Градежната индустрија во Соединетите Американски Држави влегува во нова фаза на дигитална трансформација, во која вештачката интелигенција има клучна улога во развојот на бетонски мешавини. Компанијата Мета претстави нов ВИ модел наречен Bayesian Optimization for Concrete (BOxCrete), со цел да го унапреди квалитетот, одржливоста и зголеми употребата на домашни сировини во производството на бетон.
Оваа иновација претставена е паралелно со пролетната конвенција на Американскиот институт за бетон, а моделот е достапен како open-source решение на платформата GitHub.

Индустријата е под притисок на увоз и бавни процеси
Иако околу 306 милиони кубни метри бетон се произведуваат годишно во САД, значаен дел од клучната компонента – цементот – доаѓа од увоз. Проценките покажуваат дека дури 20-25% од вкупната потрошувачка на цемент зависи од странски добавувачи, што влијае на домашното производство, инвестициите и вработувањата.
Традиционалниот начин на подготовка на бетонски мешавини се базира на долгорочно лабораториско тестирање, искуства на инженерите и методите на обиди и грешки. Таквиот пристап го забавува прилагодувањето кон нови материјали, особено кога различните видови цемент бараат сосема различни формулации.

ВИ како одговор на комплексноста на дизајнот на мешавини
Мета развива пристап базиран на таканаречено адаптивно експериментирање, каде што ВИ моделот ги анализира постојните податоци и предлага оптимални комбинации на состојки. Системот користи претходно постигнати резултати, дефинира потенцијално успешни мешавини и континуирано ги унапредува предвидувањата преку нови тестови.
Овој пристап не ги елиминира лабораториските тестови, но значително го скратува времето на развој и го намалува бројот на потребни експерименти. Инженерите на тој начин доаѓаат до оптимални решенија побрзо, со помал трошок.

Партнерства и конкретни резултати на терен
Развојот и примената на ВИ моделот се спроведува во соработка со компанијата Aмризе и Универзитетот Илиноис во Урбана-Шампејн. Aмризe, како најголем производител на цемент и бетон во Северна Америка, управува со 18 цементарници и стотици фабрики, што овозможува тестирање на решенија во индустриски размери.
Компанијата ја лансираше и ознаката „Made in America cement“, со која гарантира дека производите се во согласност со американските стандарди и се произведени од домашни материјали. Паралелно, најавени се инвестиции од речиси една милијарда долари за зголемување на домашното производство на цемент.
Примена во Минесота: Побрзо стврднување и помал ризик од пуканатини
Еден од најзначајните примери за употреба доаѓа од дата центарот во Роузмаунт, каде што BOxCrete е користен за развој на нова бетонска мешавина. Во соработка со партнерите Амризе и Мортенсон, развиен е бетон кој достигнува целосна цврстина и до 43% побрзо во споредба со стандардните формули.
Во исто време, ризикот од појава на пукнатини е намален за околу 10%, што е од клучно значење за конструкциите што носат големи оптоварувања.
Овој бетон е користен во изградбата на темели на кои се сместени илјадници сервери и постројки за ладење. По потврдувањето на сите технички барања, мешавината добила широка примена во рамките на проектот.

Дигитализација на индустријата во Пенсилванија
Дополнителен исчекор е постигнат преку соработка со компанијата Quadrel, која ја интегрирала Meta AI framework во своите софтверски алатки за индустријата на готов бетон. Системот се користи за обработка на податоци, оптимизирање на тестирањето и развој на модели прилагодени на корисниците.
Моделите континуирано се унапедуваат врз основа на резултатите од терен, со што стануваат составен дел од секојдневните операции – од контрола на квалитетот до донесување оперативни одлуки.

Економско и стратешко значење
Градежен сектор во САД, особено индустријата за цемент и бетон, генерира повеќе од 130 милијарди долари годишно и вработува околу 600.000 луѓе.
Зголемувањето на употребата на домашни материјали преку ВИ оптимизација може дополнително да ја зајакне оваа индустрија, да ги намали емисиите и да ја подобри отпорноста на ланците на снабдување.
Мета најавува продолжување на соработката со академските и индустриските партнери, со цел развој на нови алатки што дополнително ќе ги подобрат перформансите и одржливоста на бетонот.
Како што се повеќе компании интегрираат решенија како BOxCrete во своите процеси, се очекува поширока трансформација на начинот на кој се осмислуваат бетонските мешавини.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија