Архитектонските и урбанистичките конкурси се вид на натпревари каде организацијата која планира да гради некоја зграда или да урбанизира некој потег, распишува конкурс за нивната конкретна локација и програмски барања на кои ги канат архитектите да понудат свои предлог-решенија, за потоа комисија која може да биде тајна или отворена (позната на јавноста) да ги разгледа и носи одлуки за најдобрите од нив, кои добиваат и паричен надоместок за понудениот труд, како и друг вид на признанија, сертификати и сл. Архитектонските конкурси иако ги среќаваме често во денешницата, не се нова пракса, туку нивното потекло, според некои истражувања се бележи и 2.500 години назад низ историјата.

Акрополот во Атина
Па, така Акрополот во Атина се смета за еден од првите примери на архитектонски објекти изградени врз основа на архитектонски конкурс, како и неколку катедрали во средниот век. Се чини дека човекот отсекогаш имал желба за иновативни пристапи во градењето и бил свесен дека понудени повеќе различни решенија даваат можност за презентација на различни проектантски идеи и со тоа можност за избор на најдоброто, најквалитетното и најиновативното од нив или пак покана на веќе афирмиран архитект кој ќе одговори на програмските барања најсоодветно.

Куполата на катедралата во Фиренца – Филипо Брунелески
Во ренесансниот период, црквата иницирала проектантски конкурси, натпревари, па повеќе објекти се резултат на тие пракси. Шпанските скали во Рим, се еден таков пример, како и куполата на катедралата во Фиренца, каде избрано било решението на италијанскиот архитект Филипо Брунелески. Отворени конкурси имало и во доцниот 18 век во повеќе држави, а во 19 век само во Англија и Ирска имало над 2.500 натпревари од кои 362 само во Лондон.

Куќата на парламенотот во Лондон
Кралскиот институт на британски архитекти го подготвил првиот сет на правила за конкурс во 1839 година, а збир на формални прописи во 1877 година. Германските регулативи за конкурси биле воведени во 1867година, додека во истиот период во Холандија, Здружението за унапредување на архитектурата (Maatschappij tot Bevordering van de Bouwkunst) започнува да организира концептуални натпревари како би ја стимулирале креативноста на архитектите.

Rijksmuseum ( Кралскиот музеј ) во Амстердам, Холандија
Така конкурсите стануваат еден од најупотребуваните инструменти за создавање на некои од најзначајните архитектонски структури во светот. Ќе ги спомнеме, Белата куќа во главниот град Вашингтон од Џејмс Хобл, палатата Вестминстер или Куќата на парламенотот во Лондон од 1835 г. од Чарлс Бери, Rijksmuseum или Националниот музеј во Амстердам од 1863 г. од Пјер Коупер, Рајхстагот во Берлин од 1872 г.

железничка станица на град Скопје, архитект Велимир Гавриловиќ
Во периодот од 1920 до 1941 година и во Македонија распишувањето на конкурси станува практика со носењето на „Правила за распишување на конкурси во областа на архитектурата и инженерството“ донесени во 1921 година. (Извор: Грчев Кокан „Архитектонските стилови во македонската архитектура од крајот на XIX век и периодот меѓу двете светски војни“)
Помалку познат факт е дека токму преку општ југословенски конкурс од 1931 година е избран и објектот за тогашната Нова железничка станица на град Скопје. ( сега Старата железничка станица каде е сместен Музеј на град Скопје)
Раните модернисти во Југославија земаат учество во конкурсот меѓу кои и членовите на „Група модерни архитекти“, Бранислав Којиќ и Милан Злоковиќ. Сепак победничкото решение ќе припадне на Велимир Гавриловиќ, кој ги применува примесите на „византискиот стил“. Во земјотресот во 1963 година, објектот е разрушен во централниот дел, по што се одлучува на негово делумно доурнување. Зачуваниот дел е претворен во Музеј на град Скопје и до денес претставува симбол на старото Скопје.

Меѓународниот конкурс, Скопје
Во обновата после страшниот разорен земјотрес во 1963 година, централното градско подрачје на Скопје ја добива својата физиономија по Меѓународниот конкурс за негово урбанистичко решение. На конкурсот учествуваат 8 тимови, четири југословенски и четири странски тимови, кои како што посочува професорот Токарев во едно негово интервју, имале задача да одговорат на неколку барања во конкурсот: Да се добие достоинствен центар на главниот град, кој би одговорил на традиционалните карактеристики на градските центри во Македонија, при што истовремено да биде современ и пригоден за градски живот. Влезот во центарот од страната на новата железничка станица да се предвиди низ специфична порта, оформена со повеќекатни административни објекти. Сообраќајот да биде комбиниран (моторен и пешачки) на различни нивоа. Со решението треба да се создаде релативно изолиран (мирен) центар, но со добри врски со другите делови на градот. При сето тоа, треба да се зачува Старата чаршија, а тврдината Кале да учествува во урбаната композиција. Како композициска оска на ова комплексно решение, се јавува коритото на реката Вардар. За победник на овој конкурс е прогласен афирмираниот јапонски архитект Кензо Танге, кој понудил компактна изградба и релативна изолираност на градскиот центар.

Планот на Кензо Танге за модерно Скопје
Но, иако во минатото се организирани повеќе урбанистички и архитектонски конкурси и преку тие решенија била изградена една вистински квалитетна урбанистичка и архитектонска слика и историја, таа пракса во модерно време е занемарена и сè помалку применлива. Гледаме некои обиди за организирање конкурси со многу слаба реализација. Обично со конкурсите се поврзани и многу контроверзии во однос на начинот на нивното распишување и прогласување на победничките решенија. Зачестена е и слабата мотивација со парична награда, па честопати архитектите зборуваат дека се деградирани во процесот на изработка на документацијата и нивниот труд е омаловажен со мали суми на паричен фонд. Сето тоа мотивира незаинтересираност на архитектонската фела да учествува и на тие малубројни конкурси кои се одржуваат.

За разлика од нас, во земјите од регионот праксата на избор на најдобро решение по конкурсен пат, особено за објекти од општествен и јавен интерес, е голема. Како еден навистина одличен пример сакам да ја истакнам Црна Гора. Тие навистина треба да се еден пример, по начинот на организација, по вклучување на надворешен член во комисијата, кој е професионалец од областа за која се распишува конкурсот и честопати е од друга земја. Па, така во комисиите често се среќаваат и многу познати, афирмирани странски архитекти. Понатака, паричниот фонд е многу голем и мотивирачки, па така привлекуваат многу учесници од својата земја, од регионот како и од светот.

Наши тимови се честопати меѓу победничките тимови, како што беше тимот на Архитектура Нова кој во 2024 година го освои првото место на Меѓународниот конкурс за идејно архитектонско решение за атлетски стадион во Подгорица, Црна Гора, што укажува на тоа дека ние имаме капацитет кој не го користиме во наши услови. И Србија и Албанија организираат меѓународни конкурси на кои се бираат навистина извонредни архитектонски и урбанистички решенија.

третонаградено решение на македонски тим за спортска сала во Цетиње

Прва награда на Меѓународен конкурс за Ургентен центар во склоп на Клинички центар Црна Гора-добитници тим од Турција
Албанија е многу интересна со својата зацртана стратегија за привлекување туристи преку визијата Тирана да стане културна мека, па години наназад го гледаме тој изразен стремеж за културно и економско издигнување, преку бројни конкурси за општествени објекти на кои награди добиваат решенијата на врвни архитектонски студија, како на пример данското студио на Бјарке Ингелс, кој го доби конкурсот за Националниот театар на Албанија, а го ставија и својот проектантски потпис и на Центарот за култура во Тирана, понатака; победничкиот проект за реконструкција на Пирамидата во Тирана, музеј од 1988 година, која била конференциска сала во периодот по падот на комунизмот, им припадна на познатото холандско студио MVRDV; данското студио CEDRA го доби конкурсот за ново архитектонско обележје на Тирана – зградата „Планина“ (Mountain) која е инспирирана од околните планински силуети на градот итн.

MVRDV победници на Меѓународен конкурс за Пирамидата Тирана (изведено решение)

CEBRA победници на меѓународен конкурс за Mount Tirana во Тирана, Албанија
Гледајќи ги сите овие примери на раст на регионот и обликувањето на силуетите на нивните главни градови преку бројни конкурси, останува да виси прашањето за нашата рамнодушност и немање желба кај институциите за организација на ваков тип најдемократски избор на најдобро решение за соодветни објекти и инфраструктура. Можеби токму овој текст ќе биди поттик за будење и на архитектонската фела и на организациите на архитекти и инженери, како и на соодветните институции на локално и државно ниво за поголем интерес во организирање на меѓународни, национални и студентски конкурси, на кои шанса ќе добијат сите архитекти, вклучително и студентите, како носители на свежи идеи.
Дали конечно ќе покажеме зрелост со повторно воведување на архитектонските конкурси како инструмент на современото демократско општество?
Во силна надеж и верба во суштински промени на архитектонската сцена, останува да видиме и да се надеваме дека тоа ќе го видиме во најблиска иднина.
Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија