Насловна / Архитектура / Интервју: Архитект Методи Хаџи-Андов – „Параметар“

Интервју: Архитект Методи Хаџи-Андов – „Параметар“

„Параметар студио“ е основано во 2011 година. Каде и што работевте пред да го отворите? Колку тоа искуство Ви значеше во отворање сопствено биро?

Од  1998 година работев во „Мавровопроект“, кое беше дел од Градежното претпријатие „Маврово“, кое со истиот инженерски и менаџерски кадар се реформираше во друштво со ограничена одговорност. Како и да е, тоа беше фирма која имаше мултидисциплинарен тим создаван со децении со јасна хиерархија и одговорност. Проектите што ги работевме за земјава и за странство имаа конзистентен јазик во концепциите, материјализацијата и деталноста, со задолжително почитување на: локалниот контекст, кратката, но концизна легислатива, како и стручноста и одговорноста од сите учесници во проектот.

Тие концепции за: аналитика во проектирањето, тимска работа, почитување на мислења, координација со сите инженери и така натаму, навистина беа вонсериско искуство, кое пак во друго време и во други услови, секако значеше многу за да се оформи квалитетниот и посветен тим во „Параметар“.

Дали ни недостасуваат големи проектантски бироа, како она во кое работевте? Што значи работа во такви бироа, особено за младите архитекти, каде младите денес имаат шанса да го научат занаетот?

Работата во големо биро значи професионална дисциплина, одговорност и континуитет. Тоа е средина каде архитектурата не е импровизација, туку процес; каде секоја линија има мисла, а секоја одлука минува низ критика. За жал, кај нас ова често се заменува со „снаоѓање“, брзи решенија и краткорочни интереси, што ја девалвира професијата и ја сведува архитектурата на сервис, наместо на јавно добро. „Параметар“ е студио кое менторски и системски работи на секој помлад колега, преку процесот на тимска работа секој да помине низ различни проекти како обем, вид и комплексност, како би можел да биде дел од наредните големи проекти во фирмата.

Голема годишна награда за 2024 на ААМ и Гран при на БИМАС 2025 за НОМАГАС  

Добивте три награди, честитам. Досега не памтам дека ист објект ги добил двете најзначајни награди: Голема годишна награда за 2024 на ААМ и Гран при на БИМАС 2025 за НОМАГАС (државната компанија за увоз и дистрибуција на гас), Главен административен и сервисен центар во Општина Петровец. Исто така на БИМАС добивте награда и во категорија проекти за Индустриски објект за преработка на овошје. Што значат овие награди за „Параметар“?

Да те дополнам, во меѓувреме добивме и четврта оваа година, тоа е наградата на БАБ (Балканско архитектонско биенале), кое се одржа во Белград минатиот месец и на кое учествуваа седум држави од регионот. Наградата е Признание за успешна урбанистичка интервенција со изведениот проект за реконструкција и редизајн на петте мостови во Крива Паланка.

Што значат наградите? Значат верификација на мислата, посветеноста и трпеливоста што еден архитект проектант мора да ги поседува. „Награда за успешен архитектонски објект“ не значи само признание за убава форма или за атрактивен дизајн, туку препознавање на квалитетна просторна концепција, пропорција и материјализација, а не само економска оправданост. Посебно ми е драго што комисиите препознаа нов квалитет во јавниот и во работниот простор на објектите, испроектиран и изведен со одредени ресурси, материјали и време. Наградите се потврда за долгогодишната работа и напор, Наградата за успешен архитектонски објект значи дека архитектурата не е само убава, туку и оправдана, употреблива, контекстуална и општествено вредна.

Покрај овие три наградени објекти на какви проекти работи „Параметар“? Работите ли и урбанистички планови?

„Параметар“ во моментот работи на повеќе деловни, индустриски, станбени и други објекти, а на урбанистички планови секако дека работиме, архитектурата и урбанизмот имаат однос кој е суштински и нераскинлив.  Архитектурата и урбанизмот не се две одделни дисциплини, туку еден процес ефектуиран на две нивоа. Добриот урбанизам без архитектура се претвора во апстрактен план со шеми и табели, а добрата архитектура без урбанизам станува изолиран објект, без просторен контекст и урбанистичка логика. Посебно задоволство ми е кога работиме на проекти кои почнуваат од „гола земја“ и тоа со нов или со измена на постоечки урбанистички план или урбанистички проект, идеен, основен проект и надзор над градбата, односно од почеток до крај. Впрочем и наградените проекти беа дел од ваков процес.

индустриски објект за преработка на овошје, Ресен; награда на БИМАС 2025

Урбанистикото планирање во земјава достигна ниво на државен проблем. Можеме ли да се справиме со урбанистичкиот хаос во македонските градови?

-Планирањето е сериозен проблем – точно, но да не заборавиме дека голема одговорност за тоа носиме и ние архитектите, само критикувајќи (што е најлесно), и не преземајќи ништо во својот домен на стручната посебност во работењето и блиското опкружување.

-Најпрвин, за законската регулатива, која е претерано обемна и променлива, имено, прво би требало да се менува правилото, па просторот, додека кај нас често се прави спротивното – се реализира интервенција, а потоа се бара план што ќе ја оправда.

-Македонија немаше воопшто обемна законска регулатива за оваа проблематика, а градовите имаа квалитетен, обмислен и хуман урбанизам. Денес имаме регулатива која не може да ја дочитате, а градовите се такви какви што се…

-Потребна е стручна анализа на применливоста на странски практики, но наместо масовни и ризични експерименти, странските практики треба да се тестираат преку пилот-проекти: еден кварт, една населба, јасна цел и мерливи резултати. Така започнаа и најуспешните модели во Европа. Реакцијата треба да биде, не само темелна туку брза и ефикасна, додека сè уште можеме да направиме рез и да ги зачуваме и развиеме правилно урбаните, но и руралните простори. Докажаните странски примери треба да се применуваат, но и адаптираат, пред сè стручно. Во тој контекст мислам на пример на Копенхаген. Неговиот план не е успешен поради велосипедските патеки како објект, туку поради системот што ги поврзува: густината, јавниот транспорт и заштитените зелени појаси. Барселона не е пример поради плоштадите, туку поради концептот на улицата како јавен простор, а не како сообраќајните коридори кај нас, кои се прошируваат и спровираат во градските ткива, да допрат до секој останат слободен простор, само поради економска цел.

станбена зграда во Скопје

Архитектите постојано апелираат на лошото планирање, недостиг на инфраструктура, преизграденост. Но испаѓа дека јавната свест е на ниско ниво, највисоката цена на становите е токму во оние населби за кои се апелира дека живеењето станува невозможно. На што се должи тоа?

Од апелите и од анкетните комисии нема корист!

-Прво, цената расте затоа што нема друг функционален избор за инвестирање, а не затоа што становите се многу добри или воопшто дека тој бизнис е најдобар избор. Без да ја заборавиме реалната потреба од купување на станбен простор, сепак енормното инвестирање во недвижности е резултат на долго акумулираната недоверба во финансиските институции, нестабилни економии, заштита на заштедениот капитал, и ова не е само кај нас, оваа појава е уште повеќе изразена во соседството и во Европа, таму цените се веќе од два до седум пати повисоки од претходно.

-За урбанистичкиот контекст и јавната свест, становите не се купуваат заради тоа што се наоѓаат во квалитетен јавен простор, туку дека се блиску до центар, или затоа што има добра инфраструктурна поврзаност со улици и со јавен превоз, заради „престижна адреса“ итн.

-Точно, јавната свест е на ниско ниво, но луѓето не можат да се самообразуваат во сите области. Наједноставно секоја владејачка структура, треба да наметне: долгорочни планови на урбан и инфраструктурен развој и тоа пред сè развој на перифериите, не само со изградба на станови, туку со комплетен развој за квалитетно живеење таму, како работни места, училишта, мали трговски единици, зеленила, спорт и др.

-За ова добар пример е Германија (и Словенија која го ископира овој систем). Имено Германија е земја со 84 милиони жители, додека најголем град е Берлин со 3,5 милиони, Хамбург со 1,8 милиони, па Минхен со 1,6 милиони итн. Македонија има 1,81 милиони, а во главниот град официјално е повеќе од една третина од населението и уште 100.000 луѓе кои секој ден доаѓаат на работа од другите градови.

комерцијален објект во Крива Паланка

Можете ли да издвоите некој објект или проект кој особено Ви значи?

Има објекти кои на почетокот имаат одлични програми и локации, но истите  работи добиваа друг тек, додека спротивно има објекти за кои се чинело дека немаат голем потенцијал, па добиле успешна завршница. Во „Параметар“ во моментот се работат два индустриски објекти, мал трговски центар, две станбени населби на периферија на два града, туристички капацитет итн. Посветеноста на сите нас, моја и на колегите е подеднаква и максимална и не можам да одвојам што било… тоа ќе се процени кога ќе се завршат.

винарија во Кавадарци

Во поранешната држава градежништвото беше предводено од шесте најголеми градежни фирми тогаш, кои работеа и изведба и проектирање во земјите на СССР, Азија, Африка, па и во Западна Европа и беа почитувани и конкурентни вон локалните рамки. Способни ли сме денес да работиме вон границите на Македонија?

Сè е точно за шесте компании и нивната успешна работа, но не можеме да живееме во минатото. Општествените прилики сега се сменети, констелацијата на бизнис-релациите исто така и тоа не само во негативен контекст, туку присутни се и нови апсолутно добри прилики со кои треба да се носиме.

Секако дека може и треба да се работи во поголем обем, овде и надвор, но затоа најпрвин треба поддршка од релевантните државни институции (комори, агенции, отсекогаш недопирливите дипломатски канцеларии…). Ова не го зборувам како оправдување и барање на стопроцентно менаџирање од државата, туку разбирање дека е потребна поддршка за земање работа за сериозни објекти, не за помали и за индивидуални куќи.

Со поставување на јасна регулатива и со квалитетни домашни референции, може да се направи здружување во домашни и во регионални проектантски и инженерски конзорциуми и успешен корпоративен настап… за што постојано зборувам. Впрочем тоа е испробана работа, треба да се работи на неа сеопфатно и континуирано.

куќа во Неготино; Овој објект е добитник на наградата BIG SEE Architecture Award 2024 во категоријата Residential – houses

Во Македонија има осум архитектонски факултети, какви кадри произведуваат? Што би им порачале на младите архитекти?

Со осум архитектонски факултети се поставува прашање:
Дали постои јасна стратегија за нивната улога, профилирање и усогласување со реалните потреби на општеството и професијата?

Факт е дека без координиран пристап, постои ризик образованието да функционира изолирано од практиката, а младите архитекти да влегуваат во професијата со ограничена подготвеност за сложените реални услови. Со овој факт се допира и погорекажаното, во врска со изгледот и функционалноста на градовите, јавните и приватни простори и урбаната и рурална средина воопшто во Македонија.

Бидејќи сум голем противник на критизерство и постојано жалење, би сакал да ги поздравам неодамнешните почетни најави за ревизија на усвоените студиски програми, кои се стотици. За квалитет треба да има многу повисоки критериуми на истите, сè дотогаш младите архитекти треба подлабоко истрајно и трпеливо да го учат проектантскиот процес од праксата, со менторска и практична работа како и со полна одговорност.

Благодарам за честа која ми ја укажавте!

индустриски објект за преработка на овошје, Ресен; награда на БИМАС 2025

Спортска сала во Штип

Дом за стари лица во Штип

Пејзажен редизајн во Крива Паланка

 

Испрати коментар

Scroll To Top