Насловна / Вести / Нови велосипедски патеки ќе ги поврзат Србија и Унгарија

Нови велосипедски патеки ќе ги поврзат Србија и Унгарија

Повеќе од пет километри нови велосипедски патеки наскоро ќе ги поврзат пограничните места во Србија и Унгарија благодарение на проектот „Opti-bike 3“, кој заеднички го спроведуваат Суботица и унгарската општина Томпа.

Како дел од овој меѓународен потфат, на територијата на Суботица е планирана изградба на приближно 4,1 километри велосипедски патеки, како и специјализиран мост. Од друга страна, во Томпа ќе бидат уредени дополнителни 1,5 километри патеки, објави Делегацијата на ЕУ во Србија.

Посебен фокус е ставен и на развојот на придружната инфраструктура – така во населбата Хајдуково ќе биде изградена зона за одмор за велосипедисти („пит-стоп“), а трасите ќе бидат продолжени долж Сегединскиот пат во Бачки Виногради (2,8 км) и Кањишкиот пат на Палиќ (1,4 км), со што дополнително ќе се подобри мрежата за рекреативци и туристи.

Вкупната вредност на проектот се проценува на 2,3 милиони евра. Од таа сума, 2 милиони доаѓаат од фондовите на Европската Унија. Суботица ќе добие финансиска поддршка од 1,2 милиони евра од овој проект, додека нејзиниот локален придонес од околу 200.000 евра ќе биде надоместен со средства од Покраинската влада на Војводина.

Работите треба да започнат за три недели, а завршувањето на целата инфраструктура се очекува до крајот на август 2026 година.

Во Суботица моментално има околу 50 километри организирани велосипедски патеки, а новите вложувања како дел од проектот „Opti-bike 3“ дополнително ќе ги подобрат условите за безбедно движење на велосипедистите, ќе го поттикнат развојот на туризмот и ќе ја зајакнат соработката меѓу Србија и Унгарија во областа на инфраструктурата и одржливата мобилност.

Испрати коментар

Scroll To Top