„Охрид е мистична земја од сказните и ако го апстрахирам сè она што како зрел научник сум истражувал, останува онаа маѓепсана атмосфера која се искажува со чувствата, а не со разумот“ – така во едно свое интервју го опиша својот роден град, доајенот на македонската современа архитекура, професорот Борис Чипан. Во една од тие свои точки во поновата историја на Охрид, град развиен низ историски континуитет од дамнина досега, го содржи и модернистичкото наследство, она наследство во кое припаѓа и великанот Борис Чипан со своето творештво, но кое сѐ уште останува непрепознаено и недоволно вреднувано под превезот на општественото уредување во кое настанува.

Изложбата посветена на Чипан – фото Ивана Групче
Во плејадата македонски архитекти кои твореле во Охрид и кои оставиле вредни дела, стои токму и Чипан, кој освен со својата долгогодишна работа во областа на културното наследство, публицистиката и едукацијата, го има единственото негово модернистичко дело во Охрид, а тоа е Феријалното одморалиште, кое како и повеќето објекти од истиот период е оставено на заборавот. Руинирано и во лоша состојба, останува на брегот од езерото како нем сведок за едно не толку далечно време, кога на една од најубавите езерски локации се слушаше џагорот на децата кои токму тука одмораа.

Изложбата посветена на Чипан – фото Ивана Групче
АРХИРИД
Општествените (не)прелики секогаш создаваат дуализам, па така, сред бурната урбанизација и деградација на Охрид се издигнува една група на млади архитекти кои делуваат во правец на едукација на самата фела и на граѓаните, за осознавање на вистинските вредности кои ги поседува охридската архитектура, нејзиниот потенцијал и зачувување на сјајот на препознатливиот, автентичен лик на Охрид. Тоа се младите архитекти од стручниот колектив Архрид, кој моментално брои 14 лица што воодушевуваат со своето сплотено делување веќе подолго време.

Начинот на Чипан – настан од АРХРИД (Охрид, мај 2025) фото Мила Гавриловска
„АРХРИД првично се појави во 2019 година како самостојна иницијатива за фотографско документирање на урбаните сцени во Охрид. Тоа беше обид за бележење на градот во момент на трансформација – без големи декларации, но со јасна намера да се создаде архив на современата состојба. Колективниот импулс се појави нешто подоцна, поттикнат од рушењето на ресторанот „Парк“, проектиран од архитектот Павел Балабан – објект што претставуваше значаен дел од модернистичкиот слој на Охрид од втората половина на 20 век. Тој чин ја отвори потребата разговорите што ги водевме секојдневно за архитектурата, градот и неговата иднина да добијат појасна, организирана форма. АРХРИД денес функционира како здружение (регистрирано во 2022 година) со цел да артикулира стручен став за урбаните процеси во градот и постепено да ја подигнува јавната свест за архитектонските вредности – особено за објектите од поствоениот период, кои сè уште се недоволно препознаени како културно наследство“ – истакнува архитект Стефан Назифовски од Архрид.

Начинот на Чипан-панел дискусија (Охрид, мај 2025) фото Мила Гавриловска
ФЕРИЈАЛНОТО ОДМОРАЛИШТЕ
А што друго би обработила темата „Начинот на Чипан“ освен она што всушност се содржи во сржта на творештвото на великанот Борис Чипан – модернистичкото културно наследство, овојпат повторно поставена на тапет пред широката јавност токму преку модернистичкиот објект – Феријалното одморалиште и распишаниот меѓународен конкурс во 2024 година. Силно одекна оваа тема во јавноста, најпрвин со предложување на темата од архитектите Ева Зовиќ и Анастасија Ристеска на интернационалната платформа за архитектонски конкурси Теравива, по која следуваше изложбата „Начинот на Чипан“ во 2025 година организиран од Архрид, во чиј тек настана и снимањето на истоимениот документарен филм во режија на младиот охридски режисер Антонио Вељаноски.

настан „Начинот наЧипан“ – фото Ивана Групче
Пред да биде овој објект пријавен на јавниот повик на платформата за меѓународни конкурси, овој објект на Чипан беше тема на истражување за магистерскиот труд на Ева Зовиќ, за чиј избор и инспирација, таа ни раскажува: „Како магистранд на Архитектонскиот факултет, покрај креативниот порив за создавање, проектирање и изнаоѓање на нови архитектонски решенија, волумени и дизајн, голема движечка сила зад мојата теза беше да имам придонес кон македонската архитектура и кон македонските архитекти, доајени и професори од калибарот на Борис Чипан. Иако сум од генерациите кои немале среќа да им предава професорот Чипан, преку неговиот искрен јазик и непосреден начин на пишување на неговите книги, неговиот одмерен однос кон професијата и воопшто кон животот, го доживувам како индиректен учител. Мојот единствен начин да вратам нешто кое има вредност е да го посветам мојот скромен труд, време и заложба на евидентирање, разгледување и истражување на мал дел од неговата работа, за препознавање на вредностите и потенцијалот на модернистичкото наследство. Феријалното одморалиште (колоквијално познато и како Одморалиште „Младост“) во Охрид, од архитектот Борис Чипан припаѓа на една категорија на објекти кои не постојат денес. Неговата површина и големина, поставеност, позиција во градот и просторна организација, раскажуваат за одликите на времето и за системот во кој е изграден и функционирал: со одморот како загарантирано право на децата, малата потребна квадратура, просторот за непосредно дружење и организација во феријални сојузи.

Колективот АРХРИД со изложената макета на Феријалното одморалиште – фото Зоран Вељаноски
Проектиран во 1945, а изграден во 1955, овој модернистички бисер (т.е. кубус) на Чипан не работи повеќе од 20 години. Се надевав мојот труд да биде еден вид на рефереца, пресек низ времето кој кажува за состојбата на Феријалното одморалиште во првите години од 21 век – како изгледа денес, кога престанува да се користи, дали сѐ уште е жив колективниот спомен и кој е ставот и односот кон објектот. Може да се каже дека, општо, целта на магистерските трудови е да се даде информиран и стручен одговор каков треба да биде ставот и односот кон темата, во случајов, модернистичкото наследство и Феријалното одморалиште. Мило ми е дека со конкурсот и проектот „Начинот на Чипан“ овој одговор не остана само напишан во мојата теза, туку разви креативен интерес од интернационален размер и одекна помеѓу архитектите и жителите на Охрид. Имено, италијанската организација за истражувачки конкурси Теравива, имаше распишано Повик за конкурси, каде задачата беше да се предложи локација, да се обмисли тема и да се изработи конкурсна задача. Со колешката Анастасија Ристеска предложивме ревитализација и реупотреба на Феријалното одморалиште. Повикот за конкурси беше успешен и од десет прифатени предлози, два беа од Македонија. Нашата предложена конкурсна задача беше преработена од страна на Теравива во конкурсот со конечно име „Наутички клуб Охрид“, на кој пристигнаа преку 100 трудови од архитекти од светот.“

Дел од изложените конкурсни трудови за Наутички центар Охрид – фото Ивана Групче
КАКО ДЕНЕС СЕ ОДНЕСУВАМЕ КОН МОДЕРНИСТИЧКОТО НАСЛЕДСТВО
По завршувањето на меѓународниот конкурс и објавувањето на наградените решенија, во мај 2025 година, следуваше настанот „Начинот на Чипан“ во организација на Архрид каде беа изложени конкурсните решенија заедно со две панел-дискусии кои предизвикаа неверојатен интерес кај публиката, со огромна посетеност и од професионалната фела, но и од самите граѓани кои негуваат почит кон ликот и делото на Борис Чипан. Настанот изгледаше беспрекорно организиран и светски, иако колективот Архрид се соочи со низа проблеми кои спонтано беа документирани и во самиот филм, прикажувајќи и друга димензија на општеството.

Начинот на Чипан (изложба за Борис Чипан) – настан од АРХРИД (Охрид, мај 2025)
фото Мила Гавриловска
Како еден од модераторите на настанот, но и директен учесник во подготовките, а со самото тоа еден од ликовите во филмот е и архитектот Стефан Назифовски, кој во име на Архрид за Порта 3 објаснува: ,,Настанот ‘Начинот на Чипан’, одржан на 3 мај 2025 година во просториите на Институтот за филм – Филмска академија Охрид, произлезе од желбата да се одбележат два значајни јубилеја: 70 години од изградбата на Феријалното одморалиште во Охрид и објавувањето на книгата ‘Стара градска архитектура во Охрид’ од Борис Чипан. Идејата не беше само комеморативна, туку и актуелна – да се отвори прашањето како денес се однесуваме кон модернистичкото наследство и дали сме подготвени да го препознаеме како рамноправен дел од историската слоевитост на градот. Настанот привлече околу 200 посетители – архитекти, професори, претставници на институции, студенти и граѓани. Во рамки на првиот панел, посветен на 1955 година како симболична точка, се дискутираше за улогата на архитектонското наследство како појдовна основа за современо проектирање. Се отворија теми за институционалната заштита, но и за потребата од „активирање“ на заштитените објекти преку нивна интеграција во современиот живот. Вториот панел го постави прашањето: што денес со модернистичкото наследство? Преку примерот на неодамна спроведениот интернационален конкурс „Наутички клуб Охрид“ се анализираа придобивките од архитектонските конкурси како механизам за квалитетно преиспитување на потенцијалите на една локација. Беа презентирани наградените решенија и се издвоија две тенденции – пристапи што со почит интервенираат во постојниот објект и пристапи што настојуваат програмски и естетски да го надградат.“

Начинот на Чипан – коктел после изложба – фото Мила Гавриловска
ФИЛМ „НАЧИНОТ НА ЧИПАН“ ВО РЕЖИЈА НА АНТОНИО ВЕЉАНОСКИ
Неколку месеци по настанот, филмот „Начинот на Чипан“ во режија на Антонио Вељаноски ја доживеа својата премиера на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, по која следуваа и низа други проекции, а во Охрид, во својот матичен град премиерата се случи на прагот на новата 2026 година, на 16 јануари, во просториите на ФИОФА (Универзитет „Св. Апостол Павле“) во Охрид. Антонио Вељаноски е филмски режисер и монтажер, роден во 1990 година во Охрид, а од 2009 година живее и работи во Прага, Република Чешка, каде што дипломира и магистрира на Филмската академија на универзитетот за сценски уметности (ФАМУ). Режисер е на документарниот филм „Поет на мал народ“, краткиот игран филм „И(с)згубени“, документарните филмови „Portrait of a Portrait Photographer“, „Начинот на Чипан“ и на неодамна завршениот „Хармонија во движење“.

режисерот Антонио Вељаноски
Документарниот филм „Начинот на Чипан“ има двојна паралела, пркосот на самиот објект под забот на заборавот и пркосот на оваа група од млади архитекти во општество кое длабоко ги потиснува вистинските вредности. Започнува со кадри од самиот објект на Чипан, прикажан во моменталната драматична руинирана состојба, напуштен и заборавен. Режисерот Вељаноски нѐ води низ целиот објект од надворешноста кон внатрешноста, прикажувајќи ја од кадар во кадар сета убавина на самиот објект, на неговото значење во поширок урбан контекст на прекрасната езерска локација, до внатрешната опсервација на просторот, осврнувајќи се и на деталите на ова архитектонско дело, кои говорат за висококвалитетните проектирачки пристапи на Чипан.

Самата љубов и интерес што ја има режисерот Антонио Вељаноски кон архитектонската фотографија, во филмот доаѓа во полн сјај, за чија поврзаност тој ќе објасни: „Голема чест имав да бидам повикан и да соработувам со Архрид. Најмногу ме заинтригира кога го спомнаа името Борис Чипан. Таа фасцинација со архитектурата секако дека помогна визуелно да го сработам филмот најдобро што можам. Исто така, длабоко ме допира темата ‘Ентропија’. Посебно тоа што еден објект во кој што се одвивал некој живот, има некава историја, а после дваесетгодишно запоставување стигнува до ситуација да изгледа така како што изгледа, проголтан од времето.

Кадар од филмот „Начинот на Чипан„ на Антонио Вељаноски
Борис Чипан бил специфичен бидејќи не само што проектирал туку и се залагал за зачувување за старата архитектура, посебно во Охрид. Во филмот се обидов да направам паралела меѓу него и членовите на Архрид, кои што на некој начин го прават истото што го правел тој. Се залагаат за зачувување на веќе значајната архитектура од 50-тите години, а истовремено нивниот талент го користат проектирајќи модерна архитектура, којашто еден ден ќе има големо значење. Сепак се работи за краток филм, така што се обидов следејќи го нивното страдање, паралелно да го претставам и Борис Чипан, во кратки рамки, коишто ги дозволува формата на краткиот филм. “

Кадар од филмот „Начинот на Чипан„ на Антонио Вељаноски
Во следниот дел, филмот преминува на втората паралела каде штомсе прикажани младите архитекти од Архрид во костец со проблемите како своевидни „Дон Кихоти“, при подготовката на настанот во изложбените простори кои се на располагање. При снимањето на филмот излегуваат непредвидени ситуации кои спонтано ја открија длабоко вкоренетата димензија на децениски неорганизирано општество, рамнодушноста, бирократијата и нередот во едно општество кое премногу често го запоставува сопственото културно наследство. За документарниот пристап на случувањата, режисерот Вељаноски објаснува:

Кадар од филмот „Начинот на Чипан„ на Антонио Вељаноски
„Документарниот филм е непредвидлив, пред снимање секогаш мора да се има некој концепт (може да биде сценарио или структура, некаков план како водилка), но сепак произлегуваат ситуации коишто не се планирани. Во најголемиот дел од документарните филмови драматургијата или да кажеме последната верзија од сценариото се формира во текот на монтажата во којашто исто учествував. Имав навистина среќа што главните ликови Ева Зовиќ, Филип Спасески, Стефан Назифовски и Иво Лазароски, беа достапни и автентични пред камерата. Исто така произлегоа ситуации коишто за нив не беа пријатни, но за филмот да биде филм беа доста корисни. Се обидов во стилот на филмот да внесам елементи од ‘Cinéma vérité’. Набљудувајќи го процесот во којшто се наоѓаат.“

Кадар од филмот „Начинот на Чипан„ на Антонио Вељаноски
За пораката која треба да ја прати филмот, режисерот додава: „Во случај кога филмот би имал друг наслов би го именувал ‘Моментална состојба’. За жал не само во архитектурата туку и во многу сфери во нашата држава не се води грижа за ништо и тоа што го имаме како наследство не се одржува соодветно. Конкретно во Охрид, каде што нема соодветен простор за културни акции, поголеми изложби или друг тип на настани, односно има, но не се зачувани, организирањето е екстремно тешко и мора да се импровизира. Тие простории делуваат темно, ладно и депресивно. За жал таква е моменталната состојба во којашто се наоѓаме во овој даден момент во Македонија.“

Кадар од филмот „Начинот на Чипан„ на Антонио Вељаноски
Како краен заклучок, Стефан Назифовски во име на Архрид ќе забележи: „Пораката што сакаме да ја испратиме е дека зачувувањето на модернистичкото наследство не е прашање на носталгија, туку на одговорност. Архитектурата не е само физичка структура, туку материјализирана меморија, идентитет и сведоштво за еден културен континуитет. Доколку го занемариме тој слој, губиме дел од сопствениот урбан идентитет. ‘Начинот на Чипан’ за нас не е изолиран настан, туку почеток на подолгорочен процес. Планираме да продолжиме со истражувања, јавни дискусии, изложби и конкурси како алатки за отворање на критички дијалог околу иднината на градот. Веруваме дека преку континуирано присуство во јавниот простор може постепено да се изгради поодговорен однос кон архитектонското наследство – и кај институциите, и кај стручната фела, и кај пошироката јавност. АРХРИД останува платформа за здружено делување, но и за поставување прашања – затоа што само преку јасен и аргументиран став архитектурата може да стане активен чинител во обликувањето на подобра урбана иднина за Охрид.“
Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија