Концепт продавницата MoMA Mart во Њујорк го претвора купувањето намирници во дизајнерско искуство со предмети што изгледаат како храна, но се наменети на живот во ентериер, не во фрижидер.

Ако некогаш сте помислиле дека домат би бил одлична ламба или дека часовник во форма на пица би имал повеќе смисла од класичен ѕиден часовник, новата „pop-up“ продавница на MoMA во Њујорк потврдува дека не сте осамени во таа идеја.

MoMA во Њујорк во форма на пазар
Наречена MoMA Mart, оваа „лажна“ продавница за намирници на реновирана Design Store локација за која веќе пишувавме, нуди полици полни со „познати“ производи кои на прв поглед изгледаат дека се јадат, но многу брзо се согледува дека се претвораат во ламби, часовници, вазни, столчиња и декоративни предмети.

Тука, храната е појдовна точка за дизајн, хумор и коментар за секојдневниот живот. Инспирацијата доаѓа од модернистичките и поп-арт традициите, каде што обичните предмети често се користени како средство за размислување за потрошувачката, идентитетот и културата на живеење.

Мешавина со вкус
За разлика од класичните тематски „pop-up“ концепти, MoMA Mart не е фокусиран на еден бренд или автор. Напротив, станува збор за куриран микс од различни дизајнери и студија, собрани околу истата идеја.

Тука се ламби во форма на домати, часовници инспирирани од сендвичи и пица, вазни што потсетуваат на производи од пазарот, но и мали предмети што балансираат помеѓу скулптура и домашен аксесоар.
Просторот во кој се изложени дополнително го подобрува доживувањето – инспириран од њујоршките „bodega“, но принтерпретиран преку препознатливиот визуелен јазик на MoMA.

Цел? Забава!
За дизајнерите и архитектите, MoMA Mart е добар пример за тоа како баналните, секојдневни мотиви можат да се преведат во функционални предмети без да се изгуби концептот.

За пошироката публика, ова е потсетник дека дизајнот не мора да биде сериозен, минималистички или „тежок“ за да биде релевантен. Понекогаш е доволно да ве насмее и да го погледнете сопствениот дом поинаку.

Важен детаљ е и тоа што приходите од продажба ги поддржуваат изложбите и едукативните програми на музејот, па оваа дизајнерска игра има и многу специфична конкретна културна намена.

Дизајн што се гледа и купува
MoMA Mart е отворен во Сохо и Мидтаун, Њујорк до крајот на март 2026 година, а комплетната понуда е достапна и онлајн.
За оние кои сакаат нивниот ентериер да има доза на иронија, поп култура и музејски референци, ова е една од оние идеи што ќе се паметат.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија