Насловна / Арт и дизајн / Arlequin (Buste) на Пикасо повторно на аукција

Arlequin (Buste) на Пикасо повторно на аукција

Едно од најважните кубистички дела на Пабло Пикасо е повторно на пазарот и веќего бранува светот на уметноста.

Сликата Arlequin (Buste) од 1909 година, проценета на околу 40 милиони долари, ќе биде понудена на аукција на Sotheby’s на 19 мај 2026 година во Њујорк, и сè укажува дека овој пат всушност ќе смени сопственик, без драма во последен момент.

Ова дело, создадено во раната фаза на кубизмот, се смета за еден од клучните моменти во развојот на визуелниот јазик на Пикасо – периодот кога фигурацијата се распаѓа на геометрија, а сликата почнува да функционира како сложена, повеќеслојна структура.

Слика со богата и речиси кинематографска историја

Arlequin (Buste) со децении билa во рацете на истата колекција – онаа што ја формирале Енрико Донати и неговата сопруга Адел Донати. Донати, надреалистички уметник и една од впечатливите фигури, го купил делото уште во четириесеттите години на минатиот век за околу 12.000 долари, преку познатиот галерист Даниел-Хенри Канвеилер – еден од најважните посредници на Пикасо.

Наводно, одлуката била инстинктивна. Кога првпат ја видел сликата во парискиот Музеј на модерна уметност, Донати веднаш знаел дека мора да стане дел од неговата колекција.

Дело кое „исчезнувало“ и се враќало на пазарот

По децении приватна сопственост, сликата за прв пат сериозно влегла во плановите за аукција во 2008 година, кратко по смртта на Донати. Во тоа време, проценката надминувала 30 милиони долари, но продажбата била откажана во последен момент од лични причини.

Особено е значајно што во тоа време не постоела финансиски „заштитна рамка“ за продавачот – што значи дека немало гаранција за минимална цена. Овој пат ситуацијата е сосема поинаква: Sotheby’s потврди дека е обезбедена финансиска сигурност за делото, што ја прави аукцијата многу постабилна и пореална.

Повеќе од едно ремек-дело

Василиј Кандински – „Rote Tiefe“ (1925)

Аукцијата на колекцијата на Донати не запира само на Arlequin од Пикасо. Понудата ќе ги вклучи и делата на големите модернисти, меѓу кои се издвојуваат:

Василиј Кандински – „Rote Tiefe“ (1925), проценка 12-18 милиони долари

Ив Танги – „Aux Aguets le jour“ (1939), проценка 800.000-1,2 милиони долари

Целата колекција ги одразува интензивните врски што Донати ги имал со уметничката елита од своето време – од Марсел Дишан до Андре Бретон, што е директно се гледа  во изборот на делата.

Ив Танги – „Aux Aguets le jour“ (1939)

Колекцијата како историски запис на една ера

По смртта на Донати, со колекцијата управувала Адел Донати до 2025 година, кога и таа починала. Денес, дел од тоа наследство постепено се пласира на пазарот преку серија големи аукции закажани за мај и јуни 2026 година.

Како што наведува Sotheby’s Arlequin (Buste) претставува еден од најважните рани кубистички портрети – создаден само неколку години по прочуената „Госпоѓиците од Авињон“ – и е едно од ретките дела што јасно ја прикажуваат преломниот момент кога Пикасо го менува текот на модерната уметност.

Накратко: ова не е само аукција. Ова е враќање на едно од клучните дела од историјата на уметноста на сцената – а пазарот веќе внимателно го следи неговиот следен потег.

Испрати коментар

Scroll To Top