Добро зачуван град од византиската ера пронајден во Западната пустина е едно од двете големи откритија што Египет неодамна ги објави. Египетското Министерство за туризам и антиквитети соопшти дека градот во оазата Дахла открива детали за секојдневниот живот, урбаниот развој и економските активности во текот на 4 век, кога Египет бил дел од Византиското царство.

Новооткриениот град, изграден целосно од ќерпич, еден е од најкомплетните урбани центри од овој период пронајдени во Западната пустина. Се карактеризира со внимателно планиран распоред, со главни улици што се протегаат во правец север-југ и споредни улици што се сечат под прав агол.

„Оваа структура формирала отворени плоштади и јавни простори“, објасни Хишам ал-Леити, генерален секретар на Врховниот совет за антиквитети. Одбранбениот систем на градот вклучувал две стражарски кули и тврдина со дебели ѕидови, што сведочи за стратешката важност на населбата.
Во срцето на населбата, со поглед на главните улици, се наоѓаат остатоци од базилика која датира од средината на 4 век. Според Махмуд Масуд, кој ја предводи археолошката мисија, пронајдени се и бројни куќи со пространи сали за прием и засводени тавани.

Меѓу нив се издвојува куќата на извесен Тисус, идентификуван како ѓакон, за која археолозите веруваат дека служела како „куќна црква“ пред изградбата на градската базилика.
Внатре во домовите се пронајдени печки за печење леб, целосно опремени кујни и тешки камени алатки што се користеле за мелење жито.
Артефактите пронајдени на локалитетот дополнително го илустрираат животот на неговите жители. Истражувачите пронајдоа керамички садови, стаклени шишиња за масла и парфеми и глинени ламби што се користеле за осветлување.

Уште позначајно е што на локалитетот се пронајдени вистински ризници од пишани извори – речиси 200 остраки, или парчиња керамика што се користеле во антиката како подлога за пишување. Испишани на коптски и грчки јазик, овие антички „документи“ бележат секојдневни трговски трансакции, сметки за продажба и лични писма на жителите на градот.

Сликата за економскиот живот е надополнета и со колекција од добро сочувани пари. Покрај бројните бронзени кованици со христијански симболи и латински натписи на византиските императори, археолозите откриле и вистинска златна ризница– колекција од златни монети ковани за време на владеењето на императорот Констанциј II, кој владеел со Византиската империја од 337 до 361 година.

За историчарите, ова откритие дава непроценлив и исклучително детален увид во општествените и економските мрежи што им овозможиле на пустинските оази на Египет да напредуваат за време на периодот на големи промени во Византиското царство.
Животот во срцето на пустината
Откритието во оазата Дахла, која е на пробната листа на места на светското наследство на УНЕСКО, нагласува дека пустинските области не биле изолирани периферии, туку составен дел од византискиот Египет.

Оазите биле клучни точки на трговските патишта што ја поврзувале долината на Нил со остатокот од империјата, со развиено земјоделство, трговија и администрација.
Присуството на базиликата и доказите за ранохристијанска заедница даваат вреден увид во ширењето и организацијата на христијанството во оддалечените делови на Египет, кој се смета за лулка на христијанскиот монаштво.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија