Во рамки на пионерски проект во Велика Британија, компанијата National Grid започна со тестирање на 3Д печатени темели за трафостаници. Проектот се спроведува во соработка со финската компанија Hyperion Robotics, специјализирана за примена на адитивно производство во изработка на на префабрикуван бетон.
Финската компанија Hyperion Robotics развила технологија која користи 3Д печатење за производство на префабрикуван бетон со помала количина материјал, со што се зголемува ефикасноста и се намалува јаглеродниот отпечаток. National Grid, преку оваа соработка, има за цел да го автоматизира производството на темели со ниска емисија на јаглерод и така да го оптимизира развојот на мрежната инфраструктура.

Применливост и цели на проектот
Првата фаза од проектот се фокусира на анализа на употребливоста на 3Д печатените темели на некритични структури, како што се темелите за столбови за улично осветлување.
Овој пристап би можел да послужи како основа за поширока употреба на посложени компоненти на трафостаници, како што се изолатори и прекинувачи. Во иднина, овој метод би можел да донесе значителни заштеди.
Според тврдењата на компанијата Hyperion, и покрај употребата на помалку материјал, новите темели се и до четири пати поцврсти во споредба со конвенционалните решенија.

Процесот на тестирање и резултати
Темелите ќе бидат проектирани и произведени во Финска, додека лабораториските испитувања ќе се спроведат на Универзитетот во Шефилд. По завршувањето на лабораториските анализи, ќе следат теренски тестирања во текот на 2025 година во Deeside центарот за иновации, објект во сопственост на компанијата National Grid, во Северен Велс.
Статистичките податоци покажуваат дека дизајнот на овие темели овозможува:
- заштеда од 70% во материјал;
- 80% помалку земјени работи;
- помала тежина за полесен транспорт;
- намалување на емисиите на CO2 за 65% во текот на целиот животен циклус на производот.
Доколку овој пристап се примени ширум инфраструктурата на National Grid во текот на следната деценија, би можело да се заштедат до 705 тони бетон и да се избегнат 323 тони емисии на јаглерод диоксид, со заштеда од приближно 1,7 милиони фунти.
Мухамед Шабан, водечки инженер за иновации во National Grid Electricity Transmission, истакна дека соработката со Hyperion Robotics претставува важен чекор кон воведување на иновативни градежни практики што одговараат на поставените цели за одржливост.
Додаде дека станува збор за пионерски проект во Велика Британија што може да го промени начинот на кој се изведуваат градежните работи во енергетскиот сектор.
Извршниот директор на Hyperion Robotics, Fernando De los Rios, оцени дека партнерството со компанија со големина на National Grid е значаен момент за Hyperion. Тој нагласи дека оваа соработка овозможува забрзување на процесот на декарбонизација на градежниот сектор со помош на современи инженерски решенија и структури со ниска емисија на јаглерод направени со 3Д печатење.
Проектот е финансиран со средства од Ofgem програмата „Network Innovation Allowance“, која им овозможува на енергетски лиценцираните оператори да финансираат иновации што можат да донесат долгорочни еколошки и финансиски придобивки за потрошувачите. Овој потфат претставува голем чекор кон одржлива и технолошки напредна изградба на електричната енергетска инфраструктура.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија