Насловна / Архитектура / Ќе признаеме ли дека градот кој ја изгуби својата приказна заради човечката глупост продолжува неконтролирано да се гради?

Ќе признаеме ли дека градот кој ја изгуби својата приказна заради човечката глупост продолжува неконтролирано да се гради?

Пријатно чувство оваа година пробудија два настани: учеството на  EXPO 2025 во Осака, Јапонија и отворањето на Македонскиот павилјон на 19-тото  Венецијанско биенале на архитектура со проектот „Страда бруталисима“. Од проектантскиот тим велат дека проектот „Страда бруталисима“ ја поставува во фокус бруталистичката архитектура на Скопје како уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот. Проектантскиот пристап не е носталгичен омаж на минатото, туку извор на знаење кое може да биде вткаено во современата архитектонска дисциплина.

Визионерскот план на Кензо Танге е основа на приказната на двете претставувања. Макетата со планот на Кензо Танге ја претставува Македонија на  EXPO 2025 во Осака – манифестација на технолошки дострели иновации во архитектурата и поглед во иднината.

 

Овие случувања радуваат, но и поттикнуваат на размисла и поставуваат многу прашања – дали затоа што немаме поглед во иднината, па на EXPO 2025 го прикажавме она што ветуваше иднина и надеж, а го уништивме? Како можеше Скопје да ја заборави својата приказна за солидарност и хуманост и да се претвори во град заробен во антички копја и кич? Зошто требаше она што Скопје го запиша на модерната мапа во светот, бруталистичката и модерна архитектура како архитектонски идентитет да биде прекриено и уништено до непрепознатливост?

Ќе признаеме ли дека градот кој ја изгуби својата приказна заради човечката глупост и алчност продолжува неконтролирано да се гради? И денес кога со она што се правите вредности на градот се претставуваме во светот, кога нè чека манифестацијата „Европска престолнина на културата 2028“ и дека во име на културната дипломатија многу работи од културата стануваат актуелни и важни за државата, треба да се потсетиме на многуте заборавени нешта. Град на културата 2028 не би бил возможен без архитектурата.

Ќе се осврнам на она за што се испишани многу страници на стручни мислења во интерес на подобрување на состојбите, а работите не се помрднати од мртва точка. Многу од делата на бруталистичката и модерна архитектура се целосно уништени или неповратно изменети и прашање е дали е возможно да се вратат во нивната изворна форма. Срушени се Стоковна куќа Беко и објектот Сајмиште. Модифицирани или уништени се: Стоковна куќа, Влада на Република Македонија, Телекомуникациски центар, Шалтер-салата на Македонска пошта.

На забот на времето во голем дел препуштени се објектите: Историски архив, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Железничката станица, Универзална сала – симболот на солидарноста, Универзитетскиот кампус (деградиран од околните објекти), Зградата на ЕСМ, Зградата на Пелагонија и многу станбени згради во централното подрачје. Центарот на градот со плоштадот е израз на неавтентичност и грдост, а Калето запуштено и вон функција. Ако архитектурата на еден град е критериумот за неговата автентичност и културна вредност, тогаш градот Скопје со ваквата состојба противречи на суштинските критериуми на титулата „Европска престолнина на културата“. Културни вредности се и автентичните белези на градот, културната меморија, старите градби, археолошките локалитети, автентичноста на Старата чаршија.

Дали градот во кој не функционира сообраќајот, ѓубрето пред зградите е општ проблем, а културата на живеење проблематична, може да се рече дека ги остварил европските вредности? И ако уште се мисли на титулата „Европска престолнина на културата – 2028“ на овој слоевит и повеќедимензионален проект, кој поттикнува благосостојба на заедницата и претставува чест да се добие (а мислам дека шансата во старт е прокоцкана) неопходно е да се интервенира во сегментот архитектура и неопходна инфраструктура.

Во ек на зашеметеност од дневните случувања и предизборната реторика не треба да се заборави дека во овој сегмент треба да се делува институционално, стручно и финансиски и тоа одма. Да се интервенира на претходно наведените објекти, музеите, библиотеките, Старата чаршија, реката Вардар, јавните простори, зелените парковски површини. Да се даде архитектонски третман на мемориски точки  и белези со историска конотација. Постојат иницијативи и проекти за обнова и пренамена на напуштени објекти и создавање на хибридни центри низ населбите во служба на културата. Ова е најмалку што треба да се стори како почеток на санирање на изгубената приказна.

Во склоп на најавените инвестиции во инфраструктура и објекти може да се земе предвид и една сериозна анализа за изградба на еден културен или конференциски центар или барем на една концертна сала со поголем капацитет и модерна архитектура. Ако во соседството се изградија и се градат велелепни објекти со најсовремена архитектура, после триесет години во овој град, ред е да се изгради макар еден нов објект наменет за културата. Не може да се гради културна стратегија ниту да се води културна дипломатија на темели од стиропор.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

 

Испрати коментар

Scroll To Top