Почетокот на новата 2026 година во архитектурата во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска е одбележан со продлабочување на конфликтот за иднината на архитектонското образование и регулацијата на архитектите помеѓу Кралскиот институт на британските архитекти (асоцијацијата) и Одборот за регистрација на архитекти (комората). Континуираното влошување на односите помеѓу двете организации барем симболично ескалираше во декември 2025 година кога Крис Вилијамсон, претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти, поднесе оставка на своето членство во Одборот за регистрација на архитекти со што ја изгуби својата регистрацијата и звањето регистриран архитект. Дополнително, тој веќе не може легално да се претставува како архитект, или пак како овластен архитект на Кралскиот институт на британските архитекти и зад своето презиме да ги користи кратенките АРБ (Одбор за регистрација на архитекти) и РИБА (Ројал институт оф бритиш архитектс) со коишто се одбележува неговиот статус во струката. При ова, регистрацијата е законска обврска додека овластувањето е по сопствен избор на секој регистриран архитект.

Крис Вилијамсон
Веројатно парадоксот во сета оваа состојба е дека ова нема да го спречи да работи како архитект, единствено нема да смее да се претставува како архитект со оглед дека тоа смеат да го прават само лицата кои се заведени на Регистарот на Одборот за регистрација на архитекти!? Тој по оваа оставка може да се претставува само како овластен член на Кралскиот институт на британските архитекти!? Ваквата состојба произлегува од фактот дека според „Законот за архитекти“ зборот „архитект“ е заштитен со закон и само лице чиешто име се наоѓа во Регистарот на архитекти може да се нарекува архитект, но за разлика од некои други земји функцијата на архитектот не е заштитена. Како резултат на ова кој било може легално да се занимава со архитектура, сè додека не се претставува како архитект.
Заострувањето на односите помеѓу двете организации е поврзано со предлозите на Одборот да ги смени правилата за акредитација од „овластувања за доделување на квалификации“ во „овластувања за доделување на (високообразовни) дипломи“. Ваквата промена ќе ги дисквалификува образовните организации коишто немаат овластување за доделување на дипломи, а имаат овластувања за доделување на квалификации. Ова особено ќе го засегне Институтот со оглед дека тоа врз основа на своето кралско овластување тој има право да доделува свои квалификации, вклучително Студио уверението (признанието како еквивалентно на ниво на диплома од додипломски студии по архитектура) и Студио дипломата (признаена како еквивалентна на ниво на магистратура по архитектура), обете на Кралскиот институт на британските архитекти. Преку овие две квалификации на Институтот лице кое работи во проектантско биро може да се стекне со архитектонско образование базирано на стажирање и практично искуство стекнато во бирото, но без формално универзитетско образование.

Пристапот на стажирање е продолжување на вековната традиција според која архитектите во земјата се образовале сè до воведувањето на формалното високо образование во архитектурата во втората половина на 19-тиот век, но и потоа, но во помал обем. За Институтот постоењето на можноста за стекнување и издавање на квалификации е значајно затоа што овозможува алтернативен начин за образование којшто не е зависен од плаќање на високи школарини на високообразовните установи и опстојување на можноста за образование во струката преку други иновативни, флексибилни и алтернативни модели.
На пример, најстарата школа за архитектура во Велика Британија, прочуената Школа на архитектонската асоцијација во Лондон, основана во 1847 година, а чиишто бивши студенти ги вклучуваат Заха Хадид, Рем Кулхас и Ричард Роџерс до 2019 година ги издавала своите дипломи со оглед дека нејзините образовни програми биле валидирани од страна на Кралскиот институт, а дури во 2019 година се стекнала со самостојно право за издавање дипломи.

За разлика од Македонија, каде дипломите во високото образование се издаваат врз основа на акредитацијата на универзитетот од страна на државата, во Велика Британија покрај државната акредитација програмите вообичаено се акредитирани од Одборот и валидирани од Институтот. Доколку некој студент дипломира или магистрира на програма во Велика Британија која не е акредитирана од Одборот или валидирана од Институтот, тој вообичаено треба да ја нострифицира истата преку Одборот за да му се признае како валидна во земјата. Овој процес не само што е значајна обврска туку и претставува финансиско оптоварување за кандидатот. Се разбира потребата од две акредитации (државната и онаа од Одборот) и една валидација (од Институтот) го зголемува финансискиот товар врз образовните организации, особено со оглед на високиот износ којшто Одборот годишно го наплаќа за секоја акредитирана програма во споредба со оној за валидација на Институтот. За разлика од Институтот, Одборот е статутарна организација чиишто примарни обврски се заштита на јавноста преку промовирање на компетентност, континуиран стручен развој и подготвеност за пракса, клучни атрибути по пожарот во Гренфел кулата.

Како резултат на ваквите состојби Кралскиот институт на британските архитекти сега се залага за сеопфатни реформи, укинување на последниот „Закон за архитекти“ од 1997 година, дефинирање на резервирани активности, и воспоставување на Совет за изградената средина којшто ќе ја надгледува стручноста низ целата градежна индустрија. Во делот на воспоставување нов Совет за изградената средина тие посочуваат на веќе постоечкиот модел на Инженерскиот совет под чија надлежност се сите инженерски струки. Според предложеното, новиот Совет за изградената средина ќе ги надгледува бараните компетенции и процесите за оценување на овластените организации во доменот на градежната индустрија, додека овластените организации на индивидуалните струки ќе ја оценуваат стручноста на своите членови. На овој начин овластените стручни организации ќе ја оценуваат стручноста на своите членови, додека новиот совет ќе ја надгледува работата на овластените стручни организации.

Според Кралскиот институт на британските архитекти ваквиот пристап треба да донесе подобрувања и пренасочување на фокусот од правната заштита на титулата на архитектот, на заштита на одредени професионални функции, но не и на целосна заштита на функцијата. Заштитата на одредени (резервирани) професионални функции би се однесувала на:
- Поднесувања на барања за урбанистичка согласност,
- Поднесувања на барања за градежна дозвола, и
- Издавање на крајни уверенија за завршување на градежните работи во согласност со постојните прописи и закони.
Очекувањата се дека само овластените архитекти ќе можат да ги извршуваат сите три функции, но дека членовите на други овластени струки ќе можат да извршат дел од резервираните функции. Така на пример, овластен урбанист ќе може да поднесе барање за урбанистичка согласност, а овластен инженер барање за издавање на градежна дозвола и сл. Со ваквиот пристап би требало да се промовира и колаборативното работење помеѓу струките во доменот на изградената средина.
Поларизираните состојби во професијата веројатно дополнително се искажани и преку неодамнешната анкета спроведена од неделното стручно списание „Архитектс џурнал“ каде 90 отсто од анкетирани 176 лица се сложиле со одлуката на преседателот Вилијамсон да поднесе оставка на членството на одоброт. 24 отсто од анкетираните изјавиле дека размислуваат дали да поднесат оставка, пет отсто дефинитивно планираат да поднесат оставка, додека осум отсто веќе имаат поднесено оставка на членството во Одборот. Во текстот на списанието се нагласува дека Вилијамсон е првиот претседател на Кралскиот институт во периодот по Втората светска војна кој не е квалификуван (регистриран) архитект.

Како и секогаш написите во медиумите не секогаш ја искажуваат полната слика на работите. Фактот е дека заштитата на звањето „архитект“ од страна на Одборот не ги штити воопшто архитектите од потенцијално нелојална конкуренција со оглед дека секој може да се занимава со архитектура и тоа без да ја нуди законски очекуваната заштита на клиентите која е задолжителна за архитектите. Според сегашните закони архитектите се одговорни за сработено во период од шест (за договор само со потпис) до 12 години (за договор со потпис и со печат) по откривањето на дефект, 15 години за латентни дефекти што не се видливи при примопредавање на објекти. Дополнително, за постојни станбени објекти одговорноста е 30 години сметано од 28 јуни 2022 година, а за нови станбени објекти 15 години сметано од денот на завршување на објектот. Оттука вообичаените очекувања се архитектите да бидат осигурани за професионална одговорност за целото време на пракса и уште барем шест години по пензионирањето. Ова е исклучителен трошок за малите бироа, а уште повеќе за пензионираните архитекти освен доколку не се покриени од бирото во коешто претходно работеле. Како илустрација годишната премија за професионално осигурување на архитектите изнесува некаде помеѓу 0,5 и три отсто од вкупниот обрт на бирото, а нивото на осигурување треба да се одржува и по пензионирањето. Со ова најмногу се погодени архитектите коишто самостојно работеле во сопствено биро.
Во 2025 година годишната членарина на Одборот за регистриран архитект изнесуваше 205 фунти (околу 236 евра), а на Институтот за овластени архитекти изнесуваше 474 фунти (околу 545 евра) – полниот износ за оние со над пет години стаж по овластувањето. Од 2021 година до 2026 година годишната членарина на Одборот е зголемена за над 89 отсто. Дополнително во периодот од 2021 до 2025 година годишната членарина на Одборот е зголемена за над 72 отсто во услови кога официјалната стапка на инфлација во истиот период изнесувала само 25,4 отсто. Веројатно поразителни се резултатите на истражувањето на Резолушен фоундејшен објавени во 2024 година коишто укажуваат дека платата на 38-годишен архитект во земјата во реални вредности е над 25 отсто помала од онаа што била пред 15 години.

Како резултат на ова не се за чудење состојбите со коишто се соочува струката денес:
- Лица коишто се квалификувани како архитекти во други земји да не се обидуваат да се преквалификуваат во Велика Британија.
- Лица коишто дипломирале и магистрирале на акредитирани и валидирани институции во Велика Британија да не пристапат кон стручниот испит, и како резултат на ова формално да не се квалификуваат како архитекти во земјата, па работат како соработници – архитектонски асистенти.
- Лица коишто станале овластени архитекти да поднесат оставка на своето членство во Кралскиот институт на британските архитекти за да заштедат малку. Ова честопати се јавува кај оние коишто се вработени како архитекти и на кои фирмата на им ја плаќа членарината за Институтот. Зачувувањето на поевтината регистрација преку Одборот им овозможува формално да останат архитекти, но за околу две третини да ги намалат трошоците за членство. Ова особено може да биде интересно за архитектите во приватни бироа со оглед дека тие доколку се членови на Одборот бесплатно можат да станат членови на нешто помалку познатата Асоцијација на архитекти консултанти.
Сето ова само дополнително укажува на состојбите и предизвиците со коишто се соочува архитектурата како струка дури и во најразвиените земји во светот. Оттука се поставува прашањето дали и во која мерка гестот на претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти, како и кампањата на институтот ќе доведат до некои вистински промени преку кои генерално ќе се подобрат не само одговорноста и квалитетот во работењето и заштитат клиентите, туку и ќе се овозможи соодветен надомест на архитектите за вложениот труд.
Литература:
- https://helix-law.co.uk/defect-liability-period-statutory-liability-definition/
- https://vaneatonsolicitors.co.uk/defective-premises-act-1972-explained/
- https://www.architectsjournal.co.uk/news/ribas-war-on-arb-90-of-profession-in-support-aj-survey-says
- https://www.riba.org/campaigns/competence-led-approach-to-architects-regulation/
- https://www.riba.org/news/riba-condemns-ill-advised-arb-accreditation-rule/
- https://www.riba.org/news/riba-responds-to-updated-arb-accreditation-fee/
- https://www.riba.org/news/the-change-risks-haemorrhaging-talent-riba-slams-arb-reforms-to-degree-awarding-powers/
- https://www.ribaj.com/intelligence/architects-salaries-versus-other-professions
- https://www.ribaj.com/intelligence/employment-and-earnings-falling-salaries-prompt-deeper-study-of-income-differentials/
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија