Насловна / Арт и дизајн / BIG SEE Festival: Два дена на идеи, награди и нови перспективи

BIG SEE Festival: Два дена на идеи, награди и нови перспективи

Како и минатата година, така и оваа, Порторож беше домаќин на BIG SEE Festival 2026. Годинава фестивалот за првпат ги обедини архитектурата, ентериерниот и продукт-дизајнот на едно место, во историски впечатливиот објект Грандо, поранешен магацин за сол од првата половина на 19 век, денес адаптиран во современ простор за локални и меѓународни настани.

Со околу 3.000 посетители од цела Европа и пошироко, 21 и 22 мај претставуваа динамичен спој на запознавање со млади архитекти и дизајнери, размена на искуства, создавање нови професионални контакти, претставување на брендови од областа на архитектурата и дизајнот, следење дебати и дискусии на актуелни теми, како и дружење проследено со доделување награди за најуспешните остварувања во струката.

Програмата на овогодишниот фестивал опфати претставување на млади перспективни архитекти и продукт-дизајнери, доделување награди во областа на архитектурата, ентериерниот и продукт-дизајнот, дебати посветени на едукацијата на младите професионалци и промоцијата на архитектурата и дизајнот преку различни медиуми, проекции на документарни филмови, изложби на иновативни брендови и уметничка програма со креирање дизајн во живо.

Проектот Perspectives, кој започна минатата година, има за цел да ги истакне и поддржи младите таленти номинирани од релевантни стручни лица, овозможувајќи им претставување пред поширока професионална публика. Проектот вклучува две категории – архитектура (BIG SEE Perspectives Award 2026 Architecture) и продукт-дизајн (BIG SEE Perspectives Award 2026 Product Design).

ПРИЗНАНИЈА ЗА УЧЕСНИЦИ ОД МАКЕДОНИЈА

Во категоријата архитектура, признание добија членовите на АРХРИД Колектив, претставувани од Стефан Назифовски, номинирани од проф. д-р Мери Батакоја; Филип Зафировски, студент по архитектура, номиниран од доц. д-р Благоја Бајковски; и младата архитектка Ангела Банчотова, номинирана од м-р Иван Мирковски.

Стефан Назифовски – АРХРИД

Филип Зафировски, студент по архитектура

Ангела-Банчотова-Иван-Мирковски

Во категоријата продукт-дизајн, признанија добија групата FOURM, составена од Теодора Ѓорѓиевска, Ивана Јовановска, Андреа Новева и Сара Коваческа, студентки по индустриски дизајн, номинирани од проф. д-р Софија Сидоренко; младата дизајнерка Натали Ристовска, основачка на брендот YOVA, номинирана од м-р Марта Зафировска-Грнарова; како и младиот дизајнер Илија Левески, номиниран од проф. д-р Јелена Мицевска.

група FOURM

Натали Ристовска – Марта Наумовска Грнарова

Натали Ристовска

Покрај улогата на номинатор, архитектот и професор Иван Мирковски учествуваше и во дебатата со наслов „What Should We Teach Today to Matter in 20 Years?“, во која учествуваа професори по архитектура и дизајн од Југоисточна Европа, дискутирајќи за иднината на образованието и за новите предизвици на професијата.

дебата „What Should We Teach Today to Matter in 20 Years?“

Традиционално, како и секоја година, на фестивалот беа доделени BIG SEE Awards за најдобрите реализирани објекти, ентериери и продукт-дизајни. Во категоријата Interior Design – Residential, награди за најдобро реализирани ентериери од Македонија добија Мебел Дизајн со проектот „Organic Flow“, воден и претставен од архитектката Зејнеп Емурлаи Камил, како и проектот „AB House“, реализиран од студиото EZA Office.

Зејнеп Емурлаи Камил

Во категоријата Interior Design – Workplace, награда доби проектот „Taskforce BPO“, реализиран од Delight Office Solution, а претставен од Радослав Милошески и од архитектката Илина Миронска.

Илина Миронска – Радослав Милошески 

Титулата BIG SEE Artist годинава му припадна на македонскиот уметник Давор Кешкец, кој во рамки на изложбениот простор „Art Room“ се претстави со изложбата „Art Part by Davor Keškec“. Во рамки на поставката беа изложени четири павилјони – коцки со однапред изработени авторски дизајни, додека за време на фестивалот Давор во живо создаваше уште два павилјони инспирирани од самиот фестивал, неговото лого и визуелен идентитет, комбинирани со препознатливиот ликовен израз на Кешкец.

„Art Part by Davor Keškec“

ПРОЕКЦИИ НА ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ

За првпат оваа година, во рамки на програмата беа организирани и проекции на документарни филмови. Еден од нив беше документарниот филм „Brutalism“, во режија на Милош Јаковиќ и Хосеин Фани, реализиран во 2024 година. Филмот ги истражува објектите изградени во стилот на брутализмот и нивното место во современото општество. По Втората светска војна, брутализмот и концептот на „Сјаен град“ (Radiant City) биле препознаени како нова надеж за обновата на разрушените градови преку современ архитектонски пристап. Филозофијата на брутализмот се развивала во рамки на различни, често спротивставени идеолошки системи низ светот. Денес, брутализмот претставува споменик на аналогната ера и потсетник на еден период кој кај многумина буди носталгија. Посебно внимание во филмот е посветено на препознатливите бруталистички објекти во Скопје, кои претставуваат значаен дел од архитектонското наследство на градот.

Втората проекција беше посветена на документарниот филм „К67“, посветен на легендарниот киоск К67 – модуларно архитектонско дело на словенечкиот архитект Саша Мехтиг од 1966 година. Овој киоск со децении ги обликувал урбаните простори низ поранешна Југославија и претставувал препознатливо место за средби, трговија и секојдневен живот. Денес многу од овие киосци исчезнуваат, но оние што остануваат и понатаму ги носат трагите на едно време и сеќавањата на генерациите што ги користеле.

киоск К67

Документарниот филм нè води на патување низ градовите во регионот во потрага по овие преостанати урбани икони, преку личната перспектива на режисерот Филип Филковиќ и неговите средби со авторот на киоскот, архитекти, историчари и граѓани. Преку комбинација од интимни приказни, архивски материјали и филозофски размислувања, филмот отвора поширока дискусија за односот меѓу архитектурата, општеството и колективната меморија. Така, К67 станува повеќе од приказна за еден киоск – тој е приказна за просторот, времето и луѓето што го создаваат, користат и паметат.

Заокружување на двата фестивалски дена исполнети со презентации, дискусии, размена на знаења и нови професионални поврзувања беше гала-вечерта, на која беа доделени Гран при наградите во сите категории.

BIG SEE Festival и оваа година потврди дека регионалната соработка, поддршката на младите таленти и споделувањето знаења се суштински предуслови за развојот на архитектурата и дизајнот. Токму ваквите настани создаваат простор за нови идеи, професионален раст и меѓусебно поврзување, придонесувајќи не само за развојот на поединците, туку и за унапредување на целата креативна заедница во регионот.

Aвтор: Ана БОЈАЏИЕВСКА, дипл. инж. арх., BIG SEE Македонија

Фото: Матиќ Коман, Ања Кужник, Лука Вајгел

Испрати коментар

Scroll To Top