Насловна / Арт и дизајн / 21. издание на Скопје филм фестивал

21. издание на Скопје филм фестивал

Премиерната проекција на македонскиот филм „Година на мајмунот“ работен по сценарио и режија на Владимир Блажевски на 19 април ќе го означи пошетокот на 21. издание на Скопје филм фестивал.

„Година на мајмунот“, чиј работен наслов беше „Слобода или смрт“, е четврт долгометражен филм на Блажевски, еден од најреномираните македонски филмски автори, по наградуваниот „Панкот не е мртов“ (2011), „Булевар на револуцијата“ (1992) и „Хај- фај“ (1987). SKOPJE-FILM-FESTIVAL

Скопскиот филмски фестивал ќе трае до 26 април, а најавени се повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, како и ретроспектива на Алфред Хичкок. Филмовите се распоредени во седум програми, меѓу кои се: Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Фокус на француски филм, Програма на европски филм, Ретроспектива на Хичкок, и за првпат годинава, програмата Квир фокус.

Селектор на Програмата на авторски филм е Татјана Јаневска, Навид Сарем на Фокус на францускот филм, Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров на краток филм. Во програмата Македонска продукција ќе се прикажат осум македонски филмови.

Од оваа година, Скопје филм фестивал започнува со реализација на програмата „Квир фокус“ во која ќе бидат прикажани филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело ќе прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот ќе направи обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар ида создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. И кога тие гласови се чуени, се дава можност да станат дел од култура која менува, култура на отпор која го обликува општеството во кое едни ќе учат за постоењето и прифаќањето на различностите, додека други ќе учат да го заборават досега наученото за да почнат да се сакаат себеси.

Без некоја посебна тематска одредница, со неколку филма се прави обид да се отворат теми како што се репресираната хомосексуалност, себеугнетувањето и скриеноста, отуѓувањето на квир субјектите и нивните идентитети во дигиталниот простор, угнетувачкиот и исклучувачки карактер на хетеронормативните семејни вредности и религијата, па сѐ до приказ на еден провокативен антиестаблишментски радикален лезбејски феминизам.

Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.

Во рамки на програмата ќе има и промоција на интересна книга што се занимава со апсектите на себеугнетувањето на геј луѓето, а низ предавање и дискусија ќе се обидеме да направиме осврт на квир киното и неговата историја, со излагањата на двајца предавачи и секако, низ дискусијата и мислењата на публиката.

Програмите ќе се одржуваат во киното „Милениум“, Кинотеката на Македонија и киното „Фросина“.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.

Испрати коментар

Scroll To Top