Насловна / Архитектура / Утре изложба „Јосиф Михаиловиќ – творец на модерното Скопје“ во МГС

Утре изложба „Јосиф Михаиловиќ – творец на модерното Скопје“ во МГС

На 15 ноември (петок) во 19 часот во Музеј на град Скопје ќе се отвори изложбата „Јосиф Михаиловиќ – творец на модерното Скопје“
Изложбата е посветена на основоположникот на модерно Скопје, кој со својата визија и стручност успеал да ги даде првите урбани правци во кои треба да се развива главниот град.

Јосиф Михаиловиќ (1887-1941) е роден во Тресонче. Тој бил градоначалник на Скопје од 1929 до 1936 година, а потоа во 1939 година повторно бил назначен за прв човек на градот, функција на која останува до крајот на својот живот кој трагично завршува во 1941 година.

04_Crven_krst

проектот „Домот на Црвен Крст“ во Скопје, проектант: Јосиф Михаиловиќ (1930)

Тој е архитект и џентлмен со визија, кој точно знаел што сака да направи и што е многу важно знаел како. Неговото велелепно образовани почнувајќи од Бигорскиот манастир, преку Скопје, Солун, Техничкиот факултет во Белград, усовршувањето во Италија, специјализацијата во Ајова, доусовршувањето во Париз и Лондон звучи фантастично. Тоа го можат само оние најталентираните, најпосветените и највредните.

Во текот на својот речиси десеттогодишен мандат, тој својата активност ја насочил кон модернизација на градот и неговото комунално уредување.

На почетокот на 1929 година, за да добие целосен приказ на состојбите во Скопје, тој повеќе пати го надлетувал градот и околината. По авионското снимање го изработил Генералниот регулационен план на Скопје и извршил геодетски премер на градот. За таа цел, бидејќи градот немал доволно кадри, Јосиф се вклучил во планирањето, проектирањето, мерењата и изведувањето на работите, а вклучил од околните школи за геометри 450 ученици и 25 дипломирани геометри на кои им била потребна работна пракса. Тие освен премер биле ангажирани и за попис на населението. Генералниот регулационен план го работел според идејниот проект на белградскиот архитект Димитрије Т. Леко, школуван во Цирих и Минхен. Леко во 1914 година ја добива првата награда на конкурсот за планот на Скопје.  По усвојување на Генералниот план во 1930 година Михаиловиќ се посветил на својата визија.

14_Matka

ХЕЦ „Матка“, лачна брана „Свети Андреа“, проф. др. Миладин Пеќинар (1938)

Со добро планирање за задоволување на потребите со електрична струја на градот изградена е термоцентрала под Кале, а потоа на реката Треска започнала и изградбата на хидроцентралата „Матка“, лачната брана „Свети Андреа“,(проф др. Миладин Пеќинар, пуштена во погон 1938). Во истиот период започнала изградбата и на водоводот Рашче кој е завршен во 1936 година и се поврзува со Скопје во 1937 година. За заштита на градот од поплава од водите на реката Вардар, го изградил насипот во Градскиот парк и ја извршил и регулацијата на реката Серава, која дотогаш ги полавувала населбите Чаир и Топана .

josifm

куќата на семејството Михаиловиќ денес Амбасада на Р. Албанија

За време на неговиот мандат твореле плејада квалитетни архитекти: Иван Артемушкин, Богдан Несторовиќ, Драго Иблер, Сотир Томовски, Милан Злоковиќ, Михаил Дворников и многу други. Изградени се повеќе објекти меѓу кои, училишта, општински згради, индустриски објекти, скулптури: Народното Собрание, Општинската зграда, Завод за осигурување на работниците, денес  Градската Болница,  Хигиенскиот завод денес во склоп на Клинички центар, Старата железничка станица, Народната Банка, Трговско-индустриската комора, Лекарската Комора, Домот на сојузот на инженерите и архитектите, хотелот „Јадран“, железничката зграда, Железничката станица,  Конзервната фабрика „Вардар”, фабриката за тутун, позната како Монопол, четири основни училишта, женска гимназија, сапунарата „Аеро“, подоцна „Цверан Димов“, армирано  бетонските мостови на Вардар, биле уредувани улици,калдрмисанисе 280 километра улици, направени 20 нови крстосници, формирани се  плоштадите „Крал Петар“, „Ослободување“ и „Слобода“, Золошката градина, двете коњанички скулптури на Антун Аугустинчиќ пред Камениот мост и многу други.

Јосиф Михаиловиќ се занимавал и со архитектонско проектирање. Позначајни негови реализирани објекти се: зградата на Црвениот Крст во Скопје (1930), Јавната берза на трудот (денес социјално), ја проектирал својата куќа во Скопје (1939), која државата 2010 година ја отстапува за Амбасада на Републик Албанија; Фабриката за текстил во Скопје (1939).

06_Javna_berza_na_trudot

Јавна берза на трудот (денес Социјално), архитект, Јосиф Михаиловиќ (1939)

Исто така се занимавал и со публицистичка дејност, ги издал книгите: „Улогата на нашите градови во електрификацијата на Југославија“, „Развитокот на градовите и населбите од ослободувањето до денес“, а одржал и предавање на 13. Конгрес на југословенските инженери и архитекти, одржан 1932 година во Скопје на тема „Важноста на науката за уредувањето на градовите (за урбанизмот)“.

jmihailovic0098

Граѓаните на Скопје особено го ценеле градоначалникот на Скопје кој знаел пеш или со пајтон да шета низ градот и да ги бележи сите проблеми.

Првиот човек на Скопје, Јосиф Михаиловиќ  починал на 11 март 1941 година, само еден месец пред почетокот на Втората светска војна. Тој починал на скопската клиника за време на хирушка интервенција на слепо црево. Грѓаните на Скопје достоинствено го испратиле до неговото вечно живеалиште, но за жал ни до денешен ден не е познато каде е гробот на овој голем скопјанец. Во погребната поворка која ја следеле повеќе од 15 илјади граѓани, голем дел биле облечени во мијачки народни носии. Целата церемонија траела повеќе од пет часа, а повеќе од 20 лица одржале проштални говори.

15_Isecoci_od_vesnici

По неговата смрт, неговото семејство, жена и ќерка, се сели во Белград. Неговата ќерка Мирјана Михаиловоќ исто така е архитект, починува 2007 година, како редовен професор на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград.

Print

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top