дојде лесно и преку ноќ. Уште од 2021 година малите островски земји во Тихиот океан предводени од државата Вануату објави дека ќе побара советодавно мислење од МСП за климатските промени. Оваа иницијатива била инспирирана од младинска група, претежно студенти од тихоокеанските острови. Во 2023 година Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која побара советодавно мислење од МСП за две прашања: (1) Кои се обврските на државите според меѓународното право да обезбедат заштита на животната средина? и (2) Кои се правните последици за државите според овие обврски кога тие предизвикуваат штета на животната средина?

Иако советодавните мислења не се обврзувачки, тие имаат значаен правен авторитет и помагаат во разјаснувањето и развојот на меѓународното право преку дефинирање на правните обврски на државите. Ова е најголемиот случај што некогаш го водел МСП, а тоа произлегува од бројот на писмени изјави (91) и бројот на држави што учествувале во усни постапки (97). Инаку, МСП е еден од шесте главни органи на ОН, заедно со Генералното собрание, Советот за безбедност и др.

При формирањето на мислењето и одлуката на МСП биле користени и претходни договори на земјите-членки кои се страни во тие договори за животна средина, вклучувајќи ги: Монтреалскиот договор (за заштита на озонската обвивка), Конвенцијата за биолошка разновидност, Протоколот од Кјото, Парискиот договор и многу други, кои ги обврзуваат земјите да ја заштитат животната средина за луѓето ширум светот денес, но и за идните генерации.

Земјите кои биле против одлуката на МСП имаат наведено разни аргументи со кои го штитат својот интерес. На пример, Саудиска Арабија истакнала дека државите се обврзани да формулираат национално определени придонеси (NDC) според Парискиот договор, но нагласила дека спроведувањето на NDC не се правно обврзувачки и дека нема „никаква основа“ да се воспостави ограничување за екстракција на фосилни горива и производство. Австралија тврдела дека емисиите на стакленички гасови немаат директна причинска врска со предизвикување на прекугранична штета.

Главното судско тело на ОН пресуди дека државите имаат обврска да ја заштитат животната средина од емисиите на стакленички гасови (GHG) и да дејствуваат со должно внимание и соработка за да ја исполнат оваа обврска. Ова ја вклучува обврската според Парискиот договор за климатските промени за ограничување на глобалното затоплување до 1,5°C во однос на прединдустриските нивоа. Судот понатаму пресуди дека доколку државите ги прекршат овие обврски, тие сносат законска одговорност и може да бидат обврзани да го прекинат неправедното однесување, да понудат гаранции за неповторување и да извршат целосна отштета во зависност од околностите.

Текстот на резолуцијата на ОН вклучува усвојување на национален план за климатска акција за ограничување на глобалната температура под 1,5 оС; постепено укинување на субвенциите за истражување, производство и експлоатација на фосилни горива; и повикување на оние што ги прекршуваат да обезбедат „целосна отштета“ за претрпените штети.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави: „Ова е моќна потврда на меѓународното право, климатската правда, науката и одговорноста на државите да ги заштитат луѓето од зголемувањето на климатската криза“.

Автор: Д-р Ристо Цицонков, редовен професор, Машински факултет – Скопје

Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)

Испрати коментар

Scroll To Top