Денес во Музејот на Македонија во 19 часот ќе се отвори изложбата со македонските бајки илустрирани од Димитар Кондовски, насловена „ Димитар Кондовски и Македонските бајки“ на авторите Филип Кондовски и Јасминка Намичева.
Димитар Кондовски (1927–1993) е еден од клучните автори во современото македонско сликарство: сликар, илустратор, сценограф и професор, со опус што маестрално ја вкрстува модерната стилизација со средновековно-византиската традиција, орнамент и симбол. Во својата уметничка продукција за детска и младинска литература, Кондовски вградил огромно илустраторско искуство, зад кое биле отпечатени импозантен број на илустрирани детски книги. Сепак, исклучителна вредност имаат илустрациите кои го окупираат вниманието на сликарот Кондовски, во периодот од 1982-1984 година, кога тој бил насочен кон разработката на текстовите од македонските бајки и народни приказни, со особен интерес кон приказните од Марко Цепенков, од кои произлегуваат двете најволшебно илустрирани едиции на детски сликовници – Македонските бајки (1986) и Македонски народни приказни (1992) во печат на редакцијата „Детска радост“ од Скопје.
Резултатот од ова ликовно патешествие на Кондовски се 90тина цртежи кои во 1986 година, биле вградени во голема петојазична едиција на сликовници – „Колибри“ со поднаслов Македонски бајки (во обработка /редакција на Душко Наневски[1]; ликовното-графичко обликување е на Александар Цветковски). Еден опсежен проект за промоција на македонското усно народно наследство меѓу децата, со цел да се доближат бајките до различни етнички заедници во Југославија, со што изданието е петојазично : на македонски, србскохрватски, словенечки, албански и унгарски јазик. Зад оваа едиција како издавач стои Заводот за стопанство и општествени дејности на СРМ „Самоуправна практика“-Скопје. Едицијата „Колибри“, во првата серија, содржела шест наслови: 1.„Марко и самовилата“COBISS.SR-ID – 86726407)), „Самовилското коњче“(COBISS.SR-ID – 86734855), „Квачката и дванаесетте пилиња“, „Немата морска царица“, „Детето без страв“, и „ Светската убавица“.

Врз основа на огромниот успех на првата едиција сликовници, во 1992година, била подготвена нова едиција каде повторно е издавач редакцијата „Детска радост“ но овој пат подржана од Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија.Новата едиција била подготвена за Библиотеката „Росица“, со поднаслов – Македонски народни приказни, во која биле отпечатени серија сликовници во невообичаено голем формат („џиновска сликовница“) каде биле искористени илустрациите од Кондовски од предходната едиција од 1986 година, но во неколку сликовници со одредени модификации на насловите и текстовите. Едицијата се состоела од: -1.„Детето без страв“ по текст од Кузман Шапкарев,(ISBN: 86-7845-047-9); 2.„Немата морска царица“( ISBN: 86-7845-048-7),3. „Сиљан Штркот“(ISBN: 86-7845-050-9) ,4.„Детето со крилесто коњче“ (ISBN: 86-7845-032-0) и 5.„Дуња Ѓузели“ (ISBN: 86-7845-049-5) -по текстови од Марко Цепенков, (обработката на текстовите и јазична редакција е од Здравко Ќорвезировски; дизајнот и ликовното-графичко обликување е на Александар Цветковски) .
Овие едиции на детски сликовници, претставуваат своевиден ковчег со драгоцености во кој блескаат исклучително вредните илустрации на Димитар Кондовски[2] инспирирани од бесценетите текстови од приказните на Марко Цепенков, Шапкарев и други народни раскажувачи. Токму тој духовен и уметнички капитал кој го содржат овие дела ја подтикнаа идејата на авторите Филип Кондовски и Јасминка Намичева на проектот „ Македонските бајки во светогледот на Димитар Кондовски “ , да ја презентираат пред јавноста целокупната збирка со сите 72 оригинални илустрации( и 10 копии) од кои е составена едицијата сликовници, а е во сопственост на семејството Кондовски. Издвојувајки ги од огромниот опус на илустрации кои Кондовски ги изработил за најразлични книги, најчесто детски лектирни изданија, детски ТВ емисии, или сценографски решенија за детски претстави, оваа збирка илустрации сама за себе отсликува еден одделен униврзум, обоен со пребогат колорит отсликан од македонското сонце, врз шаренилото на декорациите од богатиот етнолошки трезор, збогатени со волшебствата и вонземските суштества пресликани од богатата народна имагинација и секако мајсторски „зачинети“со карактеристични обележја на секоја култура во која се развива приказната со бајковитите јунаци. Целокупната збирка оригинални илустрации, броела 82 листови,односно се состоела од 6 сликовници со по 12 илустрации , со исклучок само на „Сиљан штркот“ како седма сликовница која содржела 10 илустрации. За сликовницата „Детето без страв“ отпечатени биле сите 12 илустрации кои Кондовски ги изработил, но, за жал, во збирката на семејството Кондовски се останати само две илустрации, додека останатите 10 биле мистериозно исчезнати во печатницата уште за време на подготовката на едицијата. Токму затоа на изложбата ќе бидат изложени вкупно 72 оригинални илустрации и 10 копии. Преку оваа збирка на детски илустрации, уметникот создал мост преку кој секое дете зачекорува во светот на македонскиот бит , неосетно и лесно, прифакајки ги како свои вообичаени матрици, сите кодови кои Кондовски штедро ги распослал на секоја страница од бајките, со што патувањето во чудесниот свет на животните поуки, тивко, трпеливо, одново и одново, им ги раскажува Цепенков, залагајки се за единствената животна вистина , дека макар и една раскажана приказна од баба или дедо е богатство за навек, дека макар и една приспивна песна од мајка е бесценет универзум на дланка, дека стисокот на татковата рака пред заспивање ги надминува сите стравови од стоглавите аждери и дека приказните раскажани „на перница“ се најголемиот капитал на љубов што родителите можат да го подарат во најраното детство на секој човек. Затоа, втренчени во волшебниот свет кој Кондовски ни го распостила под нозете, ние почнуваме да талкаме по светот рака под рака со „Сиљан штркот“ и да ги откриваме тајните на животот со него; да му се воодушевуваме на храброста на „ детето без страв“, да се јуначиме и да јаваме врз белиот вранец со „Марко и самовилата“ или пак да се дружиме со јуначиштата од „Дуња Ѓузели“ но и да не ја заборавиме големината на љубовта на мајката во „Квачката и 12те пилиња“, за да кревките криља на „Самовилското коњче“ не однесат до бајковитиот дворец на „Немата морска кралица“. Секако, бескрајно бесценето е сознанието, дека истовремено, Кондовски , ни држи час по историја на средновековниот костим и свечена облека, ни го тренира окото на висока естетика одбирајки вешто фрагменти од народната македонска секојдневна носија и етнолошка ризница, создава учебник за стиловите на најразлични зданија од обични селски куќи со сламени покриви до царски палати со мермерни тордирани столбови и златни двери, од црковни блескави куполи до кули на камени замоци. Овој амалгам за „мемориската капсула “ создадена од креативната енергија на двајцата колоси, Цепенков и Кондовски, има за цел на еден суптилен начин, пред заспивање, нежно,трпеливо татковски да ги втисне во детските глави, сите уки и мудрости, сите црвени нишки од кои е исткајана македонската сага, сите стравови и предизвици за справување со двоглавите чудовишта, да укаже на сите човештини но и гаволштини, на сите будалаштини но и доблести, и така полека но сигурно како што се кали челикот- во оган па во ладна вода, да го искали детскиот дух.
И како што Блаже Конески во предговорот за овие илустрации ќе каже: „Тој дошол на ингениозна идеа – она што е во нашата бајка простор и што и припаѓа на визуелната свера-да го постеле. А се знае како се постила кај нас просторот – со килими, со ирамчиња, со тантели по прозорците…Јас сум пиел вода од кладенче наведнат по коленици. Јас не знам дали уште еднаш во животот ќе имам таква шанса. Но ако се случи да ја имам, јас во бистрата вода ќе гледам шарки од нашето ирамче, како што гледа Марко и неговиот Шарец со очите на Димитар Кондовски. И со тоа пиењето на бистра вода ќе ми биде послатко.“
И како и многупати досега, ќе ја немавме можноста да ги погледнеме овие илустрации од близу „очи во очи“, ако не беше зачувана целокупната збирка со цртежи, кои несомнено денеска претставуваат дел од нашето културно наследство, кое пак, благодарејќи на посветеноста и непоколебливата идеја на Хилдегард Кондовска, овој трезор на македонската уметност да биде сочуван за генерациите, денес, по нејзиното заминување „кај Димче“, мисијата, ја продолжува Филип Кондовски. И што е уште повеќе важно е што Хилда беше далекувида во своите намери, создавајќи ја најопсежната архива и колекција на се што зад себе оставил уметникот Димитар Кондовски. Наспрам ноншалантноста на уметникот кон понатамошниот живот на сопствените завршени дела, но и ригорозната критичност дури и кон најосновната скица која тој ја уништувал сметајки ја за несоодветна на неговиот уметнички ракопис, од друга страна пак, со германска прецизност во систематизацијата и меморирањето на сите податоци кои се однесуваат на настанокот на истите тие дела кои „Димче“ ги создаваше низ годините, Хилда, беше „димчевиот добар дух“ кој изгради „мемориска ризница“ – темелник за следните генерации. Атмосферата на своеврсна алхемиска работилница се чувствува во уметниковото ателје и денес, каде од една страна е присутна пасионирана посветеност на создавање уметност, а од друга страна, пасионирана посветеност на зачувувањето на уметниковите творби. Воодушевувачка енергија и волшебен простор. Така со овој проект всушност ние имаме можност да претставиме многуслоен приказ на дел од едно ликовно патешествие и одблизу да зачекориме во волшебниот свет на уметникот кој вистински го вградил сиот свој уметнички бит за да ги оживее бајките за сите идни генерации.
Сиот свој ликовен и креативен багаж кој Кондовски го поседувал бил штедро распослан на секоја страница од илустрациите на оваа едиција каде тој ја гради композицијата со силно чувство за стилизација на орнаментите преку споени рамни колорни полиња со линеарен, калиграфски контурен цртеж, збогатен со ритам на елементи и графички предлошки од носии, резби и везови. Креирањето на ликовите во замислените амбиенти е базирано врз искуството на Кондовски од иконописната композиција, со фронтални или благо завртени фигури, јасни силуети, доминантни вертикали и дијагонали и најчесто со „ореол“ од светлина околу фокусниот лик. Колорната структура на палетата низ целокупната збирка илустрации е базирана врз земјените тонови на окер и црвена, прекинати со азурни или синкави површини, додека „чудесното“ е неизоставно со златести акценти. Кондовски со голем осет за мерка речиси крајно „економично“ користи мал број внимателно избрани реквизити (круни,амулети, перје,месечини и сл.)кои го градат наративот без претрупување. Особено внимание Кондовски обрнува на интеракцијата со текстот преку вињети, маргиналии и рамки кои го „читаат“ фолклорот и го преведуваат во визуелен ритам приемчив и погоден за детето-читател.
Илустрациите на Димитар Кондовски за оваа едиција се учебник по визуелна етика каде патувањето кон зрелоста е прецизна композиција во која храброста е ред, љубовта е мерка, мајчинството е засолниште, чудесното е светлина. Токму затоа тие остануваат живи за децата – не им наложуваат што да мислат, туку им поставуваат патоказ кон тоа како изгледа доблеста. Ова е буквар на високо естетски, уникатен визулен стил, каде Кондовски го оживува светот на вонземните суштества, на самовилите и вештерите, животните што имаат човечки особини и при тоа говорат и чудотворните мотиви преку илустрации изградени врз елементи на геометриска апстракција и академска реалност, создавајки впечатливи уметнички дела, на кои им втиснува магичност, сугестивност, совршена комбинација со текстот и длабоката емоционална резонанца, каде спојот меѓу богатите народни волшебни приказни на Цепенков и визуелната експресивност на Кондовски создаваат ремек дела. Грандиозната уметничка умешност на Кондовски да ја гради композицијата со контрастот помеѓу апстракцијата и реализмот, особено користејки геометриска апстракција како основна структура и модерен визуелен код, додека преку реалистичниот приказ на ликовите создава емоционална живост и на тој начин визуелно ја доближува целата приказна до читателот. Композициите на Кондовски често содржат вонземни елементи ( сонце, самовили, природни мотиви), кои пренесуваат симболично значење и ја дополнуваат нарацијата на приказната. Визуелниот свет кој Кондовски го сонува е полнокрвен и жив, обвиен постојано со некаква магија, тоа е свет исполнет со најдребни детали, мноштво отпечатоци од различни културни матрици, кои даваат особена емоционална длабина и го вознесуваат наративот од усната традиција на Цепенков во современ уметнички простор, со моќ да ги инспирира децата и да создаде трајна врска меѓу традицијата и визуелната уметност.
Секако дека илустраторот уметник не би можел да изгради толку многуслојно богатство на хартија ако основната подлошка на наративот не била исто така исклучително живописна и богата како што е македонската народна литература, која изобилува со симболика, митолошки суштества и вонвременски пораки што го обликувале духот на народот низ вековите. Еден од најзначајните собирачи на ова богатство е Марко Цепенков, кој низ својата работа ни ги пренесува фантастичните светови на народните приказни. Во делата „Немата морска царица“, „Марко и самовилата“ и „Самовилското коњче“, се среќаваме со моќни магични суштества, натприродни појави и херои кои преку храброст и добрина го надминуваат невозможното. („Немата морска царица“–Тишината или немоста како симбол на зло или маѓепсаност може да се разбијат со вистински човечки квалитети; „Марко и самовилата“– Соочувањето со натприродни сили не е секогаш борба – понекогаш тие се патоказ или дар. Херојот мора да ја разбере нивната природа за да ги надмине сопствените граници; и „Самовилското коњче“ – Вистинската моќ не доаѓа само од физичка сила, туку и од доверба, помош од другите и мудрост. Сите три приказни претставуваат различни аспекти од македонскиот фолклор – борбата со натприродното, значењето на магичните суштества и патот на херојот. Преку нив, Цепенков ја зачувал народната фантазија и верувања, кои содржат исконски длабоки поуки за животот, добрината, храброста и судбината. Овие приказни не само што нè носат во светот на фантазијата, туку нè потсетуваат и на човечките доблести кои никогаш не застаруваат. Приказните на Марко Цепенков, иако едноставни и народни по форма, носат длабоки симболики: храброст, љубов, мајчинска грижа, природна мудрост. Тие го отсликуваат народниот морал и животната филозофија – доброто секогаш победува, а човек треба да биде чесен, храбар и во склад со природата. Одот со јунаците на Цепенков ,Кондовски мајсторски го синхронизира и го одржува динамичен ,вградувајки во визуелната рамка митолошки елементи, силна симболика и мотиви врзани со народната фантазија, но сето распослано врз богатството од елементи од традиционалниот фолклор за да не соочи ненаметливо со главната порака кога доброто, истрајноста и храброста победува.

„Марко и самовилата“
Во „Немата морска царица“, се среќаваме со една од најинтересните женски фигури во народната литература – морската царица која е нема. Нејзината немост не е само физичка, туку е симбол на магиска заробеност, губење на идентитет и потиснување. Херојот кој се впушта во нејзиното спасување мора да покаже храброст, истрајност и чесност – квалитети што често се наградувани во народните приказни. Неговата борба за да ѝ го врати гласот на царицата е и борба за ослободување на природната хармонија, каде магијата не треба да ја уништи добрината.
Мајсторството кое Кондовски го поседува за „кажување на неискажливото“ преку неговиот специфичен ликовен јазик,каде тишината е композиционен пристап со малку елементи и голема празнина што „зборува“,а мудроста е во тишината на формата.
Од друга страна, приказната „Марко и самовилата“ ја отсликува средбата меѓу човекот и натприродното. Самовилата е моќна, таинствена и не секогаш предвидлива. Но, токму преку неа, јунакот Марко добива сила и мудрост. Оваа приказна е пример за тоа како народната имагинација ги претставува самовилите како симболи на природната сила, судбината и духовната трансформација. За разлика од другите јунаци, Марко не се бори со самовилата, туку соработува со неа – што покажува дека човекот не мора секогаш да го победи натприродното, туку да го разбере и да најде рамнотежа.
Токму таква рамнотежа во уметничкиот израз наоѓа Кондовски, кога целосната композиција ја окупира со светлото тело и ореолот на самовилата, претворајки ја во своевидна „икона во природа“, нагласувајки го контрастот со арабеска од шумските лисје, каде светлината е во борба со сенките.
Во „Самовилското коњче“, главниот јунак добива дар од самовилите – магично коњче што го носи низ опасности и му помага да ги исполни своите задачи. Овој мотив е сличен на фолклорни мотиви од други култури (како Пегаз во грчката митологија), но во македонската верзија тој добива посебна емотивна длабочина. Односот меѓу момчето и коњчето е полн со доверба, верба и заедничка борба. Тоа е уште една потврда дека јунаштвото не е само сила, туку и способност да се верува во доброто и непознатото.
Преку овие три приказни, Марко Цепенков не само што го зачувал богатството на македонскиот фолклор, туку и ги пренел универзалните човечки вредности што опстануваат и денес. Народните приказни, забележани од Марко Цепенков, се не само уметнички дела, туку и носители на животна мудрост и воспитни пораки. Магичните суштества и натприродните појави не се само фантастични елементи – тие се алатки преку кои се тестира херојот, се гради неговата личност и се пренесуваат пораки за добрина, храброст, љубов и верба. Народната приказна секогаш имала задача не само да забавува, туку и да поучува – и токму затоа, нејзината вредност е вечна.
Две од најпознатите приказни – „Сиљан Штркот“ и „Детето без страв“ – на прв поглед се различни по содржина и по атмосфера, но во суштина тие отвораат важни прашања за човековиот развој, за воспитувањето и за односот кон животните искушенија.
„Сиљан Штркот“ е една од најпознатите народни приказни што ја забележал Цепенков, затоа што содржи универзална порака: човек мора да биде скромен и трудољубив, бидејќи само преку работа и искуство може да ја спознае вистинската вредност на животот. „Сиљан Штркот“ е приказна за млад човек кој ја добива својата животна лекција преку казна и страдање. Сиљан, како син на богат трговец, не сака да работи и се однесува неодговорно кон луѓето околу себе. Неговата метаморфоза во штрк не е случајна – тоа е симболичен начин на кој природата или божјата волја му ја откриваат смислата на животот. Преку скитање и страдање тој учи што значи труд, мака и глад, и токму преку тоа се преобразува во повозрасен и посвестен човек. Воспитувањето во оваа приказна се врши преку искуство и казна, односно преку болното спознавање дека животот не е удобност, туку постојана борба што бара одговорност и работа.Сиљан е казнет заради мрзеливоста и неодговорноста – но казната не е вечна. Таа има воспитна улога: преку страдање и тешкотии тој учи што е труд и како се цени животот.Поуката е дека без работа и труд нема вистински живот, а мрзеливоста води во пропаст.Исто така, приказната учи дека човек често ја разбира вредноста на нешто (семејство, работа, дом) дури откако ќе го изгуби.Метафората со штркот не е случајна – штркот е птица што постојано лета и патува, но секогаш се враќа во своето гнездо. Така и Сиљан се враќа „прероден“ во својот дом.

„Сиљан штркот“
Визуелниот фокус на Кондовски во„Сиљан штркот“ е токму метаморфозата и патувањето. Штркот е издолжен, со елегантни дијагонали каде клунот и вратот го „води“ погледот, често впишан во ладни сини полиња -море или небо,кои сугерираат непознати пространства, спроти топол, домашен окер како топлина од огниште или татковинска земја, но истовремено контрастот ладно-топло носи етичка оска на чувството за туѓина наспроти чувството за дом, и го дефинира патот од несериозност кон созревање, додека пердувестите меки текстури се наспроти геометрискиот град или структура на куќа кои сугерираат враќање во ред на животот.Така визуелната поука која ја исцртува Кондовски се чистите линии во стабилна композиција, како метафора за неопходноста од стекнувањето на ред по секоја преобразба.
„Детето без страв“, пак, ја прикажува сосема спротивната слика – тоа е лик кој од самиот почеток не знае што е страв. Секогаш се впушта во опасности, средбите со чудовишта и страшни појави го оставаат рамнодушен. Неговата наивна, речиси детска чистота е воедно и најголемата сила: тој не мора да учи преку казна, туку преку сопствената внатрешна цврстина. За разлика од Сиљан, кој станува мудар дури откако ќе искуси страдање, Детето без страв е пример за природна храброст и непобедлива волја, која му овозможува да ги надмине сите искушенија без да биде скршен од нив.Приказната ја возвишува храброста и невиноста, но и покажува дека човек понекогаш не е свесен за опасноста. Детето е симбол на чистота и сила на духот – стравот постои само додека човек му дозволува.
Во клучните композиции од илустрациите за „Детето без страв“ , уметникот пресметано креира психолошка предлошка на смиреност преку спокојниот лик на детето акцентиран централно,каде колоритот сугерира леснотија со светол ореол и бледа аура, наспроти хаосот создаден од „театар“ од гротескни суштества насликани во динамична и шарена палета кои ја дефинираат преиферијата на композицијата. Кондовски ги прави чудовиштата декоративни, со повторувачки мотиви од меандри и спирала, со што ги „рационализира“ и им ја одзема страшливоста.Така композицијата „дише“ одвнатре кон надвор.
Кога ќе се споредат двете приказни, се гледа дека тие претставуваат два различни патишта кон човечката зрелост. Сиљан ја симболизира слабоста и мрзеливоста на човекот кој мора да биде поучен со ударот на судбината, додека Детето без страв ја претставува вродената сила и доблест што може да постои во човекот уште од најмала возраст.Поуката е јасна – има луѓе кои стануваат мудри преку страдање, како Сиљан, и има луѓе кои со својата чистота и храброст се природно подготвени за животните предизвици, како Детето без страв. Народната мудрост ги претставува и двете можности, за да покаже дека не постои единствен пат кон зрелоста: некому му е потребна лекција, а некој веќе ја носи силата во себе. Иако различни, обете приказни ја нагласуваат истата суштина: човековиот пат е исполнет со искушенија, а начинот на кој ги надминува тие искушенија ја определува неговата вредност.

„Детето без страв“
Во приказната „Дуња Ѓузели и царевиот син“ – имаме љубовна и авантуристичка приказна меѓу царевиот син и убавата девојка Дуња Ѓузели. Присутни се препреки – љубомора, киднапирања, магии или измами – но на крајот љубовта и добрината победуваат.Приказната ја нагласува силата на љубовта и чесноста, која успева да ја победи зависта и злото. Истовремено ја претставува женската убавина и духовна чистота како вредности што се наградуваат.
Вистински учебник по ориентални архитектонски детали Кондовски вградил илустрирајки ги своите визии за светот во кој ја оживува Дуња Ѓузели, при тоа користејки ја орнаменталноста како сценографија збогатена просторно со мноштво арки над главите на главните јунаци во волшебниот дворец облеан во златни тонови. Со најголемо внимание ја пласира пред детската фантазија естетиката на украсот со најшарени арабески и други архитектонски алузии.
„Квачката“ е кратка приказна и носи алегоричен карактер. Иако во фабулата на приказната раскажувачот поставува прилично бизарна ситуација помегу двајцата главни протагонисти,која би била неразбирлива за децата, сепак со умешноста на сликарарскиот јазик, Кондовски создава приемчива конечна претстава. Речиси прозрачните претстави на пегазите совршено ја надоместуваат потребната волшебност на атмосверата во приказната.
Зошто сите 82 илустрации на Кондовски се посебни? Бидејки тој, фолклорот го интерпретира како визуелна граматика, тој, не го „украсува“текстот, туку го преведува фолклорот во визуелен систем што децата умеат да го прочитаат, воспоставувајки ритам или „правила“на читањето на приказната . Детето учи дека смиреноста изгледа како ред во сликата каде , линијата е калиграфска и јасна, секогаш контура со која се гради формата, или пак линијата е орнаментална-па се претставени спирали, меандри, каде со линијата едновремено се добива чувство за ритам – повторувачки шари на ткаенини, пердуви, коса или бранови, растителни мотиви.Композицијата на илустрациите Кондовски секогаш ја гради поставувајки го најважниот лик на средината на просторот за сликање, многу често градејки околу симетрични распореди преку кои се создава чувството на ред и стабилност, додека преку дијагонали го претставува движењето кое создава чувство на драматичност. Секако, неизбежен ориентир на Кондовски при креирањето на композицијата е почитувањето на „златниот пресек“ како стожерен стандард за креативен израз на секој уметник.Палетата на бои кои Кондовски ги употребува како алатка е ограничена и хармонична, па користи топли окер, црвени и кафени спротивставени со ладни сини и зелени.Често има златести и светли акценти што означуваат магично или возвишено (самовила, царица, самовилско коњче).Колоритот не е реалистички туку симболички – топлината ја носи мајчинската грижа, ладните тонови ја означуваат туѓината, сивите/црните го симболизираат опасното.Формата и бојата не се само опис, туку носат симболичка порака.Експресијата на ликовите е смирена, возвишена, без нагласени гримаси – што ја прави приказната блиска за детската публика, ги „облагородува“ и омекнува страшните мотиви.
Особено препознатлив ракопис на Кондовски во илустрациите е внимателно селектираниот културен континуитет кој е секогаш присутен како подтекст, каде детето неусилено е соочено кон дијалог со древниот иконопис од средновековните икони и фрески, но и со везот и резбата од народната применета уметност.Така, детето интуитивно ја вкусува традицијата преку естетска убавина, а не преку задолжителна лекција, бидејки, Кондовски сугерира тренинг на „Етика на мерката“ па, при нај раскошен орнамент, мерката е строга: никогаш премногу, никогаш случајно. Илустрациите на Кондовски се пример за синтеза на традицијата и модерната стилизација:Традицијата се гледа во орнаментот, бојата и иконописната фронталност, додека, модерната стилизација се гледа во апстракцијата на формата и јасноста на контурата. Фигурите се стилизирани, со јасни геометризирани силуети (издолжени вратови, фронтални торза, кружни ореоли).Животните (штркот, коњчето, квачката) се претставени со нагласени карактеристични белези (долг врат, крилја, грива, заштитнички круг на крилјата), наместо натуралистички детали.Просторот во кој ја протега својата фантазија уметникот е плиток, но, повеќе орнаментален отколку реалистички, што ја засилува саканата атмосфера, често е дефиниран со декоративна рамка или архитектонски елементи што создава чувство на реална сценографија.Така, детето гледач не се соочува со натуралистичка презентација, туку со симболичен свет во кој формата, линијата и бојата ја визуелизираат поуката на самите приказни: редот, храброста, љубовта, заштитата, магијата и моралната преобразба. Затоа илустрираниот свет кој Кондовски го создал претставува тивок визуелен морал, усогласен со поуките на Цепенков.
Со печатењето на овој материјал, очекуваме дека децата кои израснаа со сликовниците од оваа едиција во седумдесетите и осумдесетите години од 20тиот век, ќе имаат можност сега на своите внуци да им го претстават бајковитиот свет кој за сите нас го исткајаа и втемелија, Кондовски, Цепенков,Шапкарев и народниот гениј, како траен монумент на нашиот бит и идентитет .Токму затоа, се надеваме дека преку оваа изложба „Калеидоскоп од светот на бајките на Димитар Кондовски“ ќе успееме да ја разбудиме „заспаната убавица“ во нас возрасните за да го свртиме сите заедно вниманието на децата кое во моментот се повеќе е окупирано од виртуелниот миговен свет, кон вистинските вредности и моќта на унијата на ликовната уметност и уметноста на пишаниот збор , за да тие станат нивна алатка за градење на нови визии и изразување на нивните соништа. Затоа на дланка го распостиламе светогледот, на еден од најголемите македонски сликари во 20 век, кој како иљадниците бои од калеидоскопот, со секоја нова илустрација отвора нов свет и со неговата визија успева да не вознесе до вечноста на бајковитиот свет.
Токму затоа и денес, кога детската имагинација е преплавена со виртуелни слики, илустрациите на Кондовски се доживуваат како вечен калеидоскоп на бои и значења. Со овој проект –„ Македонските бајки во светогледот на Димитар Кондовски “ – ние зачекоруваме во свет каде уметноста не е само украс, туку духовен водич. Тоа е свет во кој детето учи да сонува, а возрасниот повторно ја буди заспаната убавица во себе.
Автор: Јасминка НАМИЧЕВА, куратор
[1] Душко Наневски (Шлегово,Кратовско-1929-Скопје,1994) – поет, литературен критичар и есеист, со богат публикациски опус во контекст на бајкарско наследство и историска значимост и со особено внимание насочено кон митови, симболи и поетскиот говор како современ одраз.. Завршил Југословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје каде и докторирал. Работел како виш научен соработник на Институтот за македонска литература во Скопје.Делувак и како уредник во издавачката куќа„Македонска книга“. Автор е на значајни трудови и книги од областа на македонската литература. Самовилското коњче (авторизирана верзија на македонски бајки, 1978)Награден со „Кочо Рацин“ и „Златен венец“ за сценска адаптација „Димна Јуда“ (1974).
[2] Димитар Кондовски (Прилеп-30 септември 1927-Скопје, 10 август 1993) — сликар, сценограф, илустратор, дизајнер, графичар, уметнички критичар и професор. Тој е еден од малкумината македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.Има особено значење за развитокот на македонското современо сликарство во шеесеттите години. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во 1952 година. Бил член на групите „Денес“ и „Мугри“. Во 1958 година бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 година специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1952 до 1956 година работел како професор по ликовно воспитување во Скопје. Од 1956 до 1960 година работел како илустратор. Од 1960 до 1972 година бил слободен уметник. Од 1972 до 1980 година бил професор на Педагошката академија во Скопје. Во 1980 година бил избран за професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде работи до 1987 година. Во 1991 година бил избран за чен на Македонската академија на науките и уметностите.
Самостојно изложувал (од 1957 г.) во Скопје,Загреб,Рим, Тетово, Прибој на Лим, Њујорк итн. Изложувал на многу групни изложби во земјата и во странство меѓу кои во: Белград, Александрија, Сан Марино, Сао Паоло, Рим, Париз, Кан, и др.
Автор е на монументален сликарски објект во Железарницата во Скопје 1967 г.
Добитник е на Наградата на Република Македонија 11 Октомври за 1964 година, за сликарство, Наградата 13 Ноември, на Град Скопје, во 1970, Наградата за сликарство Prix National, на Меѓународниот фестивал на уметноста во Кан сир Мер, во 1974 година, во Франција, Наградата Климент Охридски, во 1987 година, како и на многу други награди и признанија.
Димитар Кондовски најдоследно го остварил во своите дела стремежот кон синтезата на внимателно одбрани секвенци од духовно-естетскиот и пластичен репертоар на средновековната уметност и оние облици на нонфигуративна и асоцијативна уметност, што на тоа традиционалистичко ткиво можеа да му овозможат современа ликовна кохезија. За Кондонски ова сликарство: изведено како сложени асамблажи композитни, деликатни колористични и формални структури е сублимен степен на долготрајна денатурализација на разновидни визуелни податоци и естетско „филтрирање“ на ликовниот јазик, со цел уметничкото дело да стане автономен естетски феномен. Тоа се состави што потсетуваат на култни, сакрални објекти: низ нив постојано се провлекува едно современо чувство на уметникот, неговата внатрешна потреба, духовниот ритуал и естетиката на овие дела да се вклопи во актуелното ликовно движење, во медитативно и скептично сфаќање на светот.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија