Насловна / Архитектура / Словенечката Енота, победник на меѓународниот конкурс за Источната порта на Алмати

Словенечката Енота, победник на меѓународниот конкурс за Источната порта на Алмати

Архитектонското биро „Енота“ од Љубљана прогласено е за победник на меѓународниот конкурс за концептуален дизајн на Источната порта во Алмати, најголемиот град во Казахстан.

Церемонијата на доделување награди, што се одржа деновиве во Алмати, означи значајна пресвртница во стратешката транзиција на градот кон полицентричен модел на урбан развој, како што е дефинирано во Генералниот план на Алмати 2040. На конкурсот учествуваа 15 меѓународни архитектонски фирми од Европа, Северна Америка и Азија.

Имагинативен и кохерентен урбанистички мастер план

Победничкиот предлог на „Енота“, меѓународното жири го препозна поради имагинативниот и кохерентен урбанистички мастер план, кој ја заменува крутата урбана матрица со мрежа од пешачки артерии и шеталишта, секоја со посебен просторен идентитет.

„Проектот воспоставува климатски чувствителни, пејзажно интегрирани населби кои нагласуваат пешачка достапност, прилагодливост и долгорочна одржливост, нудејќи визија насочена кон иднината за источната порта на Алмати“, се наведува.

Според жирито, проектот се издвојува по својата силна урбана логика, високо ниво на поврзаност и исклучително робусна рамка за одржливост, што е тесно поврзано со амбицијата на Алмати да го интегрира својот планински пејзаж со напредни зелени технологии и современ урбан живот.

Покрај победата на конкурсот за Источната порта, „Енота“ доби признание за својот предлог за Западната порта на Алмати, втората локација обработена во рамки на истиот конкурс. „Ова двојно признание ја истакнува способноста на студиото да развива разновидни, но концептуално кохерентни урбани стратегии на повеќе стратешки влезови во градот“, истакнуваат од студиото.

Останати добитници

Што се однесува до останатите добитници, британското студио LDA Design и белгиското Studio Farris добија признанија на конкурсот за Источната порта на Алмати, додека на конкурсот за Западната порта на Алмати победи LDA Design, а признание, покрај Eнота, доби и архитектонската фирма Next Office од Иран.

Испрати коментар

Scroll To Top