Насловна / Вести / ХС „ЗЛЕТОВИЦА“: „Кнежево“ прва асфалтно-бетонска брана на Балканот

ХС „ЗЛЕТОВИЦА“: „Кнежево“ прва асфалтно-бетонска брана на Балканот

Image

Јадрото на браната “Кнежево”, главниот хидротехнички објект од повеќенаменскиот хидросистем “Злетовица”, кое почна да се гради кон средината на месецов, ќе биде асфалтно- бетонско, прво од таков вид на Балканот. “Кнежево” ќе акумулира 23 милиони кубни метри вода во акумулациониот простор од 75 хектари со кој браната и ќе располага. Браната треба да биде завршена до крајот на идната година.

Првата лопата бетон во темелот ја фрли Кен Јамамото, директор за инвестиции за Европа и Југоисточна Азија на Џејбик банката од Јапонија, која ги одобри 80-те милиони долари кредит со кои се гради регионалниот хидросистем. Од него вода за пиење ќе добиваат 100.000 жители од шест општини од источниот дел на државата.

“Се уверив дека работите течат според планот и утврдената динамика, што значи дека македонската градежна оперативе е на висината на задачата што ја презеде. Ги разгледав сите досега завршени објекти, при што посебно внимание обрнав на сигурноста и безбедноста при изградбата. Не се случила ниту една несреќа. Сметам дека проектот ќе заврши навреме и дека ние сме направиле добар потег што сме го доделиле кредитот, со кој му помагаме на македонскиот народ”, изјави Јамамото.

Image

Директорот на ЈП “Злетовица” од Пробиштип, Стојан Миланов, од своја страна најави дека Пробиштип, Кратово, Злетово, Карбинци, Свети Николе, Лозово и Штип вода за пиење ќе добијат веќе на почетокот на 2009 година, пред да заврши изградбата на браната. До овие општини водата ќе се транспортира преку цевководите од зафатите на Злетовска Река низводно од браната, кои веќе се завршени.

Од проектот “Злетовица” тежок вкупно 100 милиони евра со она што го дава Владата, досега се завршени патот (пробиени и асфалтирани 24 километри) до Кнежево, зафатите на Злетовица и значителен дел од цевководите. Завршен е и опточниот тунел, кој всушност овозможи да почне изградбата на вештачката акумулација.

Директорот Миланов вели дека е во тек изготвување на техничките документи на ниво на проекти од втората фаза, со чија реализација се предвидува наводнување на 3.100 хектари земјоделско земјиште, и три хидроцентрали кои на годишно ниво треба да даваат 56 милиони киловат- часови електрич на енергија. Но, и ова да се реализира, потребни се дополнителни 40 милиони долари што се бараат преку кредит кој би бил поволен како јапонскиот од Џејбик банката.

Паралелно со барањето начин да се заокружи финансиската конструкција за втората фаза од проектот “Злетовица” , се изработува студија за искористување на водите од злетовскиот слив низводно од “Кнежево” за изградба на други пет мали хидроцентрали.

И. СТЕФАНОВСКИ

Објавено во број 85.

Испрати коментар

Scroll To Top