Насловна / Вести / Увид на новата предлог-траса на гасоводот преку Водно

Увид на новата предлог-траса на гасоводот преку Водно

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, и директорот на Македонските енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, заедно со претставници на иницијативата „Го сакам Водно“, извршија увид на новата предлог-траса по која би поминувала гасоводната цевка преку Водно.водно

Новата траса од страна на МЕР е предложена со цел максимално да се заштити зелениот појас на Водно, а сепак во кус рок да почнат градежните работи на гасоводот, кој исто така ќе биде од голема корист за заштита на животната средина.

Вицепремиерот Анѓушев ја поздрави иницијативата на граѓаните за заштита на зелениот појас на Водно, при што истакна дека имал намера лично да ја помине трасата по која треба да се гради гасоводот и на самото место заедно со претставниците на „Го сакам Водно“ и директорот на МЕР да утврди колку зеленило и од кој вид се наоѓа на трасата.

„Невладините организации се коректив на работата на Владата и се уверив дека критиките и барањата на иницијативата ‘Го сакам Водно’ се делумно оправдани. Во однос на нивните барања Македонски енергетски ресурси подготви предлог на нова траса за изградба на гасоводот, во кој предлог максимално се избегнуваат површините покриени со шума, делумно ќе се користат и патчињата и патеките што веќе постојат, со што за 70 отсто ќе се намали влијанието врз зелениот појас во постапка на градење. Владата и МЕР прават максимални напори да се започне со изградбата на оваа делница, секое пролонгирање ќе има негативно влијание врз екологијата. Доколку се пролонгира изградбата на оваа делница за дополнителни 2, 3 или 5 години, тоа значи дека многу домаќинства ќе продолжат да ги загреваат домовите со дрва, а тоа значи дека многу повеќе шума ќе се сече за оваа намена отколку за изградбата на гасоводот“, потенцира вицепремиерот Анѓушев.

Вицепремиерот појасни дека изградбата ќе се изведува максимално внимателно, изведувачите за време на градежните работи ќе го заштитат секое дрво што не е на трасата на гасоводната мрежа, а воедно ги покани невладините организации да вршат надзор врз градежните работи.

Вицепремиерот и претставниците на граѓанската иницијатива договорија средба на почетокот на наредната недела, на која треба да се усогласат ставовите и да се прецизираат наредните чекори и динамиката на изведбата на гасоводот.

Испрати коментар

Scroll To Top