Насловна / Архитектура / Од икона на Експо до брикети: 70% од дрвената конструкција на Фуџимото ќе оди за огрев

Од икона на Експо до брикети: 70% од дрвената конструкција на Фуџимото ќе оди за огрев

До неодамна, најголемата дрвена конструкција во светот – Големиот прстен (Grand Ring)  во јапонскиот град Осака – во најголем дел ќе биде претворена во огревно дрво, изјави архитектот Соу Фуџимото за Dezeen.

Изграден за да ја опкружи локацијата на Експо 2025, кој траеше во Осака од април до октомври, Големиот прстен за време на светската изложба се итакна со обем од два километри и површина од повеќе од 61.000 квадратни метри.

Рушењето започна на почетокот на месецот

Како и другите структури изградени за овогодинешниот Експо во Јапонија, Големиот прстен од самиот почеток е проектиран со идеја да биде демонтиран, иако властите ја одложија одлуката за неговата судбина до завршувањето на изложбата.

Демонтажата на Grand Ring започна на почетокот на декември, при што само дел од должината од 200 метри е предвидено да се задржи. Во ексклузивна изјава за Dezeen, јапонскиот архитект Фуџимото, кој го проектираше мастер планот Експото и Големиот прстен, рече дека очекува дека поголемиот дел од дрвото ќе се запали.

„За жал, сега, колку што знам, донесена е политичка одлука да се задржат само 10%, од тие 200 метри, а сè друго да се сруши. Можеби околу 20% ќе бидат внимателно демонтирани и транспортирани на други места за да се добие „втор живот“. Од она што го слушнав, 70% едноставно ќе бидат срушени и претворени во брикети за огрев“, објасни Фуџимото.

Организаторите на Експо и градските власти на Осака сè уште официјално не потврдиле што ќе се случи со демонтираната дрвена граќа на Големиот прстен, а од друга страна, студиото на Фуџимото не е вклучено во донесувањето одлуки.

Непосредно пред затворањето на Експо во октомври, „The Japan Times“ цитираше службено лице од градот Сузу кое изјави дека дрвото од Големиот прстен ќе биде донирано за изградба на станови како дел од реконструкцијата по земјотресот и силните поплави што се случија во 2024 година.

Сепак, Јапонското здружение за Светската изложба 2025 организираше аукцијата на дрвената граѓа од Големиот прстен од 17 октомври до 6 ноември. По тој повод, беше истакнато дека во Акцискиот план за одржливост на Експо е наведено само дека градежните материјали ќе бидат повторно употребени „во најголема можна мера“.

Фуџимото: Не мислам дека тоа е правилниот начин

Архитектот Соу Фуџимото јасно нагласи дека според него, палењето на дрвото од Големиот прстен е „најлошото нешто што некој може да го направи“.

„Јапонските политичари мислат дека тоа е еден од начините за повторна употреба, но јас не мислам дека тоа е правилниот начин. За жал, во Јапонија, размислувањето за одржливоста е сè уште малку зад глобалните стандарди“, додаде архитектот.

Конструкцијата на Големиот прстен комбинира модуларни современи методи на градба со традиционални јапонски техники, како што се нуки споеви, во кои хоризонтална греда се протнува низ вертикален столб.

Оваа техника овозможува лесно отстранување и замена на оштетени или истрошени делови и користена е во некои од најстарите постоечки градби во Јапонија, како што се храмови и светилишта. Исто така, овозможува едноставна демонтажа на конструкцијата, како и лесен транспорт и повторно склопување на друга локација.

„Помалку е штета. Сè уште има многу мислења за тоа како да се зачува дрвото или да се направи нешто слично. Можеби сè уште се води расправа, но главната политичка одлука е веќе донесена и процесот на демонтажа е во тек“, истакна Фуџимото.

Фуџимото објасни дека иако знаел дека властите на Осака имале намера локацијата на Експо да биде привремена, го проектирал Големиот прстен со надеж дека може да остане.

„Се надевав, очекував, од самиот почеток, дека ако Експото биде многу успешно и ако луѓето навистина го сакаат, Големиот прстен може да остане подолго, како Ајфеловата кула или некои други примери на Експо градби што опстанале. Секако, како професионален архитект, ги следев барањата на клиентот, но во исто време очекував да го надминеме тоа“, вели Фуџимото.

Со настрешница за заштита од временските услови и соодветно одржување, Фуџимото проценува дека Големиот прстен можел да трае „повеќе од 50 или дури 100 години“, истакнувајќи дека во Јапонија има дрвени конструкции кои траат многу долго, а некои се стари и повеќе од 1.000 години.

Улогата на архитектот е да создава големи работи

Архитектот објасни дека, доколку се одлучи градбата сепак да се задржи, потребни се нивоа на одржување или зајакнување, а тоа чини пари. Бидејќи дрвото е изложено, потребни се и годишни трошоци за одржување, што е секогаш проблематично.

Фуџимото додаде дека генерално не се согласува со политиката структурите на Експо да бидат привремени. „Малку ми е жал што од самиот почеток беше одлучено целиот простор да биде привремено изграден, а по Експо сè да се демонтира или премести, а потоа нешто ново да се развие на таа локација. Тоа всушност не е паметен начин за волку голем развој.“

Прославениот јапонски архитект сепак заклучува дека властите во секој случај одлучиле така, а дека неговата улога, се разбира, била првенствено да создава големи работи за Експо, што тој секако и го направил.

Испрати коментар

Scroll To Top