Насловна / Архитектура / Две лица на 22. БИМАС 2025

Две лица на 22. БИМАС 2025

Во периодот од понеделник 6 октомври до понеделник 20 октомври 2025 година архитектонската и пошироката јавност во земјата е почествувана со одржувањето на 22-рото по ред Биенале на македонската современа архитектура (БИМАС). Дополнително, темата на Биеналето „Колективна одговорност: Кон трансгресивни архитектонски парадигми“, е повеќе од актуелна со оглед на сè она што се случува во нашата изградена и природна средина од самостојноста на државата досега.

Оттука залагањата и ангажманот на раководството на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и на Организациониот одбор на БИМАС се повеќе од достојни за пофалба како по однос изборот на повиканите гости, така и по организираните придружни настани во напорите да се продлабочи дијалогот во рамките на струката и пошироката јавност, а за да се дојде до поиздржани и поодржливи решенија во секојдневното делување, не само за доброто на сегашните, туку уште повеќе и за идните генерации. Ова особено е важно со оглед на предизвиците со коишто сите ние се соочуваме на локално и на глобално ниво.

Валентино Константиновски, претседател на ААМ

КЛУЧНИОТ ПРИДРУЖЕН НАСТАН – БИГ И ЗХА

Веројатно клучниот придружен настан на овој БИМАС се одржа во сабота 11 октомври 2025 година во објектот на Националната опера и балет во Скопје со почеток во 19 часот, кога присутните имаа чест да бидат запознаени со пристапот и творештвото на веројатно најпознатите светски проектантски бироа на денешницата: БИГ (Бјарке Ингелс Груп) и ЗХА (Заха Хадид Архитектс). За пристапот и творештвото на БИГ говореше м-р Јелена Вучиќ, придружен (асошиет) директор во БИГ, која се школувала на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград, додека за ЗХА м-р Мелоди Леунг, директор во компанијата, која дипломирала на Универзитетот во Илиноис во Урбана – Шампаин, за потоа да магистрира на Колумбија универзитетот во Њујорк.

Иван Мирковски, претседател на БИМАС 2025

М-р Вучиќ укажа на холистичкиот пристап кон проектирањето што го негува БИГ, проектантско биро познато по своите иновативни и одржливи проекти кои ја испреплетуваат фунционалноста со смелата естетика, колаборативниот дух и интеграцијата на различни специјалности при создавањето на визионерски урбани средини.  Ваквиот пристап е поткрепен со дијапазонот на специјалности во рамките на бирото со 700 вработени, а коишто опфаќаат архитектура, пејзажна архитектура, инженерство, урбанистичко планирање и дизајн на производи. Иновативноста, визионерскиот пристап, креативноста и посветеноста на одржливоста се сметаат како основни обележја на ова меѓународно биро со седиште во Копенхаген и со повеќе експозитури низ светот, а коишто ја поддржуваат способноста на бирото да реализира комплексни проекти преку филозофски пристап во кој луѓето се во фокусот на проектирањето. Оттука веројатно и произлегува нивната репутација за лидерство во обликувањето на современи урбани пејзажи, и почитта како водечка сила во современата архитектура и урбан дизајн.

Од прикажаните објекти веројатно од особен интерес за домашната публика беа објектот на новиот Народен театар на Албанија во Тирана и на „Градот на внимателноста“ во Гелепо, Бутан.

Народен театар на Албанија, Тирана

Новиот Народен театар на Албанија е со површина од 9.300 м2 и ќе биде лоциран во централниот културно-административниот дел на Тирана веднаш до Плоштадот Скендербег, Националната опера и Националната уметничка галерија. Објектот е во форма на пеперутка и претставува две меѓусебно поврзани згради преку централната главна сала – една за публиката, а другата за изведувачите, кои меѓусебно создаваат транспарентен и привлечен јавен простор. Проектантскиот пристап овозможил оформување на три внатрешни простори за претстави, отворен амфитеатар на кровот на објектот и јавен простор под објектот. Транспарентниот пристап на фасадната обработка овозможува фоајето и задната сцена да бидат видливи за минувачите во текот на денот и да го трансформираат објектот и во сцена и во актер во рамките на градот.

Веројатно најамбициозниот и најзначајниот од прикажаните проекти беше оној за урбанистичкиот план на „Градот на внимателноста“ во Бутан со површина од 1.000 квадратни километри, а во рамките на кој ќе бидат вклучени меѓународен аеродром и хидроелектрична централа во чијашто брана ќе биде вграден будистички храм. Комплексот е лоциран во подножјето на Хималаите во градот Гелепо во близина на границата со Индија. 35 реки и потоци ќе минуваат низ парцелата при што поврзувањето на така создадените брегови и соседства ќе се реализира преку низа на населени мостови, а во кои ќе бидат искомбинирани културни, образовни, рекреативни и инфраструктурни функции. Во рамките на другите мостови ќе бидат сместени универзитет, здравствен центар, пазар и спиритуален центар. Аеродромската писта ќе биде издигната над неколку реки додека Терминалот на аеродромот од дрвена конструкција ќе има исто така функција на мост.

 

„Градот на внимателноста“ во Бутан

М-р Леунг ни го прикажа пристапот и творештвото на ЗХА, архитектонско биро со светска  репутација со своите иновативни и трансформативни проекти. Ваквиот пристап овозможил реализација на над 950 проекти во 44 земји од светот и е поддржан од мултикултурен тим од 400 вработени по потекло од 55 земји со седиште во Лондон и со експозитури низ светот. По прераната смрт на дамата Заха Хадид, ЗХА го води Патрик Шумахер. Меѓународната репутација на ЗХА е изградена на принципите на одличност во архитектурата, врвен дизајн и глобално влијание. Бирото е познато по бројните освоени награди, како и преку раното прифаќање, примена и развој на дигиталните технологии. Во рамките на фирмата опстои и одделот ЗХАИ (Заха Хадид Аналитикс + Инсајт) кој ја истражува примената на вештачката интелигенција.

Шаржа Сити во Обединетите Арапски Емирати

Од големиот опус на бирото веројатно вредни за споменување се новиот проект за 35- катната Алта кула во Белград и урбанистичкиот план за Шаржа Сити во Обединетите Арапски Емирати. ЗХА во соработка со локалното Биро Кјуб Партнерс од Белград неодамна го објави проектот за новата кула со мешана намена во Белград за потребите на Алта банката. Новиот објект ќе биде лоциран до Трговскиот центар Меркатор во близина на устието на реката Сава во Дунав.

Алта кула во Белград

Питер Гералд Стјурат Муреј ОБЕ – БАУМИТ – Ондреј Чјубик

Во средата на 15 октомври 2025, по вторпат во рамките на БИМАС 2025 во големата сала на Националната опера и балет, се одржа придружен настан на Биеналето во кој публиката имаше можност да слушне три исто така мошне интересни и релевантни презентации. Првата беше од британскиот архитект Питер Гералд Стјурат Муреј ОБЕ архитектонски писател којшто се образувал при Архитектонската школа на Кралската академија на Западна Англија во Бристол и при Школата на Архитектонската асоцијација во Лондон. Бил уредник на списанијата Булдинг Дизајн и на Журналот на Кралскиот институт на архитекти, пред да го издаде (во соработка со Дејан Суџиќ) списанието Блу принт, потоа списанието Ај (Око), Тејт магазинот и други. Неговите архитектонски реализации вклучуваат проекти во Лондон, Таипеи (Тајван), Хонгконг, Париз, Њујорк и во други градови. Муреј исто така се јавува како автор на повеќе книги, а за своите заслуги во доменот на лидерство во уметноста, архитектурата, урбанистичкото планирање, дизајнот, издаваштвото и добротворната дејност во 2021 година бил назначен за Офицер на Редот на Британската Империја (ОБЕ).

Муреј ОБЕ

Предавањето беше посветено на неговата богата дејност во доменот на партиципација и вклучувањето на јавноста во создавањето и унапредувањето на изградената и на животната средина. Така тој во 2004 година го основал Лондонскиот фестивал на архитектурa, којшто се смета за најголемиот европски фестивал на архитектурата. До 2006 година Фестивалот се одржувал еднаш на две години и бил познат под името Архитектонското биенале во Лондон, а од 2008 година Фестивалот се одржува еднаш годишно, вообичаено во јуни, и е одбележан со низа активности со фокус на дизајнот и архитектурата: изложби, инсталации, предавања, дебати, посети, семејни активности, проекции на филмови, студентски изложби, вечерни средби итн.

Муреј во 2005 година се јавува и како коосновач на Новата агенда за Лондон (НЛА), Лондонската заедница за изградена средина заедно со Ник Меккеох.  Новата агенда за Лондон е организација со над 30.000 илјади членови, која работи низ сите сектори и ја претставува заедницата на изградената средина на Лондон, а во која секој е посветен кон обликувањето на подобар град.

Лондонскиот фестивал на архитектурa

Седиштето на Новата агенда за Лондон се наоѓа во Лондонскиот центар, кој е јавно место за средби во кое се наоѓаат големи макети на Лондон и изложбени галерии. Работата на центарот е збогатена преку голема програма на настани, годишниот фестивал и комуникациски канали преку кои илјадници лица годишно се вклучени во активностите за иднината на градот.

Второто предавање беше од Мајкел Хаиндел од австриската фабрика за градежни материјали БАУМИТ. Фокусот на презентација беше потребата од соодветен избор на градежни материјали при изградбата на одржливи објекти со фокус на термичката изолација на објектите и потребата за соодветно контролирање на влажноста во нив.  При ова беа презентирани и резултатите од истражувањата спроведени во фабричкиот ВИВА парк.

Последното предавање во средата беше од чешкиот архитект Ондреј Чјубик од архитектонското биро на Чјубик и Кристоф од Брно. Чјубик се образувал на Техничкиот факултет во Брно, Техничкиот универзитет во Грац и Федералниот институт за технологија во Цирих. Бирото на Чјубик и Кристоф специјализира во доменот на урбаната трансформација и архитектурата преку своите четири бироа во Лондон, Прага, Брно и Братислава. Чјубик презентираше повеќе нивни реализирани објекти и проекти и остави впечаток според успешните економични освежувања на објекти од втората половина на минатиот век, како на пример бруталистичкиот Автобуски терминал Звонарка во Брно.

Како и во рамките на творештвото на БИГ и ЗХА, делото на Чјубик и Кристоф ќе може да се види и во Тирана каде тие во 2023 година ја освоиле првата награда на меѓународен конкурс. Станува збор за стратешки лоцирана 97 метри висока мултифункционална кула со површина од 17.500 м2 во центарот на Тирана, а која ќе послужи како централна врзна точка која ќе ги проткае заедно клучните културни објекти во градот и ќе го дефинира новиот агол на идниот плоштад. Првите три ката од објектот ќе бидат наменети за трговски и за канцелариски простори додека преостанатите 20 ката ќе бидат станбени.  Каскадното решение на објектот ќе овозможи поставување на заеднички зелени кровни тераси.

Повеќенаменска урбана арена во Јихлава, Чешка

Веројатно еден од клучните проекти на бирото е оној на Повеќенаменската урбана арена во Јихлава, Чешка, со површина од 25.000 м2 и сала со капацитет од 5.650 места, проект во изградба по освоеното прво место на конкурс во 2019 година. Објектот е лоциран на границата од историскиот центар на градот и се наоѓа до парк и до универзитет, а предложеното решение го овозможува континуитетот на овие две места.  Расчленувањето на комплексот на урбаниот стадион во четири помали објекти ја намалува доминацијата на комплексот и ја овозможува неговата понезабележителна транзиција во урбаниот пејзаж. Како резултат на овој пристап стадионот служи како транспарентна и флуидна транзиција помеѓу различните места наместо да претставува пречка во просторот. На овој начин тој го оживува и отвора делот на градот кон нови функции преку коишто го продолжува центарот надвор од оригиналните историски граници.

ИЗИИССтефан Маедер

Во четврток, 16 октомври, овојпат во зградата на Музејот на современа уметност, имавме можност да го слушнеме предавањето на проф. д-р Вероника Шендова и на доц. д-р Александар Златески од ИЗИИС во Скопје кои говореа за современите пристапи кон заштитата на објектите од градителското наследство при што проф. Шендова се фокусираше на историските згради и споменици, додека доц. Златески на историските урбани центри преку пример на Старата скопска чаршија. Проф. Шендова се осврна општо на земјотресите за потоа да укаже на последиците од зајакнувањето на историските сакрални објекти со примена на армиран бетон, а коишто довеле до оштетувања на фреските во вака санираните цркви во земјата.  Укажа на развојот на нови технологии базирани на примената на зајакнувања со варов малтер и арматура, како и на примената на армираниот полимер со карбонски влакна во зајакнувањето на историските објекти со масивни конструктивни системи, методологија препорачана и за заштита на објекти во рамките на Старата скопска чаршија.

ГРАН ПРИ за НОМАГАС на бирото Параметар

Вечерта заврши со отворањето на изложбата на швајцарскиот архитект и едукатор Стефан Маедер кој се претстави преку своите филигранско рачно изработени цртежи од неговите истражувања во доменот на минималните куќи пропратени со серии на минијатурни слики кои ги искажуваат можните решенија и животот во нив. Почнуваат од минимални куќи за едно лице за полека да се прикажат и решенијата на куќи за поголем број на станари. Спред неговите зборови вежбајќи ја својата рака со мали формати на цртежи и слики му овозможило да остане во контакт и да твори во доменот на архитектурата дури и во периодите кога бил на административни и раководни места.  Неговите мали разиграни и топли архитектонски цртежи и слики се во контраст на оние апстрактните и во големи формати на дамата Заха Хадид презентирани само ден порано.

Делумната посета на придружните настани на БИМАС 2025 остава впечаток дека најзначајната архитектонска манифестација во земјата веројатно покажува две лица. Големите напори на Организациониот одбор на БИМАС и на раководството на ААМ да обезбедат одлична селекција на предавачи, за жал се чини дека не наиде на соодветен одзив на стручната и на пошироката јавност, особено кога станува збор за спорадичното присуство во голема сала на Националната опера и балет со капацитет од 781 до 1009 места или пак минималното присуство на предавањата на претставниците од ИЗИИС. Ова е особено за чудење во услови кога се смета дека во земјата има околу 3.000 архитекти и седум архитектонски факултети од кои само пет се во Скопје, како и земајќи ја предвид темата на овогодишниот БИМАС „Колективна одговорност: Кон трансгресивни архитектонски парадигми“. Останува прашањето дали малата посетеност е израз на „несреќно избраниот термин“, 11 Октомври, Денот на востанието на Македонија, и локалните избори на 19 октомври, генерална незаинтересираност на струката или пак за темата на конференцијата, а можеби дури и е резултат на фокусот за промоција на БИМАС 2025 преку социјалните мрежи, наместо и преку потрадиционалните форми на комуникации.  Имено, дури и на веб-страницата на ААМ немаше објава за овогодишното биенале. За разлика од предавањата се добива впечаток дека изложбите беа значително попосетени, што остава можност за евентуално прилагодување на форматот на следното биенале.

Слично на двете лица на БИМАС 2025 по однос на посетата на публиката на предавањата и изложбите веројатно уште поизразени се двете лица на архитектурата и изградената средина во земјата каде проектите селектирани и презентирани на биеналето укажуваат на значително поатрактивна и похумана животна средина од онаа со којашто се соочуваме во реалноста.  Се чини дека може во земјата имаме капацитет да создадеме поквалитетна изградена средина во виртуелниот свет отколку во реалниот во кој живееме.

ГРАН ПРИ за НОМАГАС на бирото Параметар

НАГРАДИ НА БИМАС 2025

Категорија: Урбанистички планови и проекти

  • Плакета Студио Архитектура Нова – за проектот Тихо Јавно: Меѓу пејзажот и заедницата (Автори: Марија Димитриевска-Цилакова, Даница Јурумовска, Маја Димитриевска, Милка Гочевска, Ангела Кузмановска)
  • Награда Тајфа Архитекти – за Детален урбанистички план за Урбана единица Проевце, Блок-22, Куманово (Автор: Стефан Лазаревски)

Категорија: Реализации ентериер и дизајн

  • Плакета – БМА студио (Автори: Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Емилија Стјаноска, Даме Јовановски, Бане Стојановски, Астрит Азири, Албан Мема, Христина Мијалчева)
  • Награда – Ентериер на книжарница Литература.мк (Автори: Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ-Муратовска, Веле Богоевски, Ана Момировска и Јосиф Николовски)

Категорија: Архитектонски проекти

  • Плакета – Хотел „Св. Мартин“ (Автори: Пако Радовановиќ, Јасмина Димова)
  • Награда Индустриски објект за преработка на овошје од Студиото Параметар (Автори: Методи Хаџи-Андов, Игор Сугарчев, Димитар Стефановски, Сашо Андријевски)

Категорија: Архитектонски реализации

  • Плакета – Куќа ФБ (Автори: Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Даме Јовановски, Христина Мијалчева, Емилија Стојаноска, Урош Николоски, Бане Стојановски, Астрит Азири. Соработници: Благоја Димитриески, Кристијан Гошев)

ГРАН ПРИ – НОМАГАС Главен административен и сервисен центар од Студиото Параметар (Автори: Методи Хаџи-Андов, Игор Сугарчев, Сашо Андријевски, Димитар Стефановски.

Испрати коментар

Scroll To Top