Насловна / Вести / Отпор против технократското и елитистичко обликување на градот

Отпор против технократското и елитистичко обликување на градот

Сржта на градот не лежи во физичката морфологија, туку во неговата спонтаност. Тој не е единствено недвижен монумент, туку прилично динамичен организам што се храни од соодносот на контрадикции, хармоничност и хаотичност во просторот. Тоа е во мала рака суштествувањето на микроурбанизмот, онака како што го опишува Богдан Богдановиќ: „Градот на микроурбанизмот е град на навидум скриени драгоцености. Место каде секоја клупа, чешма, ѕид на влез во паркот е на свој начин, утилитарна скулптура. Детали, агли и рабови кои ѝ пркосат на униформноста и едноличноста на големите градови, детали кои вдахнуваат живот, топлина и хуманост во урбаното секојдневие“.

Градот не се конципира и дефинира само преку размерот на повеќегодишни визии и планови, туку и преку соживотoт. Приказни кои секојдневно се случуваат на градските скверови, идеи и симболи преку кои интуитивно и честопати несвесно се преобликуваат просторите околу нас кои често немаат којзнае каква културна симболика, но сепак влијаат на секојдневните рутини, обликувањето на урбаната перспектива и најпосле на квалитетот на животот и атмосферите на просторот кој нè опкружува. И токму таа невидлива, мала по размер архитектура станува клучна во разбирањето на еден поавтентичен, поодржлив и поприфатлив град. Град по мерка на човекот.

МИКРОУРБАНИЗМОТ КАКО ПРАВО НА ОТПОР

Во времето кога урбаните политики сè повеќе се водат од нумерички показатели и инвеститорски интереси, микроурбанизмот тивко, но отпорно преживува. Тој не се води по програма, туку пркоси преку импровизација. Не е продукт создаден зад затворени врати, туку е сублимат од навиките, гестикулациите, интимни желби и колективните мемории токму од простороуживателите. Корисниците — жителите, минувачите, уметниците, продавачите, активистите — стануваат главни креатори на просторот, многупати без да бидат свесни за тоа. Нивните моментни гестови се трансформативни како на пример: детето што си игра на тротоарот, бабата што продава магдонос, девојката што свири на аголот од улицата — сите тие имаат своја улога во креирањето на топографијата и идентитетот на градот.

Честопати овие навидум индивидуални потези во јавниот простор, заземаат став кој понатаму има потенцијал да прерасне во водечка стратегија според која би се креирале интеракциите на полно и празно во градската морфологија. Но, главно луѓето како да не се свесни за сопствената моќ, што од летаргија во делувањето, што од административната неписменост, што од егозаслепеноста да се зграби што повеќе од она што значи нужен простор за oптимално функционирање, па потполно изостанува потребата за грижа околу заедништвото.

Микроурбанизмот, во таа смисла, не е само планерски манир, туку пред сè политички и социјален акт. Тој поставува прашања за правото на град, за правото да се биде дел од просторот, да се делува врз него, да се менува. Оваа перспектива ја отвора вратата за ново разбирање на урбаното — не како за завршен производ, туку како континуиран процес на заедничко обликување од сите инволвирани чинители. Колку кај архитектите и планерите во скротување на егомегаломанското проектирање и планирање, необзирајќи се за контекстот, толку и кај институциите и кај корисниците.

Во време на приватизација и комодификација на јавниот простор, микроурбанизмот се јавува како отпор против технократското и елитистичко обликување на градот, пред сè како инструмент за децентрализација на моќта во урбаното производство.

Овој текст е токму таков повик до секој еден од нас, да погледне околу себе, (низ двогледот на Богдановиќ) и да ги препознае карактеристиките на таа секојдневна архитектура во Скопје, која го креира нашето искуствено доживување на градските секвенци и за важноста од унапредување на истото врз кое се базира квалитетот на урбаниот живот.

УРБАНИ УПОРИШТА НА СЛОБОДАТА

Богдановиќ инсистира на она што денешните урбанисти забораваат: дека „малиот урбанизам е последното упориште на слободата“. Онаму каде неместата прераснуваат во места, каде просторот помеѓу прераснува во сцена на граѓански отпор, платформа за грижа, место каде што живее душата на градот.

Според Богдановиќ: „Онаму каде се раѓаат љубовта и грижата за градот — таму се јавува малиот урбанизам“, алудирајќи на фактот дека сите корисници без исклучок потребно е да се грижат за јавните простори. Тоа не е работа единствено на јавни претпријатија, на политички избрани фигури, на поединци. Работата на градот е работа на секој кој егзистира, креира, и ги ужива придобивките од урбаните ресурси, а подразбира грижа за бојата на фасадата, хигиената на улиците, односот кон зелените и водните површини, почитта кон соседите, културата во сообраќајот, грижа за движните и недвижни добра, за зачувување на колективата меморија, доброто осончување и проветрување при инкорпорирање на новото итн.

Во контекст на политичка неактивност и институционална парализа, микроурбанизмот функционира како облик на урбана самопомош. Граѓаните, лишени од поддршка, честопати сами создаваат решенија кои ја надминуваат бирократската нефлексибилност. Оттука граѓанскиот активизам, како форма на самоорганизирање со минимални ресурси, креира простори кои имаат длабоко влијание врз локалната заедница. Овие мали гестови на отпор се истовремено и гестови на надеж, пред сè можност за поинаков град.

Малиот урбанизам е упорен да внесе живот во нашите урбанистички перспективи, кои во многу наврати не се ниту ведри ниту живописни. Често и кога се најмодерни, тие се заморни и монотони. Колку всушност модерни населби и градови има во кои иако се сончеви, уредни, чисти и беспрекорни, човек не се чувствува поразлично од тоа да е во двор од санаториум. Понекогаш се токму тие градови и населби кои луѓето иронично ги нарекуваат градови за спиење. Оние кои мора да живеат во нив, сепак итаат кон старите и поживи делови на градот, таму каде сè уште спонтано се негува срцето на градот“, ќе каже Богдановиќ, алудирајќи на важноста на односот на старите и нови урбанистички целини, сметајќи дека униформираната архитектура без дух потполно го игнорира пејзажот и блоковската логика.

(Skopje Resurgent – зелени појаси и паркови): покажува како во 70-тите се предвидувале „изолациски зелени зони“, парк-системи и „градини за деца“. Денес, токму овие зони, доколку биле адекватно зачувани, би претставувале значајна основа за микроурбанизам

(социјални центри): Мрежата на локални и градски центри — денес од нив вистински пулсираат само дел: Бит-пазар, Чаршијата, Ѓорче Петров – аголот кај училиштето и Кисела Вода кај Домот на културата

ОСНОВИ НА МИКРОУРБАНИСТИЧКАТА ТЕОРИЈА ВО СКОПЈЕ

Во обидот да се креира мапа на урбана спонтаност, следуваат 20 мапирани места низ Скопје кои најсилно ја рефлектираат логиката на малиот урбанизам. Овие простори се фреквентни токму поради тоа што не се совршено планирани, туку се надградени преку човечка интеракција, контекстуална интелигенција, концентрацијата на мешани функции и тоа:

Јавниот простор околу Универзална сала
Овој запуштен простор се пренамени со младински собири, улични изложби и вечерни дружења. Неозначен на мапа, но означен во колективната меморија.

Аглите на Дебар Маало и улицата „Орце Николов“ кај кафулињата
Тротоарот што преминува во тераса, дрвото што станува средиште на сретнување— хибриден простор на социјална слобода и градска неформалност.

Кејот на Треска

За туристите, локалното население и спортистите (кајакарите, планинарите, рибарите и велосипедистите), овој неформален урбан коридор станува сведоштво за микроурбанизам втемелен во пејзаж.

Пристапите до Зелен пазар, Џебниот парк Форум


Постоењето на неформалната економија овде не е „урбан проблем“, туку урбан одговор. Простор каде тротоарот станува пазар, а пазарот — јавна сцена.

Малите паркчиња во Тафталиџе I и II и Домче
Невидливи за туристите, но суштински за жителите. Тука децата играат, соседите разговараат, и времето тече побавно — како своевиден отпор кон забрзаниот град.

Паркот околу Домот на културата во Кисела Вода
Дневна сцена на вртелешки, случајни пазари и неделни концерти. Простор без програмски карактер, но со силна урбана функција.

Чаршијата и платото кај Музеј на Македонија
Помеѓу дуќаните и шетачите, овде се случува симбиоза од традиција и секојдневие — не како сценографија, туку како автентичен урбан ритуал.

Просторот околу кулите во Расадник
Овие полуjавни џебови денес се користат како места за социјализација на деца и граѓани од трето доба, цртање или скејт. Динамичен простор кој се прилагодува во зависност од старосната група која го користи.

Просторот под Железничката станица

Остатоци од модернистичката визија за зелен влез во градот, денес прераснат во неформален културен простор. И покрај неговата запуштеност, пулсира со живот: улични музичари, луѓе на пауза од работа, залутани шетачи или млади кои седат на клупите — сите создаваат слоевита урбана атмосфера. Неговата хаотична структура станува платформа за контемплација, одмор и социјални средби. Простор што се брани токму со неговата нефункционалност, станувајќи спонтано засолниште од преголемата регулација.

Платото кај Дом на АРМ – денешно неместо, со голем потенцијал

Пазар Буњаковец – Самоорганизиран простор каде што корисниците поставуваат столчиња, масички, цветни аранжмани, и редовно седат заедно. Просторот е еволуиран од заедничката грижа.

Дворот на АФС и игралиштата во Дебар Маало – Претворени во проширени дневни соби на соседството. Возрасните седат на клупи, децата си играат, а граѓаните се дружат, понекогаш и политизираат.

Улица „Македонија“ – Место за средба, музика или протестен перформанс. Линеарен урбан потег кој поради економски причини наместо во атрактивен јавен простор, со текот на годините прерасна во неместо.

Јавниот простор околу трговскиот центар во Бутел и во Радишани – фреквентни средишта под отворено небо околу мали трговски единици, пешачки коридори со голем потенцијал.

Старото Кино Бутел – јавниот простор пред Центро (такси-станица, запуштено средиште на фреквентна раскрсница).

Трговскиот Скопје Север и зелените површини околу – фреквентно средиште под отворено небо околу мали трговски единици, пешачки коридори со голем потенцијал, околу зони за колективно домување.

Џебниот парк кај ТЦ Беверли Хилс – Спонтано засаденото зеленило од страна на станарите, денес делува како продолжена дневна соба под ведро небо.

Пешачката патека под Жена парк – Осенчена зона што привлекува постари луѓе, читатели, шетачи со кучиња. Без формален карактер, но со стабилен социјален ритам.

Урбаниот џеб на бул. „Цветан Димов“ – Место каде што музиката, трговијата, децата и возрасните се вкрстуваат во жив метеж, без урбан дизајн, но со густо урбано чувство и фина доза на безбедност.

Паркот Ибни Пајко зад МОБ – Скриено место зад бетонски масив кое жителите го користат за  музика и социјализација — поседува квалитет на интимна агора.

20 мапирани места на малиот урбанизам низ Скопје

ОД УРБАНИ ФЕТИШИ ДО ЧОВЕЧКИ ПОТРЕБИ: ВРЕМЕ Е ЗА РЕСЕТИРАЊЕ

Доколку Скопје како конгломерат, преку стратегиско-планските документи, се определи за одржлив урбан развој, преку оптимизирање на јавниот превоз, подигање континуирани зелени коридори и негување на културната автентичност, тогаш дефинитивно, решавањето на урбаните блокови преку примена на микроурбанистичките начела е вистинскиот одговор. Генерално, ваквите долгоопсежни трансформативни процеси, бараат зрелост и отвореност кај корисниците особено во согледувањето на просторот како платформа за заедничкaо креирање и одговорноста која истата ја генерира. Па, затоа воведување методологија на теренско мапирање, отворени повици за граѓански иницијативи и обезбедување локални буџети за микроинтервенции, се добредојдени.

УРБАНИ ТЕХНИКИ ЗА ОДРЖУВАЊЕ И УНАПРЕДУВАЊЕ:

  • Тактички урбанизам: мали по размер, економични и брзи интервенции кои ја тестираат мултифункционалноста на просторот.
  • Кодизајн процеси: вклучување на жителите во осмислување и дизајн на нивното соседство.
  • Партиципативно одржување: жителите се грижат за просторот кој го користат — преку креирање урбани градини, екоакции, поставување мобилна урбана опрема.
  • Неформална културна програма: уметници, културни работници и активисти го користат просторот како сцена.

Градот повеќе не може да си дозволи да биде исклучиво проектиран. Тој мора да биде почувствуван. Микроурбанизмот го приближува граѓанинот кон градот — му дава алатки да учествува, да припаѓа, да се грижи. Ги менува динамиките од централизиран кон децентрализиран урбан развој. Од спектакл кон секојдневие. Од големо кон човечко.

Потребно е и ново институционално разбирање: институциите мора да се повлечат од позицијата на централни диктатори на урбаниот живот и да се трансформираат во медијатори, кои слушаат и ги следат ритмите на секојдневното. Просторот треба да биде ослободен од репресивни регулации и отворен за експерименти.

ОД ГРАНДИОЗНИ ФАСАДИ ДО ПРАЗНИ ТРОТОАРИ: УРБАНАТА ШИЗОФРЕНИЈА НА СКОПЈЕ

Микроурбанизмот не се мери со метри квадратни, туку со човечка присутност. Тој е реакција на празнината, но и на желбата. Нè учи дека квалитетниот простор не мора да биде скап, ниту спектакуларен. Упатува на тоа дека урбаната трансформација не е нужно резултат на големи проекти, туку на мали, континуирани практики.  Во Скопје, каде креирањето на урбани политики е зависно од сопственоста (субјективните побуди на поединци), во судир со реалните потреби и начелата за хуманост и социјална правда, микроурбанизмот се чини како соодветна алатка за регенеративно планирање.

Затоа, идното планирање мора да ја препознае политичката димензија на микроурбанизмот. Секој цвет засаден од станар, секое неформално собирање е чин на урбана сувереност.

Иако грижата за градот е неретко неблагодарна и изгледа како Сизифов камен, сепак како зоон политикон сме должни кон идните генерации. Ако го земеме предвид писанието на Богдановиќ, тогаш вистински да го сакаш градот значи да се трудиш да промениш работи што најверојатно не ќе се случат во твојот животен век, но ќе значат тектонски чекор поблиску до промена на културата на однесување на една нација кон физичкиот конгломерат кој го креирала со векови.

Наместо гаење на колективната дијагноза на жртва која ја имаме како нација, кога некој ќе побара од нас одговорност, наместо да се туфкаме зошто изоставува квалитетен животен простор во Скопје, (кој очајнички се надеваме дека ќе ни го обезбедат 2.000 евра квадрат и импозантните мермери во ентериерот), треба да се запрашаме што ние како индивидуи придонесуваме кон подобрување на ваквата ситуација. Дали одиме на јавна презентација на ДУП во нашето место на живеење? Колку пати годишно учествуваме во екоакции во нашето маало? Колку активно се вклучуваме во работата на куќниот совет, (дали садиме дрва, се грижиме за урбаната опрема, покренуваме иницијативи за подигање паркови и за безбедност во сообраќајот, фрламе отпад онаму каде што треба, почитуваме простор за лица со попреченост, не паркираме на тротоар, велосипедска патека итн…) Како индивидуално на дневна основа преземаме одговорност за ваквата состојба без веднаш да морализираме дека затоа постојат јавни претпријатија? До кога ќе го губиме градот поради отсуство на самосвест луѓе, до кога?

Автор: Бојана ПАЛИФРОВСКА, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top