Насловна / Архитектура / Glasshouse Theatre ја редефинира современата театарска архитектура

Glasshouse Theatre ја редефинира современата театарска архитектура

Брановидна стаклена фасада го затвора конзолниот прв кат на театарот Glasshouse во Квинсленд, Австралија, проектиран од австралиското биро Blight Rayner Architecture во соработка со меѓународната компанија Snøhetta. Претставува значајно проширување на Queensland Performing Arts Centre (QPAC) во Бризбејн.

Изграден како продолжение на бруталистичкиот Центар за изведувачки уметности во Бризбејн, просторот со 1.500 седишта има флексибилен аудиториум проектиран да прими сè, од танцови претстави до симфониски оркестри.

Еден од неговите највпечатливи елементи е конзолниот прв кат, кој доминира со надворешниот изглед на објектот. Оваа структура, која се протега дури шест метри преку две улични фасади, овозможува максимално искористување на парцелата во урбаното јадро на градот.

Архитектите овој дел го обвиткале со брановидна стаклена мембрана, со што е создаден динамичен визуелен ефект и овозможена интеракција помеѓу ентериерот и надворешниот простор.

Фасадата не е само естетски елемент – нејзината инспирација доаѓа од поезијата на уметницата Lilla Watson од Murri и Gangulu заедницата, во која се евоцира движењето на реката Бризбејн и животот под нејзината површина.

На овој начин, проектот ги интегрира наративите на Првите народи во современ архитектонски израз. Во исто време, транспарентноста на фасадата придонесува за намалување на визуелната маса на објектот и овозможува многу природна светлина во фоајето.

Фасадата е изработена од австриската компанија Seele. Се состои од две нивоа стаклени панели високи седум метри, од кои некои содржат црни керамички влошки за намалување на сончевиот отсјај и прегревањето.

Директорот на Blight Rayner Architecture, Michael Rayner, нагласи дека идејата била транспарентната фасада да се претвори во еден вид јавна сцена, каде што минувачите можат да ги набљудуваат луѓето во фоајето – понекогаш јасно, понекогаш заматено. Тој, исто така, ја посочи намерата да се вклучат елементи од културното наследство на Првите народи преку дизајнот.

Проектот е резултат на меѓународен конкурс од 2019 година, а со неговата реализација QPAC стана најголемиот центар за изведувачки уметности под еден покрив во Австралија.

Внатрешноста на театарот е проектирана со посебен фокус на интимност и функционалност. Гледалиштето вклучува две приземни нивоа со вкупно 1.000 седишта и балкон со дополнителни 500 седишта. Максималното растојание од сцената до најоддалеченото место е само 28 метри, што придонесува за силно чувство на блискост помеѓу публиката и изведувачите.

Контрастот помеѓу светлото фоаје и темниот ентериер на салата дополнително ја нагласува атмосферата на просторот. Ѕидовите се обложени со дрво, додека подот е покриен со темно зелен тепих. Овој избор на материјали и бои создава амбиент кој е софистициран и акустично оптимизиран.

Функционалната флексибилност на салата е еден од клучните квалитети на објектот. Оркестарската јама се состои од три независни платформи кои можат да се креваат и спуштаат, овозможувајќи просторот брзо да се прилагоди на различни видови продукции.

Претставниците на студиото Snøhetta истакнале дека театарот е проектиран како прецизно наштиман музички инструмент, способен да одговори на барањата на операта, балетот, драмата и музичките спектакли.

Дополнителна техничка софистицираност обезбедуваат повеќе од 100 автоматизирани носачи во сценската кула, кои овозможуваат контрола на сценографијата, осветлувањето и завесите. Овој систем придонесува за ефикасноста и брзината на менување на сцените за време на изведбата.

Посебен симболичен елемент се кровните светларници – вкупно седум – кои ги претставуваат седумте вододелници на Квинсленд. Нивниот концепт се базира на истражување на културното наследство спроведено од Colleen Wall од заедницата Dauwa Kau’bvai, со што дополнително се нагласува врската помеѓу архитектурата и локалниот идентитет.

Glasshouse Theatre на тој начин ги обединува современите технолошки стандарди, културниот симболизам и архитектонските иновации.

Испрати коментар

Scroll To Top