Насловна / Вести / Во Унгарија официјално започна изградбата на нуклеарната електрана „Пакш 2“

Во Унгарија официјално започна изградбата на нуклеарната електрана „Пакш 2“

Руската државна компанија за нуклеарна енергија „Росатом“, ја започна изградбата на петтиот реактор во нуклеарната електрана „Пакш“ во Унгарија, со што официјално е означен почетокот на изградбата на проектот „Пакш 2“. Планот е „Пакш 2“ да има два реактора со моќност од по 1,2GW, што значително ќе ја подобри енергетската независност на Унгарија. Напоредно со работите на блок 5, треба да започнат и работите на блок 6, се истакнува на официјалниот сајт на проектот.

Во 2023 година, Русија и одобри на Унгарија кредит од 10 милијарди евра за финансирање на проектот „Пакш 2“, чија вкупна вредност е проценета на 12,5 милијарди евра. На церемонијата за одбележување на почетокот на изведбата, унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, изјавил дека „Пакш 2“ ќе и овозможи на Унгарија да покрива околу 70% од својата потрошувачка од нуклеарна енергија. Унгарија и Русија уште во 2014 година потпишале меѓудржавна спогодба за проектот „Пакш 2“, кој претставува проширување на постоечката нуклеарна електрана.

Нуклеарната електрана „Пакш“ се наоѓа околу 100 километри југозападно од Будимпешта. Има четири руски реактори од типот VVER-440, секој со моќност од 500 MW, кои се пуштени во работа во осумдесетите години од минатиот век. Проектот „Пакш 2“ опфаќа инсталација на два реактори од типот VVER-1200, кои ги изработува една од компаниите во сопственост на „Росатом“. Тие реактори имаат работен век од 60 години, со можност за продолжување за уште 20 години.

 

Испрати коментар

Scroll To Top