Конкурсот ги поканува студентите од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија и Македонија да проектираат одржливи решенија за градови, села и заедници.
Кластерот CRH во регионот Адриа и Западен Балкан во соработка со Здружението на архитекти на Србија, објави регионален студентски конкурс „Екотон 26: Нови простори на соживот“.
Целта на конкурсот е идентификација на иновативни и одржливи решенија кои одговараат на современите еколошки, социјални и просторни предизвици, а крајниот рок за поднесување на трудовите е 28 септември 2026 година.

Екотонот како простор на интеракција помеѓу градот и природата
Како што се наведува во расписот на конкурсот, екотон – преодна зона помеѓу два различни екосистеми, каде што биодиверзитетот е најбогат – во архитектонска смисла може да се разбере како простор на интеракција помеѓу градот и природата или како контрастни амбиенти кои се формираат со текот на времето во градот (планирани простори наспроти неформални населби, напуштени структури во урбан контекст, контактни зони на животните простори на различни социјални групи итн.).
Конкурсот ги повикува студентите да ги идентификуваат своите локални „екотони“ како зони со потенцијал за генерирање нови просторни модели преку иновативни градежни технологии, насочени кон регенерација на пејзажи и заедници.
Одговори на една од трите конкурсни задачи
Трудовите треба да дадат одговори на една од трите конкурсни задачи: Урбана регенерација – Воведување на природата во град; Рурална реанимација – Интегрирање на технологии во село; и Социјална кохезија – Простори за зајакнување на заедницата.
Предложените решенија може да вклучуваат зелени мостови за диви животни, еколошки надвозници, линеарни паркови над сообраќајни коридори и пропустливи пешачки рути, дождовни градини, ревитализација на руралните пејзажи преку трансформација на напуштени објекти во современи простори, еколошка и модуларна градба, центри на заедницата, меѓугенерациски паркови, флексибилни културни центри, како и инклузивни урбани интервенции достапни за сите, без оглед на возраста, статусот или физичките способности.

Предавање на трудови до 28 септември
Конкурсот е отворен за сите студенти на додипломски и магистерски студии од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија и Македонија, без оглед на областа на студии, територијалната припадност или личните карактеристики.
Студентите можат слободно да вклучат квалификувани експерти во своите тимови како консултанти, чија експертиза и знаење можат да придонесат за подобрување на конкурсните решенија. Рокот за поднесување на трудови е 28 септември, а резултатите ќе бидат објавени до крајот на октомври.
Како да се пријавите?
Пријавите се поднесуваат анонимно, под шифра, преку веб-страницата. Преку истата платформа, учесниците можат да поставуваат прашања до организаторите и да ја преземат комплетната конкурсна документација, која е достапна и на веб-страницата на Здружението на архитекти на Србија.
Вкупниот награден фонд на конкурсот е 30.000 евра. Првата награда изнесува 15.000 евра, втората 10.000 евра, а третата 5.000 евра (нето износ).

Еминентни експерти во жирито
Трудовите ќе ги оценува жири составено од еминентни експерти: професор Бранислав Митровиќ (претседател на жирито), архитект и академик; професор Дејан Миљковиќ, архитект и академик; професор Зорица Савичиќ, универзитетска професорка; Анѓела Карабашевиќ, архитектка (AKVS архитектура) и Синиша Маухар, директор на CRH за Адриа и Западен Балкан, кој по повод расписот на конкурсот изјави:
„Целта на овој конкурс е да се воспостави регионална мрежа на млади иноватори, како и да се создаде база на визионерски просторни модели кои ќе помогнат во обликувањето на заедниците за подобро утре. Нашата заедничка мисија е да градиме иднина каде што идеите не само што се чуваат на хартија, туку смело го трансформираат изградениот простор. Токму затоа бараме ваша свежа енергија, остри умови и ‘зелено’ размислување што ги менуваат правилата на играта, верувајќи дека вие – млади, креативни и љубопитни – можете и морате да обликувате попаметна и поубава иднина“, заклучи Маухар.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија