Со цел да се отвори поле за дијалог помеѓу архитектите, институциите, локалната заедница и пошироката јавност во однос на интеграцијата на заштитеното културно наследство во современиот начин на живот, АРХРИД колектив со задоволство го најавува архитектонскиот настан „Антички театар: адаптивен континуитет“.
Датум: 13.6.2026 (сабота)
Место: Антички театар – Охрид
АГЕНДА:
19:00 – 19:30 | АРХРИД:
Воведно обраќање + поздравни обраќања
19:30 – 20:15 | ПРОФ. Д-Р ЕЛИЗАБЕТА КАСАПОВА (Архитектонски факултет – Скопје):
Античкиот театар во Лихнид / Охрид низ времето
20:30 – 21:15 ПРОФ. Д-Р EМИЛ ЈУРЦАН (Праксa, Хрватска):
Искуства од реконструкцијата на римскиот театар во Пула

АНТИЧКИ ТЕАТАР: АДАПТИВЕН КОНТИНУИТЕТ
Античкиот театар во Охрид е еден од најрепрезентативните културно-историски симболи на градот чија вредност е несомнено препозната и прифатена од општата јавност. По неговата целосна интеграција во современиот начин на живот преку реставрацијата и адаптацијата за користење како отворена летна сцена станува и една од главните туристички атракции во Охрид. Ретроспективното согледување на процесот на откривање на театарот, кој вклучува низа на археолошки истражувања (од 1960 до 2005 година), сведочи за комплексноста на археолошкиот локалитет кој поминал низ процес на реставрација, по што е презентиран пред пошироката јавност, отворен за посетители и ставен во функција на современите потреби.
Во време кога градовите се соочуваат со забрзани трансформации, прашањето не е само како да се зачува наследството, туку како тоа да стане активен и интегрален дел од секојдневието. За таа цел, Архрид колектив со задоволство ги презентира крајните резултати од еден исклучително специфичен истражувачки и проектантски процес кој започнува како студентска љубопитност, а прераснува во меѓународен дијалог за третирање на заштитеното културното наследство. Наместо како изолиран проект, овој труд треба да се согледа како повеќегодишна еволуција на една идеја — од нејзиното академско дефинирање, преку меѓународна верификација, до денешната општествена и професионална контекстуализација.
Инспириран од длабинските истражувања и резултатите на два првични магистерски проекти, овој настан ги обединува изложбата на конкурсните трудови, стручните предавања и публикацијата во една кохерентна целина. Преку документирање на овој развоен пат, целта на колективот е да отвори поле за дијалог помеѓу архитектите, институциите, локалната заедница и пошироката јавност бидејќи, прашањето за интеграцијата на културното наследство во современиот начин на живот бара интердисциплинарен пристап, чувствителност кон контекстот и подготвеност за нови, понекогаш и неконвенционални решенија.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија