Фабриката Alessi
Во северна Италија, во гратчето Омена, во 1921 година започнува развојот на компанијата Alessi, фабрика што подоцна ќе стане едно од највлијателните имиња во европскиот индустриски и авторски дизајн. Основана од Giovanni Alessi, компанијата уште во своите рани години се истакнува со производство на метални предмети изработени со техничка прецизност и јасно дефинирана форма. Во 1935 година ѝ се приклучува Carlo Alessi, кој со својот креативен пристап ја проширува визијата на фабриката и го воспоставува темелот на нејзината препознатлива комбинација на индустриска технологија и рачна изработка.

Во текот на децениите, Alessi развива карактеристичен однос кон материјалите, користејќи ги како активни учесници во дизајнот, а не само како технички избор. Од полираниот не’рѓосувачки челик што станува симбол на фабриката во 1950-тите, до експериментите со дрво, стакло, порцелан и термопластика во подоцнежните години, палетата на материјали на Alessi ја следи еволуцијата на современиот дизајн. Овој пристап овозможува секој предмет да ја носи својата материјална приказна, било да е тоа студениот контраст на металот, топлината на дрвото или игривоста на обоената пластика. На тој начин материјалите стануваат составен дел од идентитетот на брендот и една од причините поради кои Alessi е препознатлив на глобално ниво.

Радикални промени и авторски дизајн
Трансформацијата на брендот започнува во 1970-тите, кога Alberto Alessi ја отвора фабриката за соработка со водечките дизајнери на 20 век. Achille Castiglioni, Ettore Sottsass и Richard Sapper се меѓу првите автори кои му даваат на брендот ново естетско и концептуално насочување, по што следуваат Philippe Starck, Alessandro Mendini, Aldo Rossi и Michael Graves. Со овие соработки Alessi станува пионер во промовирањето на идејата за авторски дизајн, каде секој производ има свој творец, визија и емоција. Во 1980-тите оваа филозофија се продлабочува со проектот Tea & Coffee Piazza, што го поставува новиот правец на дизајнот како форма на културен дијалог во кој сервисите за чај и кафе се третираат како мали архитектонски композиции.

Интернационални соработки и современа естетика
Во децениите што следуваат, Alessi воспоставува соработки со значајни имиња од светската архитектонска и дизајнерска сцена, меѓу кои Zaha Hadid, Frank Gehry, Toyo Ito, David Chipperfield, Kazuyo Sejima и Jean Nouvel. Овие проекти ја претвораат фабриката во интердисциплинарна лабораторија каде индустрискиот дизајн, архитектурата и уметноста се развиваат паралелно. Во овој период настануваат предмети што стануваат дел од глобалната култура на дизајнот, како соковникот Juicy Salif на Philippe Starck и отворачот за вино Anna G. на Alessandro Mendini, кои одамна ја надминале својата примарна функција и станале препознатливи симболи на модерниот дизајн.


Alessi денес
Повеќе од еден век по основањето, Alessi останува посветен на создавање предмети коишто го збогатуваат секојдневието со емоција и со визуелна острина. Нивната современа естетика е препознатлива во колекциите како Plissé, сетот Mami, еспресо-кафематите 9090 и Pulcina, како и во скулптуралните објекти од колекцијата Circus. Во основата на секој предмет стои идејата формулирана од Алберто Алеси: дизајнот треба да допре, да изненади, да врати спомен или да отвори ново чувство. Токму оваа филозофија ја одржува фабриката Alessi како значаен културен и дизајнерски фактор во современиот свет.



Чајникот Alessi 9093 – Michael Graves
Еден од најзначајните и најфасцинантни предмети во историјата на брендот е легендарниот чајник 9093, дизајниран во 1985 година од американскиот архитект и индустриски дизајнер Michael Graves. Познат првенствено по својот завршеток во форма на птица, овој модел подоцна добива и специјално издание со змеј, создадено како омаж на симболиката на Истокот. Змејот, кој традиционално претставува чистота, мудрост, заштита и среќа, ја збогатува формата на чајникот со нова наративна димензија.
Преку овој мал, но значаен детал, предметот добива карактер што оди далеку над практичната функција: станува мала архитектонска скулптура што внесува ритуал, игра и културна длабочина во секојдневието. Чајникот 9093 останува еден од најпродаваните и најиконичните производи на Alessi, јасен доказ за тоа како брендот што соединува фантазија, хумор и прецизна дизајнерска мисла, создава предмети што трајно се врежуваат во историјата на современиот дизајн.

Мелница Twergi Pepper Mill MP0210 – Ettore Sottsass
Alessi Twergi Pepper Mill MP0210 е мелница за сол и бибер изработена од дрво, дизајнирана од легендарниот италијански дизајнер Ettore Sottsass како дел од колекцијата Twergi. Колекцијата започнува во 1989 година со идеја да ја оживее традицијата на токарено дрво од регионот каде што е базиран Alessi и да ја претвори во современ дизајнерски јазик.
Мелницата е изработена од буково дрво и се истакнува со својата скулптурална, органска форма. Меките линии и заоблените силуети се пријатни на допир, а комбинацијата на интензивни бои како црвена, жолта, црна или бела внесува визуелна живост што ја издигнува мелницата над нејзината основна функција.
Функционално, MP0210 служи за мелење бибер, сол и разни зачини, но во духот на Alessi таа никогаш не е само алатка. Кога не се користи, делува како декоративен предмет, како мала дрвена скулптура што ја збогатува атмосферата во кујната или во трпезаријата.
Со овој дизајн Sottsass и Alessi покажуваат дека и најобичниот секојдневен предмет може да стане израз на креативност, боја, форма и традиционална изработка. Twergi MP0210 е доказ дека функционалноста и естетиката можат природно да се надополнуваат, создавајќи предмет кој стои на границата меѓу дом и дизајн-уметност.

Чајник Hot Bertaa – Philippe Starck
Hot Bertaa, чајникот на Philippe Starck од 1990 година, претставува уште еден авангарден и еден од најконтроверзните дизајни во каталогот на Alessi. Со својата скулптурална, речиси футуристичка силуета и необичен вертикален излив, овој предмет е инспириран од органски форми и ја поместува границата меѓу уметност и функционалност.
Иако не успеа да стане комерцијален бестселер, Hot Bertaa прерасна во култен објект меѓу љубителите на дизајн — симбол на храбрите експерименти на Alessi во 1990-тите и јасен пример за визионерскиот пристап на Starck, кој без страв го редефинира начинот на кој секојдневните предмети можат да изгледаат и да се доживуваат.

Merdolino Toilet Brush – Stefano Giovannoni
Merdolino, четката за тоалет дизајнирана од Stefano Giovannoni во 1993 година, претставува еден од најигривите и најкарактеристични дизајни во каталогот на Alessi. Со изглед што потсетува на младо растение засадено во саксија, овој предмет свесно ја разложува границата меѓу утилитарното и емоционалното, внесувајќи хумор и топлина во категорија што речиси никогаш не се поврзува со дизајн. Формата е намерно наивна, речиси детска, што го прави Merdolino парадоксално смел: токму со ова играње со симболика Alessi ризикува да претстави секојдневен санитарен предмет како дизајнерско парче.
И токму во тој ризик лежи неговата вредност. Merdolino прераснува во култен пример за тоа како интелигентниот, разигран дизајн, може да трансформира објект што обично се сокрива, во нешто што без задршка може да стои на видливо место.

Автор: Ангела СТЕФАНОВСКА, дипл. инж. арх.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија