Насловна / Вести / Винербергер – најголемиот светски производител на глинени градежни материјали

Винербергер – најголемиот светски производител на глинени градежни материјали

Интервју со Владимир Златковски – директор на комерција и маркетинг на Винербергер Македонија.

Што претставува Винербергер во градежната индустрија и кои брендови ги вклучува производственото портфолио на Винербергер во Македонија?

Винербергер е водечки производител на глинени градежни материјали во нашата земја. Освен ќерамидите кои ги произведуваме во нашата фабрика во Виница под најпознатиот бренд Tondach, ние во нашата понуда нудиме и ќерамиди од нашите фабрики од Хрватска, Унгарија и Србија, секако под брендот на Tondach. Освен тоа ги имаме и најдобрите тули кои се нудат во нашата земја под брендот Porotherm, што претставува синоним за квалитетна тула. Во нашето портфолио имаме термоизолациски тули од нашите фабрики во Хрватска и Бугарија. Можам слободно  да кажам дека сме единствените на македонскиот пазар кои нудиме брусена тула, која се употребува со ПУ-лепило наместо класичниот метод со малтер, што овозможува минимизација на термичките мостови и подобра звучна изолација на објектите.

DSC_1707a_resize

Владимир Златковски – директор на комерција и маркетинг на Винербергер Македонија

Претходната година одбележавте 200-годишно постоење на пазарот. Раскажете ни повеќе за историјата на Винербергер и за присутноста на македонскиот пазар?

Винербергер е најголемиот светски производител на глинени градежни материјали. Постоењето од 201 година, самото по себе кажува дека имаме сплет од искуство и традиција во производството на природни градежни материјали. За нас е огромна чест како производител на ќерамиди од нашата земја да сме дел од групација како Винербергер. Нашата фабрика во Македонија започнува со работа во далечната 1947 година како ИГМ Пролетер за да во 2001 година следува преземање од австриската групација Тондах Глајнштетен. Во 2004 година се врши целосна модернизација на производството и веќе од 2004 па сè до ден денес сме најприфатениот бренд за ќерамиди во нашата земја. Од 2015 година ние сме дел од австриската групација  Винербергер, рамо до рамо со останатите 250 фабрики во цела Европа.

Покривот не е само ќерамиди, што всушност претставува Вашата понуда на системско решение за покрив?

Многумина мислат дека покривот на една куќа се само ќерамидите, но долгогодишното искуство во оваа индустрија покажа дека покривот треба да ни биде 5-тата и најважна фасада на нашата куќа. Според тоа ние разработивме целосни системски решенија за покрив од керамички и некерамички додатоци кои имаат за цел да обезбедат сигурност и долготрајност на покривот.

Правилното поставување на елементите за покрив овозможува оптимален проток на воздух и дишење на покривот, дифузија на водата и на водената пареа од просторот во околината како и температурна постојаност. За покрив изведен спрема техничко упатство нудиме 33 години гаранција.

Picture1_resize

Во овие предизвици со Ковид-19 со кои се соочуваме, дали македонскиот потрошувач умее да го цени и вреднува македонскиот производ на пазарот?

Мислам дека во Македонија се цени домашниот производ. Ние како Винербергер Македонија освен што нудиме производи  нудиме и широк спектар на бесплатни услуги за нашите директни и индиректни купувачи како што се: калкулација на количина на материјал за покрив, техничка поддршка, контрола на изведба, обуки на мајстори, семинари за архитекти и др. Сметам дека ова се цени од македонските потрошувачи бидејќи тие знаат дека ние секогаш им го нудиме најдоброто и тука сме во следните 33 години да им гарантираме дека ќе имаат сигурен покрив на нивната куќа.

На градежната индустрија секојдневно ѝ се наметнуваат новите трендови, во однос на енергетски ефикасното градење како и еколошки прифатливото производство. Какви се Вашите практики?

Како одговорна компанија и лидер во производството на овој вид на материјали ние секогаш се трудиме да ги следиме најновите трендови, но и како лидери создаваме и сопствени трендови кои се следат од другите компании. Нашата цел е секогаш ефикасно градење како и еколошко производство за што и самите имаме интегрирана дозвола од Министерството за екологија на нашата земја.

Roof infographic - House showing roof components

Како компанија која поставува стандарди, во време на Ковид-19 неодамна успеавте да организирате вебинар на тема „Проектирање на nZEB-објекти“ кој покрена голем интерес кај архитектите. Како сте задоволни од одзивот и дали планирате да продолжите со реализација на вебинари со привлечни теми за архитектите и во иднина?

Како и сите останати, ситуацијата со Ковид-19 и препораките од нашата влада и ние се пренасочуваме во организација на вебинари наместо симпозиуми за архитекти. Вебинарот кој го одржавме минатата недела, уште повеќе нè мотивираше да продолжиме со нашата работа бидејќи огромен број на учесници покажаа мотивација дека секогаш се расположени да дознаат нешто ново. Темата енергетска ефикасност е секогаш интересна особено во делот на проектирање и мерење на резултатите по изведбата. Нашиот добар пријател проф. д-р Бојан Миловановиќ од Градежниот факултет во Загреб, тоа умешно го направи и ја испровоцира публиката да поставува многу прашања како и да даде предлог-теми за што би можеле да зборуваме на нашите идни вебинари. Секако подготвуваме интересни теми и се надеваме дека во иднина ќе имаме уште поголем одзив од архитектите кои сакаат да научат нешто нови и интересно со претставување на трендовите од другите земји кај нас.

Иднината ги носи и новите предизвици за градење со рамен покрив, големоформатни ќерамиди како и изведба на проекти со помал наклон на покрив. Каков е вашиот одговор на овие современи барања?

Благодарение на нашата групација, ние сме секогаш спремни да одговориме на трендовите во кои се движи нашиот градежен сектор. Во последно време сè поголемо е барањето на различни бои на покривот, а секако и црната ќерамида сè повеќе е барана во нашата земја. Во нашето портфолио освен широкиот спектар на бои (енгоби) и глазури, нудиме и ќерамиди кои може да бидат поставени на наклон од 10 степени што е директен одговор за покривите со мал наклон. Исто така имаме ќерамиди од 9,3 парчиња на м2 до 12,3 парчиња на м2 што значи дека имаме производ за секого и за сечиј џеб.

Wienerberger e4 house concept e4 visualization with black roof

Со оглед дека работите под еден од најпознатите брендови на светскиот пазар, како може Винербергер Македонија да се претстави низ бројки? Што е главната причина за големината на компанијата и постигнатите резултати?

Винербергер Македонија е компанија која освен на домашниот пазар извезува и во: Бугарија, Косово и Албанија. Благодарение на добриот квалитет и сигурноста што ја нудиме на нашите купувачи ние сме една од 100-те најуспешни компании во нашата држава односно сме на 63-тото место по успешност во работењето. Посветеноста во нашето работење, вложениот труд од страна на нашите работници во производство на најдобрите ќерамиди на нашиот пазар, довербата од страна на нашите партнери и секако довербата на нашите крајни купувачи е единствениот пат за постигнување на резултатите кои ги имаме во моментов.

За крај, кажете ни каква иднина му предвидувате на градежништвото и кои се Вашите идни планови?

За жал ситуацијата во која нè доведе пандемијата од Ковид-19, градежништвото во нашата земја во 2020 бележи сериозен пад од најмалку 30 % и доцнење на стартот на градбите кое по принцип се прави во 3-ти и 4-ти месец од годината.  Очекувам во 2021 година да имаме стабилизација во градежниот сектор и секако очекувам сериозно подобрување во изборот на соодветните материјали за градба односно тренд за поквалитетни градежни материјали. Што се однесува до нашето производство, очекувам да има дополнителна модернизација на производството како и зголемување на производственото портфолио со нови производи кои се барани на пазарот.

image description

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top