Насловна / Арт и дизајн / „Во синило те намамив“

„Во синило те намамив“

sinilo (11)Мистичното пространство на Охридското Езеро во кое се огледуваат сите лица на небото, рефлектирајќи се низ суптилни светлосини кон разбранувани темнозелени и модри нијанси, во своите длабоки древни води, низ трепетот на алгите и шепотот на далгите со крајбрежните камења, кријат вистинска ризница на тајни, измамувајќи погледи и воздишки кај секој минувач. Овие убавини, како вечна уметничка инспирација, го привлекоа љубопитството и на четирите жени уметници, автори на современ дизајн на накит, кои концептуално „нурнаа“ во таинствените длабочини и преку својот дизајн ни интерпретираа дел од волшебното подводно царство.

Уметничките приказни на Јана Ацевска, Билјана Клекачкоска, Дафина Џепароска и Марта Пејоска, испреплетени во еден исто толку мистичен наслов „Во синило те намамив“, проструија како силно ехо пред љубопитните погледи на охридската публика на 10 август, во невообичаено време, во 22:22 часот, во изложбениот простор при Куќа на Уранија на изложбата одржана во рамки на манифестацијата Охридско Лето.

Сакајќи да откриеме повеќе за сржта на дизајнот на секоја авторка посебно, нурнавме подлабоко во дизајнерскиот свет кај секоја од нив.

Првата приказна ни ја открива Јана Ацевска, основач и сопственик на студиото за дизајн и изработка на накит „Капка“. По осумгодишен ангажман како графички дизајнер, Јана се запишува на најдобрата школа за современ накит, Alchimia во Фиренца, Италија, така што  графичкиот дизајн го преточува во парче современ накит, претворајќи ги различните материјали во носечка уметност со најразлични форми. Своите парчиња уникатен накит ги изложува на бројни саеми за дизајн во: Милано, Франкфурт, Стокхолм, Софија и Скопје, а како продукт-дизајнер, во соработка со компанијата „Завар“,  ја дизајнира последната колекција радијатори кои беа изложени на Sofia Design Week, белградскиот Mikser Festival и DDay во Загреб. За „Порта 3“  открива: „Јас како графички дизајнер имам специфичен израз во однос на накитот што го работам. Голем предизвик ми е да експериментирам со материјали и форми, па така за оваа последна колекција избрав да работам во бакар, кој како материјал е интересен бидејќи трпи промени во однос на бојата. Експериментирањето со  патината беше голем предизвик и на крај успешно ја добив сината боја на материјалот, која беше и тема на изложбата. Во однос на современоста на накитот, мислам дека тоа е концепт на современа уметност со применета функција. Кај нас е релативно нов и неприфатен израз најмногу заради валоризирање на парчињата. Валоризирањето на традиционалното парче накит се одвивало според материјалите употребени за негова изработка, додека разликата на денешната валоризација на современиот накит е во однос на различниот пристап, се цени авторството, изгледот и секако умешноста за негова изработка“.

sinilo (1) sinilo (2) sinilo (3) sinilo (4)

Втората приказна преку својот дизајн ја расплете авторката Билјана Клекачкоска,  дизајнер на накит, која како изразно средство главно ја користи филигранската техника, оплеменета со современ авторски пристап. Изложувала и надвор од својата земја, а повеќекратно е наградувана за најдобар дизајн. „Ако нешто би кажала за современиот дизајн на накит тоа е дека не постојат правила и ограничувања во смисла на избор на материјали за работа и нивно комбинирање. Се употребува сè и се меша сè. Тоа дава голема слобода, посебно ако не се бркаат моментални трендови и правци, туку ако се следи понирањето во својот внатрешен свет и простор комуницирајќи со форми, бои и концепти преточени во парче накит. Преку поставката „Во синило те намамив“ со Јана, Марта и Дафина баравме интересен настан кој ќе не обедини а истовремено ќе ни остави доволно простор, секоја да си го најде својот израз имајќи предвид дека главна инспирација ни беше Охрид и езерото. Мојот креативен процес си зема некои свои текови и развива свои техники, а тоа што јас правам е будно следење. Сè уште среброто ми е најблиско како материјал, но го комбинирам и со бакар, скапоцени и помалку скапоцени камења, дрво или кој било друг материјал кој ми користи за да ја приближи идејата и етсетиката што сакам да ја искомуницирам. Освен изработката на накит, цртежот ми е уште една блиска изразна форма, сама за себе (не во функција на скица за парче накит). Предизвик ми е што повеќе да ги приближам и мешам овие две изразни форми и тоа најмногу се гледа во куќичките што ги изработив за изложбата. Инспирација ми беше охридската архитектура и неизбежното езеро, кои како впечатоци ми останаа најприсутни“.

sinilo (5) sinilo (6) sinilo (7)Третата приказна, пред охридската јавност, преку својот дизајн ја раскажа и младата Дафина Џепароска, која со изработка на накит се занимава од 2010 година. По успешните учества на работилници за современ накит, учествува на БОШ фестивалот во Гевгелија како и на Skopje deisgn week  со својата колекција: Galaxy Cluster- d793. Tаа своите дела ги презентира и надвор од Македонија. Употребувајќи најразлични материјали, Дафина преку различните текстури и живите езерски бои, успешно ја исткаа и својата перцепиција на синилото.

И четвртата, последна приказна ја заокружува Марта Пејоска, дипломиран инженер архитект, која преку својот дизајн проникнува низ архитектонскиот простор на сосем нов, модерен и концептуален начин, моделирајќи го секојдневниот контекст и инспирација од родниот град во парчиња накит. Таа во 2010 година го наследува ателјето на нејзиниот татко, Живко Пејоски, во Охрид, додавајќи нов шарм и уникатен, својствен печат преку филигранската изработка на накит. „Синилото како тема на размислување претставуваше посебен предизвик и неисцрпен извор на инспирација. Се случи еден компатибилен склоп на различности од индивидуални интерпретации на една иста тема на нас четирите дизајнери, инволвирани во приказната“.

Марта Пејсока, со својот дизајн за „Синилото“, поставува нови концептуални граници на филигранската изработка, создавање на дијаграмски мрежи од сребрени жици, своевидно напуштање на филигранската исполна, при што ги постигнува принципите на архитектонското проектирање, однос полно-празно, метафора на конструктивниот систем, минималистички тенденции и употреба на камчиња кои немаат скапоцена улога, туку се позајмени од охридските плажи и носат меморија на самите места. За нејзиниот пат од идеја кон реализација, ќе каже: „Процесот на работа е комплексност. Започнува со иницијалната идеја и завршува кога скицата е готов производ, кога се размислува за конкретниот дизајн, истовремено се размислува и низ форма, материјал, начин на изработка, појавност, гравитација, што тоа парче (ќе) означува и сака да каже. Не секогаш е лесно да се зборува за сопствените дела, посебно кога тие се производ на сопствените лични и длабоки импресии. Водата, езерото и синилото скоро цел мој живот ме опкружуваа и се акумулираа внатре во мене, чекајќи вистински момент да излезат и да се покажат. Со доза на минимализам во скулптуралната експресија на парчињата и една посебна архитектоника на просторот, кои за себе го создаваат конкретните форми на накит, тие нe претставуваат ништо друго, туку една дијаграмска интерпретација на конкретната појавност. Идејата да се прикаже „водата“/ „езерото“ односно нивната живост со употреба на материјал преку дизајн и не е така наивно и едноставно, токму напротив, одговорно, најпрвин пред себе си, како пред најстрог критичар, а после пред останатата публика“.

sinilo (8)

И самата поставка на изложбата содржеше невообичаен концепт, кој Марта како архитект најдобро ни го долови: „Поставката на изложбата односно целокупната обмисленост на просторот беше сфатена како уште еден голем предизвик, со оглед на тоа што беше поставено прашањето: како парчиња накит да се постават/презентираат во еден претходно силно дефиниран контекст – внатрешен ентериер на охридска куќа? Вториот кат на куќата на Уранија во Охрид беше просторот одбран за оваа изложба. Во главната просторија на катот беа поставени 14-ина постаменти со различни висини разместени во правоаголна долга централна формација. Парчињата накит беа поставени на нив со тоа што како дополнителен елемент се појавија белите камења од брегот на Охридското Езеро, кои уште повеќе се вклопија во целата тема на изложбата.  Амбиенталноста на ‘синилото’ беше уште повеќе доловена со краткото видео направено специјално за оваа изложба, со кадри од подводниот свет на езерото и соодветни водни звуци“.

sinilo (9) sinilo (13)

Оваа изложба испрати силна порака дека накитот претставува многу повеќе од украсен моден детаљ и оди чекор со современото живеење во Македонија, за што Марта заклучи:   „Современоста на оваа приказна која се вика изложба на современ накит е токму тука во насловот, во идејата, во концептуалната форма на претставување на уметноста, во просторот, во поставката, во нејзината појавност, во сите нас четири авторки“.

Испрати коментар

Scroll To Top