Насловна / Вести / Падел клуб во Париз со доза на самодоверба

Падел клуб во Париз со доза на самодоверба

„Падел 15“ е првиот затворен падел терен во Париз, но исто така е добар пример за тоа како спортот сè повеќе се гледа како дел од „lifestyle“ културата.

Ентериерот го потпишува студиото Uchronia, а целиот простор е креиран да биде подеднакво пријатен и за играчите и за оние кои доаѓаат да се дружат, да гледаат натпревари или едноставно поради добрата енергија на просторот.

Уште при влегувањето, јасно е дека овде не се игра на сигурно. Ѕидовите на спортскиот клуб се покриени со постепен градиент на бои што од неутрална беж нијанса преоѓа во загасита портокалова, создавајќи топла, динамична атмосфера.

Подот е дополнително разигран со графичка мапа од зелени, жолти и портокалови тонови, распоредени во неправилни линии.

Тој модел е директно поврзан со траекторијата на падел топчето, што е паметен потег – ентериерот не го илустрира спортот буквално, туку го преведува во читлив визуелен јазик.

Во средината на клубот има заоблен шанк околу кој сè се случува природно. Ова е местото каде што луѓето се собираат пред и по тренингот, ги оставаат рекетите, се задржуваат да разговараат и да се одморат помеѓу натпреварите.

Шанкот е покриен со керамички плочки со градиент што се движи од темно зелена до портокалова, боја што се повторува низ целиот простор.

Овде шанкот не е замислен како класичен „шалтер“, туку како дел од просторот во кој поентата е во задржување.

Над централниот пулт направен е кружен отвор на таванот, кој пропушта дневна светлина и му дава повеќе воздух на просторот. Тој потег веднаш го менува чувството во клубот – шанкот станува уште позабележителен, а целиот простор изгледа поотворен и попријатен за престој.

Она што е добро направено е тоа што не еразмислувано само за теренот, туку и за сè околу него. Светлината, висината на таванот и начинот на кој луѓето се движат низ просторот го прават клубот да не изгледа како типична спортска сала, туку како место каде што е во ред да се дружи дури и кога не се игра.

Просторот за седење и одмор е опремен со мебел потпишан од самото студио Uchronia. Перфорирани портокалови столчиња, тапацирани клупи, графички перници и маси во интензивни бои создаваат атмосфера во која е подеднакво пријатно да се гледа натпреварот или едноставно да се остане на пијалок по играта.

Минт-зелената зона за седење дополнително ги разбива очекувањата и потврдува дека тука секој агол е дизајниран како дел од истата, кохерентна приказна. Нема „споредни“ простори – сè е дел од истата енергија.

„Падел 15“ во Париз покажува како денес можат да изгледаат спортските објекти кога кон дизајнот се пристапува смело и без ограничување. Ова не е простор кој се обидува да им угоди на сите, но токму затоа има карактер.

Има доза на самодоверба – бои, форми и детали кои јасно кажуваат дека спортот овде е и општествен настан и естетско искуство.

Ако ова е насоката во која одат новите падел клубови, иднината на спортските ентериери изгледа прилично забавно.

Испрати коментар

Scroll To Top