Насловна / Вести / По 100 години, Австралија добива прв голем нов град

По 100 години, Австралија добива прв голем нов град

Австралија се подготвува за изградба на прв голем град по повеќе од сто години. Станува збор за проект Bradfield City, урбан центар на запад на Сиднеј, потпишан од американското студио SOM и австралиското биро Hassell.

Новиот град ќе биде сместен во непосредна близина на неодамна завршениот меѓународен аеродром Western Sydneу, околу 50 километри западно од централната деловна зона на Сиднеј. Според идејното решение, Bradfield City е замислен како нов урбан центар на метрополата – еден вид „ново срце“ на Сиднеј.

Генералниот план опфаќа површина од 114 хектари и е еден од најголемите проекти за урбанистичко планирање во Австралија. По завршувањето, Bradfield City би требало да стане првиот голем новоизграден град во земјата во последните сто години.

10.000 станови, универзитет и голем зелен систем

Планот предвидува изградба на 10.000 нови станбени единици, универзитетски кампус, како и повеќе јавни и комерцијални објекти. Посебна улога ќе игра мрежата од зелени површини, вклучувајќи го паркот Green Loop во должина од 2,2 километри, Central Park на површина од два хектари и четири големи градски центри наменети за јавни функции.

Во изработка на планот, SOM и Hasell соработувале со партнери за културен дизајн – Djinjama и COLA Studio, со цел да се обликува инклузивен и климатски отпорен град, врз основа на поврзаноста на старите народи со земјата, водата и небото.

Од SOM истакнале дека проектирањето на целосно нов град претставува ретка можност, но и голема одговорност. Нагласено е дека Bradfield City дава можност за усогласување на визијата за развој со заедницата и природната средина, а воедно интегрира отпорност, одржливост и иновации во сите слоеви на урбаното ткиво.

Прва фаза: First Land Release

Централниот дел од развојот се нарекува First Land Release, односно Superlot 1, и се простира на 5,7 хектари. Оваа зона ќе го претставува административниот и општествениот центар на идниот град и е планирана како прва фаза од реализацијата.

Во рамките на оваа фаза, планирана е изградба на околу 1.400 станови, универзитетски кампус, деловни простории, малопродажни објекти, хотели и отворени јавни површини. Визуелизациите прикажуваат серија повеќекатни објекти распоредени по должината на улиците со дрвја, со пространи зелени зони помеѓу нив.

Посебен архитектонски акцент претставува дрвен павилјон наменет за собирање на жителите. Конструкцијата е проектирана како испреплетена дрвена структура со настрешница од тенки елементи, што обезбедува засолниште и поттикнува социјална интеракција.

Според SOM, инспирацијата за овој објект произлегла од абориџинскиот принцип на „доволност“, односно идејата да се зема само она што е потребно. Според тоа, планирана е примена на материјали со ниски емисии на јаглерод и високи перформанси.

Фокус на одржливост и енергетска ефикасност

Стратегиите за одржливост вклучуваат пасивни архитектонски решенија, зелени покриви и широка употреба на соларни панели во градската инфраструктура. Целта е да се подобрат енергетските перформанси и да се намали влијанието врз животната средина.

Бирото Hassell истакнува дека намерата била да се обликува кварт каде што природата и урбаниот живот се испреплетуваат, за Bradfield City да биде пријатен, одржлив и автентично поврзан со локацијата на која  се создава.

Развојот на проектот го води компанијата Plenary, со поддршка на јавни инвестиции што надминуваат една милијарда австралиски долари. Првата фаза од изградбата е планирана за следните пет години, со што ќе започне реализацијата на еден од најамбициозните урбани проекти во современа Австралија.

Испрати коментар

Scroll To Top